ИВАН БОСИЉЧИЌ ПОВТОРНО КАЈ НАС: Музички времеплов и светска поезија со популарниот српски актер

Добивај вести на Viber

Со својот авторски проект „Неколку стихови за нас“ на 27 и на 28 април ќе се претстави во МОБ, а на 29 април ќе гостува во Струмица. Со македонските фанови последен пат се дружеше пред три години во Универзална. Тогаш откри дека за концертите често одбира песна од Тоше Проески, но и дека стиховите на Анте Поповски го оставаат без здив

Популарниот српски актер и мултимедијален уметник Иван Босиљчиќ на 27 и на 28 април повторно ќе се претстави пред скопската публика со својот авторски проект „Неколку стихови за нас“. Претставите ќе се одржат во големата сала на Македонската опера и балет, а со истото шоу Босиљчиќ на 29 април ќе гостува и во Струмица, дознава „Женски Магазин“.

Станува збор за музичко-поетска вечер, а програмата која е комбинација од различни уметнички форми опфаќа обработки на популарни музички теми од 60-те години на минатиот век до денес, филмска музика, руски романси и современ поп, испреплетени со поезија од реномирани регионални и светски имиња.


Овој невообичаен перформанс популарниот театарски, филмски и ТВ-актер го осмисли уште во 2009 година и за кратко време стана хит во регионот. Последен пат македонските фанови имаа можност да го проследат пред три години во Универзална сала. На тоа гостување тој откри дека секогаш кога патува на Света Гора, токму Скопје му е попатната станица. Најчесто останува два дена, ужива во друштво на пријателите, но и во нашата традиционална кујна која ја обожува.

- За концертите често одбирам и песна од Тоше Проески. Благодарение на албумот „Божилак“ ги научив сите македонски изворни песни, иако многу од нив знаев и претходно. Секој уметник треба да се огледа на Проески. Исклучителен талент кој живееше скромно и побожно. Ги славеше љубовта и семејството и затоа на секој празник во мојот дом секогаш има простор за неговата музика–раскажа ѕвездата од сериите „Ранетиот орел“ и „Ургентен центар“.

На претстојните настапи во Скопје и во Струмица најверојатно ќе рецитира и стихови од Анте Поповски за кои во една прилика изјави дека го оставаат без здив.

Иван е сопруг на популарната српска пејачка Јелена Томашевиќ која во 2008 година ја претставуваше Србија на „Евросонг“.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов