Ивана Мангароска: Денот ми почнува во пет часот наутро

Добивај вести на Viber

Со одредени принципи во секојдневието, па и во животот, полесно се прават вистинските избори, со помалку простор за импровизација. Искреноста и лојалноста се особините кои ги поседува Ивана Мангароска (38), и ги негува. Водителката на утринската програма на телевизја Телма е мајка на Олег(7) и Гаја (3).

Се будам со мислата... да го направам продуктивен денот, во неговото времетраење да останам расположена, но и свесна за секој миг кој го живеам. Со оваа професија, се сретнувам секојдневно со многу луѓе, секој со свој карактер и енергија, и вистина научив дека треба свесно да го примиш тоа што ти треба, но и да го отфрлиш тоа што не ти треба.


Утрото ми почнува ... со ритуалот кратка медитација и утринско кафе, без кои не можам да го започнам денот, кој ми почнува во 05.00 часот. Ги подготвувам децата за на училиште и градинка и се подготвувам за на работа. Но, тоа е и мојот омилен дел од денот, каде сум сама со себе и во тишина, што понатаму во денот е реткост.

Смеј се, тоа е лек за душата... а мојата насмевка е одраз на детето во мене. Во денешно време, за жал, ќе речеме тешко е да се насмееш. Но, сметам дека секој од нас треба да најде повеќе причини кои ќе му изнудат насмевка на лицето. Се обидувам и кога можеби не ми е до смеење, да не дозволам да помине денот барем без една насмевка. Насмевката е мелем за душа, и таа може да го осветли и најмрачниот ден.

Сега го живеам периодот од живот кој е исполнет со... многу обврски, но и многу задоволства истовремено, за што сум вистина благодарна. Работата сама по себе изискува време и труд, ама тука се и оние убави секојдневни моменти со колегите кои заедно ги создаваме. Со семејството, од друга страна, креираме скапоцени моменти и денови кои никогаш не се враќаат. Се трудам и за најмалите ситници и ситуации поврзани со децата да бидам присутна и да ја доживеам вистинската вредност која ја имаат токму тие моменти.


Моето прво појавување пред камерите од оваа дистанца го доживувам како... нешто што почнало како детска игра, забавно и истовремено едукативно искуство. Тоа пак спонатно, ми го одредува патот кон мојата сега животна професија. Многу денови од детството ги поминав пред тв камерите, среќна сум што имав можност за едно такво искуство уште од мали нозе.

Да се работи секој работен ден подразбира... да се биде исполнет. Особено, ако вистински ја сакаш работата која ја работиш. Движечка сила е креативноста и волјата, се трудам секој ден да имам дури и најмала цел, но да ја остварам и задоволна да го завршам денот.

Пријателство во оваа професија постои, но секогаш има исклучоци... Соработката и пријателството речиси со сите мои колеги низ годините и сега е одлична. Компромисите, меѓусебното разбирање, колегијалноста се најважни кога се во прашање односите со колегите. Дури и да има некаков конфликт, тоа се надминува и брзо се враќаме во нормала, што е апсолутно неопходно и за успешноста и продуктивноста во работата.


 Најмногу ме разочаруваат... неправди и непрофесионалност. Гледам во такви ситуации разочарувањето да не настапи бргу, ги согледувам сите аспекти, и кога сепак ги има, тогаш можам да се разочарам, но да не останам долго во таа состојба, туку едноставно да извлечам поука, да запознаам некого или нешто подобро од што сум мислела дека знам и се разбира искуство плус.

 Реагирам на критики... сосема нормално. Критиките се некогаш многу поконструктивни од комплиментите. Со искрени и добронамерни критики секогаш можеш да бидеш подобар.Критиките за мене се мотивација, нешто да се смени кон подобро. Како би знаеле дека некогаш нешто не правиме како што треба ако не се критиките кои треба да се прифатат со стишено его.

Понекогаш се плашам дека нема да стигнам да го направам сето тоа што го замислувам...многупати сум се почуствувала така со оглед на многубројните овбрски кои ги имам во текот на денот, чие исполнување исклучиво зависи од мојата одговорност и организираност. Но, сфатив дека тоа е стрес кој не треба да си го приредувам сама на себе,туку едноставно да го органзирам времето согласно сите активности, лични и професионални.


Особина која најмногу ја сакам и ја поседувам е ...принципиелност и лојалност.Со одредени принципи во секојдневието, па и во животот, полесно се прават вистинските избори, со помалку простор за импровизација. Искреноста и лојалноста се особини кои ги имам, ги негувам и сметам дека се клучни кај и да си и со кого и да си. За себе и за тие околу мене.

 Ги почитувам луѓето кои... знаат што сакаат, целат кон тоа и никогаш не се откажуваат, без разлика колку пати доживеале неуспех. Токму тоа е мотив плус за секој следен чекор. Во денешно време неопходно е да постојат вакви примери кои сведочат дека ништо не е невозможно и дека секој сон е создаден да се оствари.

Улогата на мајка ја доживувам... како најубавото нешто што ми се случило во животот.Улога која комплетно го промени, но и вистински го исполни мојот живот и мене како личност. Доживотна улога во која бескрајно уживам и му благодарам на Бога за моите две сонца, но и за силата и енергијата која и е потребна на секоја мајка, а изворот е токму љубовта. 


Мојот сопруг ме освои со... спотаност и весел дух. Понатаму запознавајќи ги и останатите особини кои ги ценам, а го карактеризираат како личност. Особини кои не прават компактибилни, за да уживаме во различните задоволства и интереси, но и полесно да ги поминуваме предизвиците кога одвреме навреме наминуваат.

Основа на мојот брак е... љубов и доверба, а ќе ја додадам и поддршката. Тоа ја прави основата цврста, да ниедна причина не биде доволно силна да ја разниша. Меѓусебната љубов и инвестирањето во бракот со труд и внимание би рекла дека е формула за негова одржливост.


С.А.Н