Изберете парче што ви носи насмевка на лицето и бидете различни од останатите: Интервју со Славица Басаровска од „Линеа“
„Линеа“ како моден бренд и како фирма постои
од 1995-та година, основана од Стамен Трајанов, а во моментов функционира како
фамилијарен бизнис во кој се вклучени Славица Басаровска како креативен
директор и нејзините двајца браќа Петар Трајанов како директор на продажба и Стефан
Трајанов како одговорен за производство.
Ако некогаш ова беше бренд за деловната жена од 45 години и повеќе, денес многу често и девојчиња од 25 години се пронаоѓаат во модерните модели, особено кога започнуваат со својата работна кариера и имаат потреба од соодветна гардероба која ќе ги представи во деловниот свет на најсоодветен начин.
Токму со дамата на „Линеа“, која уште во средношколските денови, секое слободно време го користи за да биде во фирмата и да учи како се користат машините за шиење, за кроење и за везење, па со таа цела завршува и факлутет во градот на модата- Милано, разговараме за нејзината љубов кон модата, како и за еден од најпознатите модни брендови меѓу жените во нашата земја.
* Како започна приказната на модниот бренд „Линеа“?
- Приказната за модниот бренд „Линеа“ започнува во 1995-та година, кога во една голема хала и поглед во зеленило започнаа да работат 30-тина вредни жени правејќи ја приказната за „Линеа“. Во тој момент имаше вработено неколку дизајнери коишто внимателно бираа кои бои ќе бидат застапени во следната сезона. Со ова уште од самите почетоци, ние ги одредувавме боите, а производителите на материјали ги боеја исклучително за нас, што беше особено препознатливо за „Линеа“. На истиот начин и денес функционираме.
* Што е потребно за да се стане бренд меѓу модерните дами?
- Секоја жена сака да биде различно облечена од останатите. Моделите на „Линеа“ се карактеризираат со тоа што во секој чекор на нивната изработка, од самото креирање, до продажбата во бутиците е внесено многу енергија и љубов. Ова е со цел да се овозможи посебно искуство на жените кои ги носат моделите на „Линеа” и да ја почувствуваат различноста во самите себе. Како пример ќе го истакнам процесот на формирање на колекцијата, каде освен боите исто така и дезените се правени само и исклучително за потребите на истата. Конструкцијата на кроевите се работи на начин да ги сокријат недостатоците на жените, а да го истакнат она што би сакале. Боите и дезените вешто се искомбинирани во моделите на „Линеа“, за жената кога ќе го облече, да се чувствува различна, со свеж и современ изглед. При изборот на материјали, се трудиме да бидат безвременски, поради што многу често денес наидуваме на коментар од девојчиња од помладата генерација коишто носат некој производ од својата мајка која го купила од „Линеа“ пред 20 години и се уште е како нов.
* Колку луѓе работат во фирмата, дали претежно работат само жени, бидејќи станува збор за женски бренд?
- Хаха. Да, повеќето се жени, но не знам дали би можеле без мажите. Во моментов „Линеа“ брои околу 200 вработени, од коишто има и такви кои се со нас од самите почетоци.
* Која е пораката која ја носи „Линеа“?
- Секогаш избирајте го она што ви носи насмевка на лицето и продолжете да бидете различни од останатите. На тој начин ја развивате креативноста не само кај вас, туку и кај оние околу вас.
* Зошто ја сакате модата, што претставува модата за Вас?
- Јас израснав со модата. Од 1995-та година, од мои 15 години, сите следни години бев опкружена само со модни списанија и материјали. Постојано ме учеа дека треба да живеш со материјалите и да ги чувствуваш нивните карактеритики и толку се имав навикнато постојано да ги анализирам материјалите околу мене, што имав ситуации додека разговарам со некоја другарка, мојот поглед да залута за момент, а таа ќе престане да зборува и ќе ми каже, знам дека се фокусираш на материјалот во моментов.
Според мене модата е парче облека, изработено од правиот материјал во правото време и со оправдана цена. Таквото парче облека долго ќе биде дел од вашиот плакар, за долго да ја чувствувте емоцијата што ја дожиеавте првиот пат кога го видовте. Не сум сигурна дека целата количина на облека што во моментот се продава насекаде и која едноставно мораме да ја фрлиме после првото облекување е мода. Живеам за моментот кога повеќе луѓе ќе го увидат ова.
* Како би го опишале Вашиот стил на облекување, и дали „Линеа“ влијае и го надополнува истиот?
- Колку јас влијаам на стилот на „Линеа“ и колку „Линеа“ влијае на мојот стил, можам да кажам дека е изедначено. Додека мојот стил влијае на „Линеа“ во деталите и едноставноста, „Линеа“ влијае на мене при изборот на квалитетот и специфичноста на моделите кои ги бирам за себе. Многу е интересно дека до пред 2-3 години не сакав да шијам за себе по мерка, сакав парче облека купено во бутик. Всушност така не учеа на факултетот во Милано дека треба на себе да чувствуваме што е тоа што го работат другите во индустријата. Но во еден момент кога почна да станува се потешко и потешко да најдам нешто квалитетно за себе, тоа беше клучниот момент кога почнав да ги носам моделите на „Линеа“ како нешто најдобро што можам да најдам на пазарот.
* Дали можеби се забележува Ваш печат во моделите?
- Секако дека се забележува и со текот на времето ќе приметите дека се повеќе ќе се забележува.
* Омилено парче облека од „Линеа“? Во што се чувствувате најудобно?
- Во многу вискозни блузички, маици и фустани, особено во летниот период.
* Кои безвременски парчиња мора да се најдат во гардероберот на една жена?
- Есенска сезона не можеме да замислиме без црна и тегет како основни бои за панталони, здолништа и сакоа. А од оваа сезона, кафеавата истотака ќе ни постане задолжителна и керамидестите тонови на блузи и фустани. Додека после Нова Година, не заборавајте на беж бојата и на белата за панталони, здолништа и сакоа, коишто идеално ќе ви се нјадат за повеќето комбинации на опуштените летни тонови на блузи и фустани.
* Како дама која следи и се занимава со моден бренд, кои се Вашите предлози за нашите читателки. Што мора да имаат, а какви модни грешки не смеат никогаш да направат?
- Наша препорака е секоја сезона да се додаде или замени некое парче од основните модели, и да се додаде по некое дезенирано парче облека, за да се добие на разновидност. На тој начин со најмалку финансии добивате нов изглед на вашиот гардеробер. И внимавајте што купувате, не избрзувајте со одлуката да се купи било што, подобро промислете ја одлуката и изберете го тоа што подолго ќе ве прави среќна.
* Што Ве мотивира низ животот?
- Фактот дека со постоењето на „Линеа“ ја одржуваме насмевката кај жените.
Даница Караташова