Изложба на визуелниот уметник Страхил Петровски во Мала станица

Добивај вести на Viber

Во четврток на 24. октомври со почеток 20.00 часот во Мала Станица пред скопската јавност своја изложба ќе има македонскиот визуелен уметник Страхил Петровски на тема “Ехoа од иднината”.

Проектот е составен од три целини, во кои авторот имплементира повеќе визуелни медиуми: објекти, “ready-made” предмети, “found objects”, инсталации, фотографија, видео и видео перформанс, аудио запис, текстови и интервенции во просторот на галеријата кои функционираат како одделни дела со сопствена интимна “приказна”. Авторот ја претставува својата потрага по личниот идентитет во лавиринтите на динамичната и конфузна технолошка денешнина на информациски хаос обременет со наталожените слоеви на традицијата уште од неговите претходни визуелни остварувања, па се до денес, а се чини дека на извесен начин овие прашања се постојано присутни како своевидно продолжение на една секогаш актуелна Диогенова потрага по човекот. Како што самиот уметник потенцира, овој проект е негова субјективна реакција и рефлексија на она што ни се случува во ова проблематично и турбулентно време, време на конфликти од секаков тип, политички превирања и разлики; време на изместени вредности, бескрупулозност, континуиран страв и притисок од сите страни, хаос кој речиси секогаш е неповратен, време на кризи кои влијаат на виталноста на целата планета. –изјави кураторот Маја Чанкуловска - Михајловска

Страхил е роден во Куманово, 1974 година и е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство во 1997 година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” - Скопје, Факултет за ликовни уметности, во класата на ред. проф. Родољуб Анастасов, по што во 2000 година завршува постдипломски студии на истиот факултет кај истиот ментор. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видео уметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како пост концептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство.
Член е на ДЛУМ од 1997 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. Работи како советник конзерватор-реставратор во НУ Национален конзерваторски центар - Скопје.

Добитник e на неколку значајни награди од областа на современата ликовна уметност.