Ја послушав ќерка ми и ја напишав најчитаната книга: Интервју со Јелена Бачиќ Алимпиќ

Добивај вести на Viber

На крајот на јуни, излегува нејзиниот единаесетти роман, „Јас не сум виновна“, најпрво во Србија, а потоа како што таа се надева и во Македонија. Јелена Бачиќ Алимпиќ е личност за која веднаш ќе почувствувате како да ја познавате одамна, дури и да не ја знаете лично. Од „Рингишпил“ преку „Последната ноќ во Париз“ и сегашниот роман, за емоциите кои ги пренесува низ ликовите и преку секој напишан збор, нејзините верни читатели веднаш се „лепат“. Секоја нејзина нова книга руши рекорди на читаност. Јелена пак, која е поранешен новинар и водителка едноставно вели дека не планирала дека по „Рингишпил“, и други книги ќе се „завртат“ околу срцата на луѓето. Во нејзиното срце, долги години е сопругот Мирослав, ќерката Дуња и синот Марко кој наскоро ќе се жени.

*„Некој друг друг живот“ е вашиот јубилеен, десетти роман, наскоро излегува и единаесеттиот. Тој јубилеј некако се совпадна со друг, десет години од вашиот прв роман „Рингишпил“. Кога го напишавте „Рингишпил“, дали планиравте, сонувавте дека нема да застанете тука, дека публиката да бара повеќе книги од вас и дека ќе имате волја и инспирација да продолжите да пишувате?

- Како што успехот на моето литературно деби беше неочекуван за мене, така и не планирав да пишувам во иднина. Навистина сè се случи спонтано, јас сум многу благодарна за огромниот успех што го постигна „Рингишпил“, а потоа и за сите други книги што ги напишав.


* Близначките Ирена и Марта и тајната на нивниот татко се во центарот на настаните во десеттиот роман. Како настана оваа приказна што овојпат се случува во Амстердам?

- Создадена е благодарение на мојата ќерка Дуња, која е голем љубител на филмови од жанрот психолошки трилери, па еден ден ме праша: „Мамо, зошто не се обидеш да напишеш психолошки трилер, мислам дека тоа би го направила одлично“. Ја послушав и при една моја посета на Холандија, каде што студира таа, идејата за приказната, за романот „Некој друг живот“, се роди прилично спонтано.

*Наскоро ќе го промовирате и новиот роман, веќе на крајот на јуни. Можете ли да го споредите со првиот, со „Рингишпил“, да им најдете некоја сличност, и воопшто што е по вас заедничко во сите ваши книги, што е она нешто што е само ваше и ве обележува како писател?

-Најновиот роман што ќе се најде во книжарниците во Србија на 28 јуни се вика „Јас не сум виновна“, и тој апсолутно нема никаква сличност со „Рингишпил“.  Жанрот е различен, тој е многу побрз, местото на дејствување и епохата се сосема различни. Но, она што е вообичаено во сите мои книги е пораката што тие ја носат, а тоа е дека животот е дар од Бога и дека вреди да се бориме по секоја цена. Мислам дека читателите ме препознаваат како писател по стилот во кој пишувам и, пред сè, по емоциите што несебично им ги давам во секоја книга, односно на нив.

*Дали некоја лична приказна ви беше инспирација во создавање на некоја од книгите?

-Да, во „Писмото на г-ѓа Вилма“, но не баш. Јас го надградив и го измислив, но хероините од тој роман ги зедоа имињата на моите предци, баба ми Гизела Јакоб и нејзината сестра Вилма Јакоб. Значи, има еден дел од моето семејно минато во тој роман, но не сосема.

*Како детство и какви тинејџерски денови имавте?

-  Прекрасно детство и бурни тинејџерски денови. Но, тоа беше среќно време без социјални мрежи, без мобилни телефони, време кога се дружевме многу повеќе и си посветувавме внимание едни на други.


*Кога ќе се сетите на вашата младост и на почетокот на љубовта со сопругот, кои ви се најубавите спомени од тоа време?

-Безгрижност. Додека не се родија децата, фала му на Бога за тоа. Но, тогаш започна грижата,  стравот за нивното добро, покрај големата љубов.

* Пандемијата погоди многу гранки, многу бизниси, колку страдаше вашиот? Дали можеби им ова зло на авторите им направи ако може да се каже добро, затоа што луѓето беа повеќе дома и имаа повеќе време да читаат книги?

- Во мојот случај, нештата не се сменија многу, што се однесува до работата. Но, се разбира, сите бевме погодени од пандемијата, која конечно стивнува. Моите читатели продолжија да купуваат и да читаат книги, за што сведочи и фактот дека романот „Некој друг живот“ беше најчитаната книга во Србија во 2020 година.

*Како го поминувавте времето изминатата година,  дали научивте нешто од ова „ново нормално“?

- Да, по стоти пат помислив дека треба да бидеме благодарни пред сè за здравјето, а потоа и за сè што ни дал Бог, дури и за она што не ни го дал.

*Успеавте ли да се заштитите од коронавирусот, дали се вакциниравте?

- Имав доволно среќа да ја избегнам болеста и се вакцинирав пред три месеци.


*Како се вашата ќерка и вашиот син, колку години имаат сега, со што се занимаваат?

- Марко наскоро ќе наполни 27 години и многу ме израдува со веста дека на есен ќе „стапне на лудиот камен“. Тој се сврши со својата долгогодишна девојка и јас бесконечно ѝ се радувам на нивната среќа. Тој работи за американска фирма како менаџер, но откако започна ова зло на пандемијата, тој работи онлајн, од дома. Дуња успешно ја завршува својата втора година на студии на Државниот универзитет во Холандија и едвај чекам да се врати дома во втората половина на јуни.

*И покрај тоа што имате возрасни деца, дали сте строга мајка и колку може да биде помала или поголема грижата на мајката кога децата се возрасни?

- Како што растат децата, грижите се множат. Никогаш не бев строга мајка, не сум ниту денес, но познати се границите до кои можат да одат децата. Она што за мене како мајка е најважно е дека моите деца прераснаа во прекрасни, добро воспитани, паметни и успешни млади луѓе и дека си го трасираат патот за себе низ животот без моја помош и помошта од татко им. 

* Дали ви недостига новинарството, телевизијата и камерите од „другата страна“, и дали имате пријатели од светот на естрадата која беше во вашиот фокус кога бевте новинар?

-Не, не ми недостасува новинарството, но ми недостигаат колегите, луѓето со кои работев многу години. Што се однесува до естрадните личности, јас сум пријател со Гоца Тржан многу години, го негувавме тоа пријателство повеќе од 20 години и верувам дека ќе се дружиме барем уште толку.

Милица Џаровска