Ја празнуваме Светата великомаченичка Анастасија Узорешителница: За многу години
Насловна фото: Denovi.mk
Денеска, според верскиот календар на Денови.мк ја празнувама Светата великомаченичка Анастасија Узорешителница и другите со неа.
ТУКА прочитајте кое е значењето на името и какви се оние кои го носат.
*Оваа славна ревнителка на Христовата вера се роди во Рим, во дом богат и сенаторски, од татко паганин и мајка христијанка. Уште како млада се приврза со љубов кон Господа Исуса, а во Христовата наука ја раководеше благочестивиот учител Хрисогон. Принудена од татко ѝ, стапи во брак со некој незнабожечки велепоседник Публиј. Под изговор на женски болести, никако не сакаше да влезе со него во телесна врска. За ова мажот ѝ горчливо ја мачеше со затвор и глад. А уште поголеми маки ѝ наложи кога дозна дека таа тајно ги посетува христијанските маченици по затворите, им носи понадици, ги служи, им ги мие раните, им ги одврзува јажињата (заради што е наречена Узорешителница, односно онаа која ги одврзува јажињата). По Божја Промисла беше ослободена од свирепиот маж - царот го испрати Публиј во Персија, а тој патувајќи по морето потона. Тогаш светата Анастасија почна слободно да им служи на мачените христијани и своето големо наследство да го троши делејќи им милостина на сиромасите. Еднаш, царот Диоклецијан беше во градот Аквилеја и нареди да му го доведат Христовиот исповедник Хрисогон. Него по патот го придружуваше света Анастасија. На заповед од царот, на светиот Хрисогон му ја отсекоа главата. Тогаш пострадаа и трите сестри Агапија, Хионија и Ирина (под 16 април): првите две беа фрлени во оган, а третата прострелана со стрела. Нивните тела ги зеде светата Анастасија, ги завитка во бело платно и откако ги обложи со многу аромати чесно ги погреба. Потоа отиде во Македонија и таму им помагаше на Христовите страдалници. Овде ја препознаа како христијанка, и заради тоа ја фатија и ја водеа на сослушување и мачење кај разни судии. Сакајќи да умре за возљубениот Христос, Анастасија непрестајно во срцето ревнуваше кон Него. Еден началник на жреците Улпијан сакаше сладострасно да ја оскверни, но одеднаш ослепе и издивна. Осудена на смрт со глад, света Анастасија прележа во затворот триесет дена без храна, хранејќи се единствено со солзи и молитва. Потоа ја ставија на кораб со уште неколкумина христијани за сите да ги потопат, но Бог ја сочува и од таа смрт. Најпосле ја положија над оган, да виси приврзана со рацете и нозете со четири јазли, па ја предаде својата света душа на Бога. Пострада и премина во Христовото Царство во 304 година.
Извор: Денови.мк