Јана Бурческа за Евровизија зад сцената: Главна рута хотелска соба -арена, технички проби од 7 часа, прес конференции и ноќи без сон
Евровизија е уникатно и индивидуално искуство за секој артист. Toa што ги обединува сите учесници е љубовта кон музиката и изложеноста на љубовта на фановите кон фестивалот. Tаа фан-база е навистина посебна и сосема оправдано се вели дека Евровизија и евровизиската заедница се едно големо семејство. Според Јана Бурческа која ја претставуваше Македонија на овој настан, во Украина во 2017 година, да се биде учесник во најголемото телевизиско шоу во Европа е многу возбудливо, но истовремено тоа е и огромен предизвик.
-Дури може да се каже дека за изведувачи кои во своите матични земји немаат простор каде да настапат на слична сцена како евровизиската, предизвикот е незамислив. Затоа, по моето евровизиско искуство заклучив дека во иднина помалку ќе се “излетувам” со коментари за нечие успешно или неуспешно претставување и сметам дека тоа е единствениот вистински начин бидејќи Евровизија најдобро ја познаваат и можат да ја разберат оние кои биле таму. За еден евровизиски претставник Евровизија трае многу подолго од три минути на сцена во пренос во живо. Патувањето започнува уште со изборот, а можеби и пред тоа доколку, тој се изведува по пат на конкурс. За мене лично, евровизиската патешествие започна во ноември 2016 кога бев интерно селектирана од МТВ. Потоа следеше преслушување на повеќе од 200 песни кои што беа прибавени по пат на јавен повик со цел да стигнеме до Dance Alone. Подготовките за студиското снимање и изведба на песната се подразбираат. Во меѓувреме одговарав на десетици интервјуа во земјата и светот, писмено, телефонски и со физичко присуство, се организираше и реализираше снимањето на видео записот и се подготвуваше настапот. Сето ова беше врзано со рокови, а најважниот беше 10 март кога се промовираше Dance Alone пред јавноста и датумот до кој мораше да заклучи сценскиот настап во евровизискиот систем – открива Бурческа, која иако многу се радувала на Киев како дестинација, не успеала да го доживее во полн сјај.
-Мојата рута генерално беше патот од хотелската соба до арената. Временскиот распоред беше интензивен и строг и не дозволуваше доцнење. Во текот на двете евровизиски недели во Киев се реализираа две технички проби кои што во целост траеја по 6-7часа затоа што вклучуваа претходни подготовки како и консултации и корекции пост- проба. Две проби со публика од кои втората е фамозната проба на која што гласа жирито. Следуваше свеченото отворање, односно црвениот килим кој што таа година влезе во Гинисовата книга на рекорди како најдолг во историјата и сето ова беше проследено со официјални прес конференции и дополнителни прес активности, средби со други делегации и официјални настани во нивна организација – посочува пејачката.
Со оглед на фактот што имала можност Евровизија да ја проследи како новинар во Тел Авив, Израел во 2019 година и како член на делегацијата на Тамара Тодевска, кога постигнавме историски резултат за нашата земја, дополнува дека и од аспект на работата, предизвикот е подеднаков, ако не и поголем споредбено со оној музичкиот.
-Едно чудо административна работа, координација на ниво на национални радиодифузери, секојдневно ажурирање на програмата на МТВ со актуелности, ноќи без сон и монтажа и превод на безброј изјави и прилози за Тамара до раните утрински часови заедно со мојата омилена Александра Јовановска. Зборував многу за Евровизија и секогаш имам чувство дека недоволно кажав, но и потреба на кратко да заклучам – станува збор за една исклучително тешка работна задача која што можеби некогаш гледачите ја потценуваат, па затоа би повикала на поголема поддршка и разбирање за секој иден претставник со надеж дека следното појавување на Македонија на фестивалот ќе биде национален и европски успех – успех кој не секогаш се мери со пласман, но и со она што го оставаме како наследство во историјата на фестивалот.– дополнува Бурческа.
Шест години по настапот на Евровизја и изведбата на Dance Alone, Јана ја промовираше песната Home Alone.
-Претходно не се чувствував емоционално и музички подготвена повторно да се активирам на сцената. Имав неколку обиди, но дојдов до заклучок дека упорно го “бркам филмот” на Dance Alone што во суштина беше контрапродуктивно за мене, бидејќи тој филм не кореспондираше со она што вистински го чувствувам и носам во себе како емоција. Кога го освестив иприфатив ова, создавањето нова музика стана значително полесно и Home Alone се роди баш со леснотија. Претпоставувам ова е случај секогаш кога уметникот се води од вистинска и искрена емоција.Текстот и мелодијата ги напишав сама, а се посветени на стравовите, самотијата и ослободувањето на крајот. Драги Иванов е човекот који даде музичка позадина на емоцијата која сакав да ја пренесам, целосно ме разбра и дополнително ме насочи со цел да извадиме максимум од приказната и за тоа сум бескрајно благодарна. Песната беше мастерувана во Германија од платинест мастеринг инжињер Рој Реклиз. Видео записот за Home Alone од мене извади некоја нова страна и особено сум горда на мојата драмска изведба и тоа што си го следев инстинктот во конекст на сценарио и сценографија, но и горда што го избрав токму Ѓорги Вацев да го реализира сето тоа бидејќи ми испорача финален производ токму како што си го замислував. Огромна благодарност и до сите креативни ентузијасти кои што се вклучија во проектот, мои долгогодишни соработници и пријатели: Митко Занов, Ивана Деловска,Лазар Зафировски и Петар Петковски, Димитар Бабков, Елена Василева и Ангела Димитрова - заклучува пејачката.
Нејзини фаворити на годинешната Евровизија која се одржува во Ливерпул, Англија се претставниците на Шпанија како најавтентични, на Шведска затоа што ќе ја претставува Лорен, пејачката на Ерменија за која вели дека е исклучително симпатична и Марко од Италија, бидејќи носи нешто инвентивно и посебно.
Соња Алексоска Неделковска