Јана Серафимова Петровска: Дома на двата телевизори се гледа само спорт

Добивај вести на Viber

Убава, елоквентна, културна и професионална. Јана Серафимова (30) е автор и водител на емисијата „Фер-плеј со Јана“ и уредник и презентер на вестите од спортот на Телевизија Телма. 

Месецов, Сојузот на спортови на градот Скопје ѝ додели признание за спортски новинар, поради начинот на кој го промовира и му дава поддршка на спортот со својата работа. 

Потекнувам од семејство во кое спортот има... значајна, голема улога. Речиси сите во семејството макар рекреативно се занимаваат со спорт. А дома, два телевизори, на двата – спортски пренос. Може да се каже и дека ни е начин на живеење, една од омилените теми. Сите следиме и сакаме спорт, иако единствен кому спортот/фудбалот му е професија е мојот брат, Никола. Неговите натпревари ги следиме без исклучок, посебно убаво (и стресно) е кога го гледаме да игра, особено за репрезентативен дрес. И секако, секогаш кога има прилика сме заедно на трибини.  

Моите сеќавања за детството се... среќни и убави. Моите родители, но и поширокото семејство се заслужни што јас и мојот брат растевме безгрижно и ги имавме сите услови за да си ги исполниме соништата. Никогаш разгалени, објективно од мали научени дека постои и треба да се употребува зборот НЕ или НЕ МОЖЕ, но секогаш поддржани и со љубов растени. Најсилна асоцијација за детството дефинитивно ми се семејните собири, а една од работите на кои сум најблагодарна е што во детството изградивме блискост со роднините, братучедите, затоа што растевме заедно и таа блискост ја имаме до ден денес. Детството ми е во голема мера врзано со свирењето клавир и музичкото училиште, а несомнено и дружбите во мојата населба - Ново Лисиче, од каде до ден денес ги имам дел од моите најдобри пријатели. 

Омилен јунак од екранизирана приказна ми беше... Симба, од Кралот Лав. Иако до ден денес со солзи во очи ја гледам сцената во која Симба преплашен го извикува името на татко му, но за жал не добива одговор и се соочува со суровата реалност дека татко му повеќе го нема. 

Тинејџерскиот период би го опишала... како убав, динамичен, весел, исполнет со многу дружење и музика, многу часови поминати во „Илија Николовски – Луј“. За среќа бев дел од последните генерации кои ја запознаа и уживаа онаа димензија на Скопје, која сега ја нема и ни недостасува... Со бројни настани, на кои нашиот главен град беше домаќин и одличниот ноќен живот. 

Мојот брат, е мој... најголем подарок што животот ми до даде. Безусловна љубов, поддршка, најголема гордост. Се сеќавам дека кога го одбрав неговото име, моите родители веднаш прифатија без никакви предомислувања да се вика Никола. На прв поглед карактерно сме различни, но сепак во многу нешта сме исти. Сè почесто кога го слушам додека зборува, знам што следно ќе изговори, слично важи и за постапките, со мали исклучоци.  И додека јас се грижев за него бидејќи нели, сум - постара сестра, како преку ноќ се случи моментот кога сфатив дека детето порасна, па многу често ситуацијата е спротивна. Без разлика на сè, мојот заштитнички став кон брат ми најчесто свесно, а понекогаш и несвесно видлив преку моите постапки, ќе остане непроменет засекогаш. 

Првото појавување пред камерите од оваа дистанца го доживувам како... Стрес! Ако бидам искрена, со оглед на тоа што стануваше збор за програма во живо, одговорноста, па и тремата беа големи. Но, во секој случај го сакав тоа уште пред да се случи, а секој чекор кој следуваше значеше и зголемување на уживањето, олеснување - се разбира благодарение на искуството и навлекување на тој специфичен тип на адреналин, кој до ден денес ми е секојдневие. 

Да се биде спортски новинар, бара многу љубов, работа и посветеност. Но, најважно е... да се биде добро информиран, секој ден да се учат нови и нови нешта, да се биде искрен кон публиката, автентичен и свој. Да се посетуваат што е можно повеќе натпревари и спортски настани во живо, за да се почувствува вистинската атмосфера и магија на спортот. Само така би можеле да ја пренесеме, опишеме, разбереме, оцениме димензијата на спортот, емоциите кои ги предизвикува. И, за мене најважно, да уживаме во спортот, да го почитуваме и искрено да го сакаме. 

Највозбудлив спорт кој уживам да го следам и приватно и професионално е... фудбалот. 

Мој идол во професијата е... ако бирам меѓу светски познати новинари, водители, списокот е долг и не ми е лесно да одберам. Но, бидејќи имаме лоша навика секогаш да заборавиме на она што е македонско, сакам во оваа прилика да посочам колега од нашиот етер. Ова нему сум му го кажала и лично. Во периодот кога бев доволно голема за да разберам и со внимание да гледам вести, дома редовно ги следевме вестите од спортот на Перо Момировски. Фан сум на неговиот стил, глас, спортски речник и автентичност. Можеби некогаш ќе имаме прилика да соработуваме, па ќе ми се исполни желбата лично од него да научам важни и убави нешта во поглед на професијата.

Понекогаш се плашам дека нема да стигнам да го направам сето тоа што го замислувам... Не. Искрено немам такви стравови. Немам ниту цели на тој начин поставени за да претставуваат притисок и секојдневна трка со времето. А и ми се случувало да го направам замисленото, со многу вложена енергија и труд, за да сфатам дека не е тоа она што вистински го сакам и ми треба. Така што, сè што треба, на крајот и ќе направам и ќе постигнам. 

Особина која најмногу ја сакам и ја поседувам е... Искреноста. 

Мојата дефиниција за бракот е... Моето најубаво, најбезбедно и полно со љубов место. Перфектно совпаѓање. Најсилно сакање, поддршка и почит. Светост, тоа е бракот за мене и мојот сопруг и така се однесуваме кон таа наша заедница, тој наш свет. Секогаш заедно и со крената глава низ сè. 

Мудроста според која секогаш се раководам е... ти се случуваат и ги живееш нештата кои ги привлекуваш. Затоа биди светлина и немој никогаш да светиш послабо само затоа што на нечии очи твојата светлина им пречи. 

Верувам во пријателства до крајот на животот и среќна сум што, иако се неколкумина такви, сепак имам пријатели не за еден, туку за сто животи. 

Плановите се за практичните луѓе, а моите се поврзани со приватноста, односно квалитетот на живот, кој приватно сакаме на долг рок да го имаме со мојот сопруг и семејство. 

Неостварена професионална желба ми е... да водам програма во живо на голем спортски настан, како Фудбалска лига на шампиони, Светско или Европско фудбалско првенство, или пак некој од престижните Грен-слем тениски турнири, на пример Вимблдон. Се разбира, соништата се комплетни кога дел од нив се македонски спортисти, тимови или репрезентации. 

­­­ С.А.Н