Јас и децата секогаш сме позитивно расположени за нови дестинации: Елена Ашковска, сопругата на фудбалерот Стефан за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Со Стефан се запознавме за дочек на Нова година 2009 во Скопје. Во врска бевме 7 години. Ме запроси на втори Јуни 2016 година. Имаме две прекрасни дечиња, девојче и момче, ни раскажа убавата Елена Ашковска, сопруга на познатиот фудбалер Стефан Ашковски во ексклузивното интервју за Женски магазин.

Иако се млади, тие се среќни родители на Ника (4) и Матео (2), а Елена и децата се најголема поддршка на Стефан насекаде. Таа е наставник по македонски јазик, а моментално не работи, туку целосно е посветена на децата и Стефан.


„Со Стефан се запознавме за дочек на Нова година 2009 во Скопје, од таа вечер почнува нашата љубовна приказна. Месец Јануари беше нашиот магичен месец, каде што секој момент го користевме да бидеме заедно и нашата љубов сѐ повеќе растеше. Во тој период Стефан живееше и играше фудбал во Белград. 

Во врска бевме 7 години. Ме запроси на втори Јуни 2016 година. Тој ден на 2ри Јуни бевме договорени да идеме на ручек кај неговите родители, но Стефан ми се јави и ми кажа дека ќе ме чека кај Соборниот храм Св. „Климент Охридски“ и дека сака нешто да разговараме, а мене ни на крај памет не ми падна дека ќе ме запроси. Се најдовме пред црквата и тука ме запроси, еден од најубавите денови во мојот живот. Сега на 27-ми Мај правиме 6 години брак“, открива Елена за почетокот на нивната љубов.


Стефан, моментално настапува за грчкиот фудбалски клуб Ламиа, па тоа мало градче сместено некаде помеѓу Атина и Солун скоро една година е нивен дом. Таму градат среќни мигови.

„Неодамна дојдовме тука со децата. Стефан има уште една година договор, но фудбалот е непредвидлив и никогаш не се знае што може да биде и на која дестинација можеш да завршиш. Јас и децата секогаш сме позитивно расположени за нови предизвици и нови дестинации“, вели нашата соговорничка.


За Елена е предизвик да биде сопруга на фудбалер, но вели дека за неа не е битна професијата на личноста се додека љубовта е обострана, има почит и разбирање и поддршка.

„И кога таа љубов е исполнета со дечиња тоа е нешто според мене најубаво во животот. Секогаш ќе има предизвици нормално, но треба заедно да сме посилни од сѐ“-додава таа.


Стефан е посветен татко и секогаш е нејзина најголема помош околу децата кога професионалниоте обврски му го дозволуваат тоа, ни откри Ашковска која кога е во странство за децата се грижи сама и вели дека е навистина тешко справувањето со секојдневните обврски. 

„Нашите родители секогаш се тука за нас, кога и да се слободни го користат времето да нѐ посетат и да бидеме заедно“, вели сопругата на Стефан.


Во слободното време Елена се занимава и со социјалните мрежи, односно активна е колку што и дозволува слободното време.

„Сликите се мојот живот, да пробувам да бидам активна колку слободното време ми го дозволува тоа, не се занимавам сериозно, но можеби во иднина да повеќе ќе видиме , но сакам да бидам активна со сликите нели како што кажав тие се нешто што ме прави среќна и позитивна личност“, ни одговори Елена кога ја прашавме колку сериозно се занимава со социјални мрежи како Инстаграм.


Згодната русокоса вели дека е голем гурман и обожува да готви. Ни откри дека не вежба секојдневно но понекогаш тоа го прави во друштво на сопругот, не внимава посебно на исхраната, но не јаде премногу обилни оброци и не е обожавател на благо.


Елена ја следи модата и ужива во естетика.

„Се трудам да имам свој уникатен стил на облекување, иако знам понекогаш да пронајдам инспирација од некои интересни комбинаци, најчесто на Пинтерест. Фан сум на пастелни и неутрални бои со земјени тонови. Но, предност секогаш давам на белата боја (се смее)“ , додава таа.


Нејзиниот ден вели дека почнува со будење и подготвување појдаок за децата, па носење на Ника во градинка, и продолжување со домашните обврски и дружење со Матео ( во парк, одиме заедно на кафе и супермаркет). 


Попладнето обично им е резервирано за заедни прошетки.


„Стефан кога има слободен ден го користиме да прошетаме во некој град каде што не сме биле, а доколку е убаво и сончево времето одиме на плажа и во некоја таверна на грчка традиционална храна. За нас најголемата среќа како семејство е кога сите четворица сме заедно и ги поминуваме деновите во игра, смеа, забава и многу љубов“, раскажа за крај сопругата на фудбалерот Стефан Ашковски.


Ирена Ставрова