Јас сум човек што ја гледа големата слика, но сака да ги види и деталите: Утринско кафе со Денис Бојаров

Денот обично ми почнува многу рано, најчесто со придружба на книга. Кафето го пијам или додека читам сам, или заедно со цимерот. 

Ме мотивираат необични настани од секојдневниот живот на обичниот човек. Секој од нас има приказна, но некои имаат малку поинакви од другите, кои заслужуваат да бидат разбрани од поголема толпа луѓе, особено ако тие приказни можат да сменат нечиј светоглед, најпрво индивидуален, а зошто да не и на општествениот поредок... 

Како и на секој човек. Одам на работа, се враќам од работа, пијам кафе, ручам, ги завршувам домашните обврски, а потоа доколку имам време, или не сум уморен или, пак, не ме мрзи, или не ми е ладно, излегувам на прошетка, читам или пишувам, гледам филм, слушам музика, си играм со мачката и други секојдневни работи. Го сакам монотониот начин на живот.

Денот најчесто ми завршува со книга. Бидејќи знам дека ќе ми се приспие, уште од претходно си ги облекувам пижамите за да можам да ја спуштам книгата кога ќе ме фати дремка. Добро, ако треба да бидеме сосема искрени, понекогаш ќе ги ѕирнам и социјалните мрежи пред заспивање. 

Мислам дека веќе ви е јасно што преферирам. Книга, секако. Тоа ми е секојдневен ритуал. Гледам и филмови, иако многу поретко отколку што читам книги. Јас сум човек што ја гледа големата слика, но сака да ги види и деталите, а книгата ми го нуди сето тоа, за разлика од филмот.


* Денис Бојаров - Писател, книжар, преведувач, лектор*