Како изгледа час по сеопфатно сексуално образование: Младата едукаторка Бојана за важноста од воведување на ССО
На родителите им е тешко да зборуваат за сеопфатно сексуално образование, на тинјџерите - непријатно. Која е ползата од воведување на ССО?
Уште од самото објавување за пилот програмта за сеопфатно сексуално образование се појавија многу реакции - како и за сѐ друго - мислењата се поделени, во голем дел позитивни, но, и доста негативни.
Се проширија многу лажни вести низ медиумите, па поради тоа, најпрво да разјасниме што всушност претставува ССО.
Многу луѓе веднаш штом слушнат сексуално образование помислуваат само на учење за сексот.
Но, всушност, воведувањето на предметот сеопфатно сексуално образование ќе опфаќа многу повеќе, а поопширно на таа тема разговараме со Бојана Даневска.
Бојана има 19
години и студира бизнис-менаџмент. Дел е од ХЕРА млади 3 години, притоа е
едукатор по сеопфатно сексуално образование и координатор на секторот Секси
Маало. Таа е активист за имплементирањето на ССО во училиштата, и работи
на овие теми преку радио-емисии и голем број на проекти изминативе години.
Бојана објаснува дека сеопфатното сексуално образование опфаќа многу повеќе од само учењето за секс: опфаќа како да се заштитиме доколку нашите права се прекршени, како да се заштитиме од непланирана бременост и сексуално преносливи инфекции, како да воспоставуваме здрави врски и односи, за еднаквост, согласност и многу повеќе. Поточно се опфаќаат компонентите: род и пол, сексуално и репродуктивно здравје и ХИВ, сексуалност, насилство, граѓански аспекти и дискриминација, тело и слика за телото, и врски и односи.
Од досегашниот активизам и искуство како едукатор, Бојана потенцира дека ССО им е потребно на младите:
-Младите никогаш нема да престанат да бидат љубопитни, а со добивање на погрешни информации од погрешни извори не се постигнува никаков ефект. Држејќи многу едукации последниве неколку години низ различни градови низ Македонија можам да забележам дека сите млади се заинтересирани за ССО. Сите учесници по поминувањето на ССО обука се задоволни и најчесто изненадени што никој порано не зборувал со нив на овие теми, а им е толку потребно, вели таа и додава дека таа лично, овие информации ги добивала од интернет/социјални медиуми или филмови, а по посетувањето на ССО обука се смениле многу од нејзините гледишта токму поради грешните информации и многуте митови и предрасуди на кои се изложени младите.
Како изгледа еден час по ССО:
- Сите часови по ССО кои ги одржуваме се забавни и интерактивни. Најчесто започнуваат со тимска работа како дебатирање, одговарање на прашања, барометари и слично - преку кои самите ученици ги извлекуваат важните поенти. А потоа се прави дискусија за активноста и се предаваат важните работи. Убавината во ССО часовите е тоа што се забавни и не се класични часови со учење работи напамет или дефиниции. Едноставно преку нив се добиваат многу информаци, а притоа им е привлечно на учениците.
Зошто родителите се „исплашени“ од воведувањето на ССО како предмет?
- Сметам дека дел од родителите се најмногу „исплашени“ поради дезинформациите. И секако кога нешто не ни е познато, нормално е да чувствуваме страв. Родителите се всушност мета на дезинформации - и секако се чувствуваат исплашени кога помислуваат дека нивните деца може да бидат во опасност - поради тоа е многу важно да се добиваат информации од сигурните и вистинските места. Но кога ги имаат точните информации, според истражувањата голем дел од родителите всушност го поддржуваат ССО. Овие теми се огромно табу во нашето општество и на многу родители им е тешко да зборуваат со своите тинејџери за истите, а воедно и на многу тинејџери им е непријатно. Но со добивање на информациите преку образованието им се гарантира здрав и среќен живот на младите - потенцира Бојана.
ССО е сѐ уште табу тема:
- Многу ме радува што конечно се зборува за потребата на ССО. Безразлика на негативните коментари, позитивните ефекти што се добиваат од ССО се неизбежни. Активизмот на овие теми е многу важен, ги мотивирам сите да се вклучуваат во разговори и да истражуваат повеќе за бенефитите на ССО само така можат да се искоренат сите табу теми, стереотипи и митови, порачува младата едукаторка Бојана.
Предметот сеопфатно сексуално образование во предлог-концепцијата е ставен во групата на слободни изборни предмети, а не задолжителен. Оваа година се планира само спроведување на пилот-програма во 9-то одделение, во четири основни училишта, со согласност на родителите, согласно одлука на Владата.
Предлог-моделот за предметот по сексуално образование беше изработен од Бирото за развој на образованието, ХЕРА и група експерти, би имал вкупен фонд од 36 часа годишно, а наставната програма би ги вклучувале следниве теми: Род, Врски и односи, Тело и слика за телото, Сексуално и репродуктивно здравје (ХИВ, сексуално преносливи инфекции, контрацепција), Сексуалност и сексуално однесување, Насилство и Граѓански аспекти.
Според истражувањата на ХЕРА, во земјите со целосно развиени програми за сеопфатно сексуално образование, младите луѓе претежно го наведуваат училиштето како важен извор на информации за сексуалноста, а стапките на малолетнички раѓања се главно многу ниски. Во земјите, пак, каде што сексуалното образование речиси и не постои во училиштата, стапките на малолетнички раѓања општо земено се многу високи. А истражувањата покажуваат и дека младите од земјите со програми за ССО, подоцна стапуваат во првиот сексуален однос, се намалува бројот на непланирани бремености и сексуално преносливи инфекции, како и насилството меѓу врсниците.
*Љ.Иванова