Како комуницираме со нашите деца?

Не ми е прв пат да помислам како родителството е нешто најтешко, комплексно, нешто што не е лесно и е навистина многу одговорно. Ниту некаде се учи, ниту сме свесни дека за секоја нова генерација треба и ново упатство, бидејќи не може да се растат, воспитуваат и созреваат на истиот начин како претходната, а најмалку како нас, родителите. Едноставно, времето ги менува потребите и контекстот на растењето.

Но, има нешто што е, можеби, константно низ сите генерации, а тоа се основните правила за комуницирање со децата. Децата, тој сунѓер, тоа мало огледало, таа ламба што зрачи, тој кристален сад подготвен да прима, впива, отсликува и пресликува се’ што ќе види, чуе и нема да чуе околу себе во процесот на растење. И, овие правила не важат само за родители. Може да сте едукатори, тренери, учители или роднини и исто да ви користат.

Начинот на којшто ние комуницираме со нашите деца, зборовите, речениците, тонот што ги користиме – сето тоа влијае на нивното однесување и на развојот на нивната личност.

Уште поважно – тоа влијае на нивните уверувања за тоа каков е светот и какви се тие самите.
Дали сме свесни како комуницираме со нашите деца, а и со другите луѓе кога се децата присутни?
Дали сме свесни колкаво е нашето влијание со нашата комуникација?

Дали користиме јазик што ги РАСТЕ или јазик што ги СМАЛУВА нашите деца?
Дали добиваме некаков соодветен одговор, однесување, послушност/соработка или само спротивното?

Какви реченични конструкции користиме?

Дали со нашата комуникација ние често ја намалуваме самодовербата на нашите деца или ја зголемуваме?

Како го правиме првото?

Како го правиме второто?

И мене никој не ме учеше како да бидам родител, како да комуницирам со моите деца...
 Ме учеле генерациите пред мене, правејќи онака како што мислеле дека е најдобро, единствено онака како што знаеле... Ме учела литературата, ме учела телевизијата... Прв пат и најмногу се задлабочив кога изучував NLP (невро-лингвистичко програмирање) и разни пристапи од позитивната психологија за да си помогнам и да станам подобар, поефикасен родител, да можам свесно да влијаам врз моите деца, со позитивна намера. НЛП е за збир од методологии и пристапи коишто го опишуваат начинот како го разбираме светот и како го организираме своето размислување, чувствување, јазикот (говор) и однесување. Сите ние имаменаш уникатен ментален систем за процесирање на милионите информации што преку нашите сетила ги примаме од надворешниот свет. Потоа, ние им даваме значење на информациите што сме  ги примиле. Ова е нашата внатрешна навигација, нашата „карта“ на светот. Во овој наш внатрешен свет „живеат“ нашите верувања, вредности и критериуми што ја создаваат рамката за нашето размислување,  а таа рамка потоа влијае на нашето однесување.

Замислете колку голем фактор се родителите во создавањето на овој внатрешен свет кај децата?

Како функционира мозокот?

Надворешните информации поминуваат низ филтри и создаваат слика. Сликата создава емоција, која води во некаква (емоционална) состојба. Состојбата влијае на однесувањето.

Што е она што сакаме да добиеме од децата со нашата комуникација?
ОДНЕСУВАЊЕ.

Повторени однесувања, водат до уверувања, а сетот од уверувања одредува каква е личноста.

Од сите мои досегашни искуства, изучувања, истражувања, набљудувања – можам да донесам еден заклучок, да пренесам еден впечаток, а тоа е дека огромен број луѓе се најмногу оштетени од своите добронамерни родители. Уништена самодоверба, всадена понизност и чувство на помнала вредност, всадени чувства дека ќе снема и треба да се граба од другите, потреба да се надомести љубовта преку надворешно барање внимание...

Еве неколку корисни насоки/правила за комуницирање со децата:

1.  Комуницирајте со почит.

И малото дете е личност, којашто, како и секоја друга личност, сака да се чувствува важно, потребно и почитувано. Тоа не значи дека треба да бидеме понизни пред децата. Едноставно, добро е да внимаваме со нашето однесување и комуникација, да не ги навредиме и потценуваме. Треба да се воздржиме од пцости, особено упатени директно кон детето. Треба да исфрлиме навредливи зборови кои ја намалуваат нивната самодоверба, самопочит и љубов кон себе (како на пример: „Глупачке, идиоту, смотана, трапава, мрзлив, ѓубре мало...“ и слично). И со нашата невербална комуникација, со говорот на нашето тело, ние исто така оддаваме почит или непочитување. Дали им вртиме грб кога им зборуваме на децата или ги гледаме? Дали одмавнуваме со раката во неверување и потценување или им кимаме со главата како поддршка? Една од најдобрите методи е да ги гледаме во очи кога им зборуваме, ако треба да се наведнеме и да клекнеме до висината на помалите.

2.  Правете мудри реченични конструкции:

Внимавајте на користењето на НО или АМА...
После овие 2 збора, Вие како да бришете се’ што сте кажале пред тоа.
Наместо тоа, употребете И.

Пример: Си ја наместила собата, АМА креветот не ти е наместен.
Си ја наместила собата, И уште креветот да си го наместиш,
ќе ти биде полесно за навечер...

 Обидете се и потрудете се реченичните конструкции да Ви бидат формулирани кон тоа што  сакате да го направи, а не бегство од нешто што не сакаме да го направи. Или што сакаме да престанат да прават. Потсвесниот ум не процесира негации.

Што ќе помислите ако ви кажам: „НЕ ме замислувајте во розева блуза! “

Што видовте?

Замислете што правиме ако на децата им велиме:
Не викај!
Не скокај!
Не оди таму, ќе паднеш.
Немој да пиеш алкохол на журката.
Немој да си ги заборавиш патиките!

Ајде да се обидеме да го смениме сето ова во појасни наредби кли водат КОН исполнување:

Ајде, зборувај потивко. Можеш ли да зборуваш потивко?
Може ли да седнеш? Може ли да се качуваш полека? Може ли да внимаваш?
Земи си ги патиките! Внимавај (памти) да си ги понесеш и патиките.

3.  Зборувајте за однесувањето, не за личноста

Кога сакате да опоменете за нешто, да укажете на некое несоодветно однесување, зборувајте за однесувањето, а не за личноста на детето. Така полесно допирате до нив, а не ја нарушувате нивната самодоверба. На пример, ако се истурило млекото, наместо да кажете „Ама си трапав(а), смотан(а), фатен(а) во рацете и слично“, туку изберете да кажете нешто како „Ти се истури млекото. Следниот пат внимавај повеќе или оди од другата страна. Ајде сега да ти помогнам да собереме...“ Или „Ти треба ли помош да избришеш?“ (зависно од возраста).

Или, друг пример: „Како си така глуп(а) и не разбираш?“ Пробајте со: „Ајде, сврти ја кутијата од другата страна, отвораш од прогрешна страна, така полесно ќе отвориш...“

Внимавајте на она што (не) го кажувате со вашето тело, гестикулација, со вашиот израз на лицето, со тонот на гласот... Децата сакаат да бидат видени, но и „огледалени“. Сакаат да го видат својот одраз во ликот на возрасниот.  Потрудете се секогаш кога можете, да одвоите кратко, ама насочено внимание на Вашето дете. Бидете присутни, гледајте го во очи, покажете дека го слушате, дајте му важност, што не мора да ја намалува строгоста или принципиелноста. Секое човечко суштество, а најмногу ДЕТЕТО сака да се почувствува дека припаѓа, дека е некому ВАЖНО.