Како средношколка ги купував сите спортски весници во кои пишуваше за Владо, ме запроси во Романија: Светлана Милев за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Светлана Милев е 33 годишна дама која потекнува од Струмица, мајка на две прекрасни девојчиња Ника и Хелена, и сопруга на еден од македонските одбојкарски репрезентативци Владо Милев кој има интернационална кариера.

Светлана дипломирала странски јазици и бизнис, вработена е како менаџер за продажба и дигитален маркетинг, а нејзина најомилена титула е тоа што е  мајка.

Денес, ја имаме честа да ни раскаже од прва рака за нивниот живот и за тоа како се запознале со Владо.


ЖМ: Светлана, како се запознавте со сопругот, како ве запроси, колку време сте во брак?

-  Со сопругот потекнуваме од исти град, Струмица, каде тој важи за позната спортска личност, па своевремено, некаде во средношколскиот период, се сеќавам дека ги купував сите спортски весници во кои пишуваше за него, а тој сигурно и не знаел дека постојам (се смее) официјално нѐ запозна заеднички пријател, неколку години подоцна, и по една година, во 2010г. стапивме во врска. Во почетокот го посетував каде и да беше во странство, а по моето дипломирање, одлучив да се преселам во Австрија, каде тој имаше потпишано договор, и нашата авантура низ светот започна. После 4 години врска и живот во 3 различни држави, во Романија ме запроси. Имавме интерна шега, дека кога ќе дојде моментот на запросување, јас ќе знам, бидејќи тој ќе има перница во рака, поради болката во колената, не би можел да клекне на тврда подлога. Исто се шегуваше дека ќе ме запроси јавно, после некоја утакмица, бидејќи секогаш негодував на таа идеја, и велев дека сѐ што барам е да ме изненади со појадок во кревет. Така, едно утро во Романија, ми ја исполни таа желба, ми спремал појадок, а јас не ни насетив дека ќе ме запроси, до моментот кога зеде перница во раката (се смее) .

Од секогаш сме отстапувале од маргините за нормална врска, поради неговата кариера, така свадбата следуваше летото 2015, додека Владо имаше припремен период со репрезентацијата, па за свадбата доби 2 дена слободни, и секако не ни сметаше, го имаме прифатено тоа, па јас организирав сѐ околу свадбата, тој само дојде на самиот ден, додека се спремав тој отиде во продавница за техника и купил Play Station (се смее) јадевме бургери и отидовме да се венчаме и да славиме. Ден денес, не би променила ништо.


ЖМ:  Родители сте на две девојчиња, какви се по карактер, на кој повеќе личат?

-  Двете ќерки се родени овде, во Македонија, а за раѓањето на првата ќерка, Ника, Владо беше во Кипар, па се запознаа после 2 недели. Нивната прва средба е слика која никогаш нема да ја заборавам. Ника многу личи на мене, ама карактерот го има целосно земено од татко ѝ. Сите карактерни црти на Владо, во кои се заљубив пред толку години, како да се прецртаа во неа. Владо, на теренот и вон него, важи за многу смирена, тивка, мудра и храбра личност, а Ника е мини верзија на сето тоа. Хелена, помалата, е приказна сама за себе, ама нели сите втори деца се (се смее). Таа исто личи на мене, но за разлика од Ника е многу темпераментна, палава, своеглава, и многу сака да се гали, што и помага да добие од татко ѝ што и да посака. И двете се татини ќерки и ова радо го признавам.


ЖМ: Каде живеете моментално ?

-  Веќе скоро 3 години сме во Македонија, Владо сега е претседател на ОК Струмица, клубот од каде што и потекнува, на што сум многу горда, бидејќи вложува многу труд и работа и има најискрени намери и големи амбиции клубот да биде од европски терк како клубовите во кои има играно. И верувам клубот заедно со него и уште ќе расте и ќе се подобрува, и дека ќе слушаме само најдобри работи за истиот. Владо сѐ уште е и играч, според сопругата, иако нескромно и необјективно, сѐ уште и засекогаш многу добар играч (се смее).


ЖМ: Каде имате живеено досега ?

-  Имаме живеено во Белгија, Грција, краток период во Либан, Австрија, Романија, Кипар, Унгарија, Црна Гора, а Владо има играно и живеено и во Чешка, Абу Даби, Оман, Либија... „Скитници” (се смее). Имаме научено многу за луѓето, животот и културата, стекнато многу пријатели и убави спомени од секое место во кое сме живееле.


ЖМ: Каков сопруг е Владо, ви помага ли околу домашните обрвски, и децата ?

-  Владо пред сѐ е многу добар човек што го прави и прекрасен сопруг и татко. Јас сум навистина благодарна што токму тој е мој сопруг и татко на моите ќерки. Ние сме 3 многу среќни девојки (се смее).  Тој е лојален партнер, другар, многу е грижлив, внимателен, полн со разбирање и благодарен и за најмалата работа што ја правиме за него. Навистина е посебен.


ЖМ: Што го прави посебен, како ве освојува, каде сакате да поминувате најмногу време заедно?

-  Johny Cash кога го прашале да даде дефиниција за “рајот”, одговорил : “Утрово, со неа, пиеме кафе” - ова го знам од Владо, и тој ја има истата дефиниција (се смее). Малите работи се всушност големите, така да, секој ден повторно ме освојува, со неизмерната љубов која ја има за нашите деца, трудот и посветеноста кон се што работи, интелигентноста, добрината.


ЖМ: Како изгледа еден ваш ден, кои се вашите обврски, колку сакате да поминувате време со пријателки? 

-  Никогаш не сум имала можност да имам рутина, да ми личат деновите еден на друг. Сега на пример, сме во Скопје и го бодриме тато од трибини, додека игра на Европско првенство. Работното време генерално ми дозволува флексибилност, па од секојдневна рутина се обврските околу децата, училиште и градинка и останати активности меѓу кои секако тренизните по одбојка на Ника. Доколку е Владо дома, заедничкото кафе е омилен дел од денот. Потоа, тој оди на тренинг или во канцеларија, јас исто. Времето со пријателките најчесто е попладне, со или без децата, и е исто така нешто кое многу го ценам и за кое многу се радувам.


ЖМ: Колку често се дружите со сопругите на одбојкарите

-  Не толку често колку што би сакала, поради далечината, еве сега на пример, додека трае Европско, се дружиме на трибини и вон нив на кафе и во игротеки .


Фото: Приватна архива

Ирена Ставрова