Каролина и Тамара со емотивни сеќавања за Тоше
По повеќе од 15 години, Каролина Гочева сама ќе ја испее песната „Немир“, хит-дуетот кој пред речиси 20 години го сними со Тоше Проески. Каролина е дел од гостите кои ќе настапат на концертот посветен на Тоше кој ќе се одржи во петок, од 20 часот во ВИП Арената во Скопје.
„ Оваа песна некако самата се наметна, беше логичен избор за мене. Многу ми е мило што ќе ја пеам „Немир“ по повеќе од 15 години. Токму вчера, додека ја пробував се сетив на еден куп спомени врзани за неа. Ме потсети на сите наши заеднички патувања, дружења, снимања со Тоше. И затоа ми е драго што по толку време повторно ќе ја испеам, во една ваква, убава прилика“, ни изјави Каролина Гочева.
Тамара Тодевска е исто така дел од гостите на концертот. По нејзин избор, Тамара ќе ја изведе нејзината најдрага песна од Тоше, „Најдрага моја“.
„Секогаш кога ја слушам ми буди посебни емоции. Некако, имам чустство како да ја пеам заедно со Тоше. Оваа песна вокално не е многу тешка, но емотивно е. Од секогаш ја сакам, Тоше го знаеше тоа“, ни раскажа Тамара која наскоро ќе влезе во деветтиот месец од бременоста.
Тијана Дапчевиќ исто така ќе пее на концертот, а нејзина желба е безвременската балада „Тајно моја“. Тијана во неколку наврати има изјавено дека во времето кога „Тајно моја“ стана хит во целиот регион, во Белград често знаеле да ја прашаат: „А, што е тоа „шушка молика“?
Од регионалните ѕевзи, на концертот ќе настапат Борис Новковиќ, Владо Калембер, Александра Радовиќ, Бојан Маровиќ, Ања Рупел, групата „Фрајле“, а од домашните, Наум Петрески, Даниел Кајмакоски, Антонија Гиговска, Александар Тарабунов, Александра Јанева. Дел од листата на пејачи е и внукот на Тоше, Кристијан Ристески, со песната We are blood, чиј автор е исто така Енди Рајт.
Во четврток ќе биде промовиран и новиот албум со песни од Тоше „Secret Place“. Дознаваме дека како дел од албумот ќе бидати преработки од хитови на Тоше, чии нови аранжмани ги направи англискиот продуцент Енди Рајт. Меѓу нив е “Игри без граници“, еден од последните хитови на Тоше.
М.Џаровска