Искрено со Катерина Тодевска Спасиќ: Пеев секое утро, продавав бурек во пекара
Беше дел од телевизија Телма повеќе од една деценија. Професионалната кариера ја однесе на други фрекфенции и ја насочи кон активности надвор од екраните. Катерина Тодевска Спасиќ ангажманот во истата телевизија, вели дека го доживеала како враќање дома, таму каде што и е местото. Ако некоја телевизија ја чувствува како своја тоа е Телма. Позната е по начинот на кој ги осмислува своите прилози и интервјуа. Максимално темелна, но и забавна. Таа е водителка со најубава и најискрена насмевка на екраните.
ЖМ: Дел си од утринската програма. Те гледавме како репортер, а потоа и како водителка во студио. Што ти е поголем предизвик?
- Најискрено, најголем предизвик ми беше репортерската работа. Моето „на лице место“. Никогаш до тогаш не бев во живо на линк и тоа не еден, туку три во денот. Мислам дека внесов една поинаква свежина, оставив убав печат, направив повторно нешто поразлично од другите. Пеев на линк секое утро, ловев риба, варев кафе на сред мост Обединети Нации, правев кцана сол, трчав со соговорникот првак во брзо одење, бев во пекара и продавав бурек, и што уште не.
ЖМ: Видлива е твојата речитост и подготвеност со информации во разговорот со твојот соговорник. Но, забележлива е и твојата насмевка. Како таа се раѓа од тебе и успева да биде сосема спонтана и пријатна?
- Мислам дека живееме во доволно стресно време и на луѓето им е преку глава од сериозни теми. Насмевката одамна е мој заштитен знак. Со насмевка се решаваат многу проблеми, затоа смејте се, луѓе, краток е животот!
ЖМ: Како изгледаш кога си лута, надвор од камерите? Дали лутината брзо ја канализираш во насмевка?
- Татко ми знаеше да каже: „Како мене си, собираш, собираш и кога ќе прснеш, нека бегаат сите.“ И навистина е така. Имам голем праг на толеранција, ама кога сум лута, бегај од мене.
ЖМ: Водиш рубрика посветена на кулинарството. Обожаваш ли да готвиш ?
- Кога сме кај готвењето, морам како и секогаш искрено да кажам, не обожавам да готвам, ама не сум и од оние што секој ден сакаат купечка готова храна. Дома зготвено е поубаво. Нема никогаш да го заборавам мојот прв изгорен грав. Сум го оставила со малку вода и си бркам работа по дома. Кога влегов во кујна, што да видам, „Црнила“ од Коле Чашуле, како што се шегувавме по дома. Гравот, тенџерето, сѐ беше црно.. Единствено решение беше ново тенџере и сѐ од ново.
ЖМ: Следува време на одмори. Каде ќе летуваш?
- Се уште се прават последните подготовки. Сакаме да го видиме Скијатос и да пееме песни од Мама Миа, ама ќе видиме.
ЖМ: Вообичаена пракса на медиумите е да се воведе нова есенска шема. Размислувате ли во таа насока?
- Секако дека новиот предизвик, трета сезона на Утринска на Телма во ново руво е пред нас. Ќе има новини, ама рано е да се соопштат.
ЖМ: Препознатлива беше по многу емисии, темелни и сериозни, но истовремено и забавни. Постои ли шанса да реализраш некое свое шоу како „Секој на своето“ , „Никој да не знае“, „Не дека се мои“, „Пријатели“? Постои ли шанса да те видиме како автотр и водител на еден таков проект?
- Навистина сакам уште еден таков проект. „Никој да не знае“ беше најгледаниот, ама и сите други ми беа предизвик, и за подготовка и за реализација. Никогаш не сум сакала едноставни проекти, да има штоф, да има што да се види, чуе, да биде различно, да го има мојот потпис. Што да кажам, посакувам да се спојат коцкичките и заедно да уживаме во нешто убаво.
Соња Алексоска Неделковска