Кик-фит вештина за силни „фирс“ девојки: Интервју со Драгана Андреевска

Добивај вести на Viber

Секој млад човек треба да има сон и визија по која ќе се води во животот. Работите не секогаш се случуваат така како што сме си ги замислиле, но да се има позитивната слика и визуелизација секој ден според мене е клучот за успех.

Во топлиот период од годината заинтересираноста за доведување на телото во топ форма е поголемо, па паралелно со тоа фитнес центрите и теретаните работат со полна пареа. 


Сепак да се понуди нешто уникатно во време кога понудата за вежбање е голема, особено во главниот град е умешност која малкумина ја поседуваат. Една од нив е Драгана Андреевска, која е основач на Здружението за спорт и рекреација за жени „Фирс“ во Скопје. 

Македонците веќе неколку години наназад стануваат се повеќе свесни за бенефитите од редовното вежбање, како и правилниот начин на исхрана. Тоа што претходно претставуваше тренд, полека преминува во култура и начин на живеење. 

За здрави, свесни и среќни генерации, неопходно е да се смени начинот на размислување со позитивни мисли, трпение, упорност и истрајност, а еден од начините за топење на маснотиите, одржување на телесната форма, како и неутрализатор на негативната енергија е кик-фитот, кој е спој на интензивни тренинзи, комбинирани со удари во вреќа и кардио вежби. 


Тоа што е посебно интересно и значајно да се истакне е дека се работи за женска група,  па оттука и фактот дека се учат и техники, кои може да им затребаат во ситуации каде хипотетички, нивната безбедност би била загрозена. 

За кик-фитот како техника, начинот на вежбање, придобивките, правилната исхрана, како и секојдневието на Андреевска, прочитајте во продолжение, па можеби ќе ве инспирираме да почнете да го менувате начинот на размислување  и да работите на своето тело и дух.

* Што претставува кик - фитот како техника за вежбање?

- Кик - фитот е вештина инспирирана од кик - боксот со тоа што е одземен делот со физички контакт меѓу натпреварувачите. Во кик - фитот воопшто не е потребно да имате спаринг партнер, бидејќи сите удари се прават на вреќа за боксирање. Ударите кои се прават на вреќа се доста слични со оние во кик - боксот. Со тоа, кик - фитот е одличен кардио тренинг, кој со сигурност ќе ве препоти и ќе согори повеќе калории од било која друга физичка активност, се разбира доколку го вложите вашиот максимум.


* Кога за прв пат се запознавте со оваа вештина и од каде потекнува идејата за основање на здружението за спорт и рекреација за жени „Фирс“?

- Со кик - фитот се запознав пред повеќе од 7 години, во фитнес клубот „Магнус“ каде што и тренирав повеќе од 3 години. Идејата за основање на здружението за спорт и рекреација за жени „Фирс“ дојде спонтано, како резултат на неколку добро поминати тренинзи со помала група на девојки, во сала која што ја имавме во моментот на располагање. Атмосферата на тренинзите од самиот старт беше одлична и многу брзо се рашири интересот за „Фирс“. Тоа не охрабри да отвориме здружение, во кое сите жени и девојки ќе можат да вежбаат во група, да се поддржуваат, мотивираат и охрабруваат едни со други.

* Во последните неколку години, тренд стана вежбањето особено во пролетниот и летниот дел од годината. Дали Македонците водат сметка за сопствениот изглед, односно дали станува збор за животен стил или актуелен тренд?

- Дефинитивно во Македонија се повеќе се чувствува влијанието од запад кога станува збор за здрав начин на живот, спорт и одржување на добра форма. Луѓето се' се повеќе свесни за бенефитите, кои здравиот начин за живот ги носи, особено спортот и здравата храна. Така што можам да кажам е дека голем дел од луѓето кои воопшто практикуваат спорт, го прават тоа преку цела година како резултат на свесност и подобра информираност, за долгорочните придобивки од здравствен и естетски аспект. 


* Бидејќи се работи за женска група, сметате ли дека во денешно време е неопходно припадничките на понежниот пол да знаат вежби за самоодбрана?

- Секоја вештина е плус, тоа што девојките го учат на тренингот по кик - фит во „Фирс“, не е конкретно самоодбрана, но е начин да станат посвесни за тоа како може да ја користат силата која ја имаат во ситуација, во која хипотетички би биле загрозени. 

* Колку е физички исцрпен еден тренинг и колку ментално треба една личност да биде спремна за да ги совлада ударите и вежбите?

- Тренинзите се доста интензивни, но тука сме да ги бодриме сите почетници и да ги насочуваме да вежбаат со максимумот од својот моментален капацитет. Никогаш не ги форсираме почетниците да бидат на исто ниво како оние кои вежбаат подолго време, бидејќи тоа може да резултира само во фрустрација. Бидејќи тренинзите содржат доста кардио вежби, кондицијата природно се подобрува со секој следен тренинг. Што се однесува на психолошкиот момент, вежбањето во група со повеќе жени влијае многу на мотивацијата. Кога некоја девојка мисли дека е изморена и сака да направи пауза на тренинг, околу себе гледа 15-тина други девојки кои во моментот даваат се од себе и се борат понатаму, мислам дека тоа е нешто што најмногу ги мотивира да најдат внатрешна сила, за да го издржат тренингот до крај.


* Која возрасна група е најзаинтересирана за ваквков тип тренинзи?

- Во клубот имаме членки од 16 до 56 години. Дефинитивно најбројни се девојките од 20 до 35 години.

* Каква исхрана препорачувате за членките да ги добијат посакуваните резултати?

- Пред се многу вода. Избалансирана исхрана со што повеќе свежа храна, наспроти конзервирана и преработена. На телото пред се му требаат нутритиенти за да ги нахрани сите клетки во телото, за тоа да функционира пред се здраво! Никогаш не препорачувам строга рестрикција во внесот на калории, туку обрнување внимание на тоа ШТО се јаде наспроти КОЛКУ се јаде. Протеините играат многу важна улога во оддржувањето и стварањето на мускулната маса и топење на мастите. Но, не сите извори на протеини се погодни за секого. Најгенерална и едноставна поделба на типовите на метаболизми на тело е таа според крвната група. Доколку се исхранувате според типот на крвна група на која припаѓате и спортувате редовно, позитивните резултатите се неизбежни.


* Неодамна бевте дел од скопскиот маратон. Колку кик - фитот е клучен во стекнувањето на добра кондиција?

- Како што споменав погоре, кик - фитот е 60% кардио тренинг што значи дека одлично влијае на целиот кардио васкуларен систем на телото и го одржува во одлична состојба. Со редовно тренирање на кик фит,, ниту една девојка нема проблем да издржи друг тип на кардио тренинг како што е трчање, пливање планинарење и слично. 

* Настрана од професионалните обврски, како изгледа еден ваш обичен ден и дали постои рутина по која се водите?

- Сум тип на човек на кој му одговараат одредени „ритуали“ (рутина малку погрубо ми звучи). Наутро скоро никогаш не излегувам од дома без да појадувам, најчесто овошје и јатки или омлет со зеленчук, сакам релаксиран старт на денот, без брзање, бидејќи целиот ден телото останува со енергијата која ќе ја створите наутро. Во денот задолжително имам барем еден тренинг со „фирс“ девојките, по што сакам да поминам време со фамилијата и пријателите. 


* Кога не би се занимавале со кик - фит, која би била вашата друга професионална определба?

- По професија сум комуниколог, што веднаш по дипломирањето ме однесе во маркетинг водите. Со маркетинг се занимавам и ден денес и е нешто во кое уживам, поради што претпоставувам дека да не беше кик - фитот, ќе бев целосно посветена на тоа.

* Постои ли животно мото по кое се водите и планови за во иднина?

- Верувам во карма и веројатно тоа е некое мото по кое се водам. Се обидувам да не наштетам, но и да не му направам лошо да се чувствува на никој, бидејќи страдањето кое се нанесува на луѓето е енергија која што кога тогаш се враќа. Секој млад човек треба да има сон и визија, по која ќе се води во животот. Работите не секогаш се случуваат така како што сме си ги замислиле, но да се има позитивната слика и визуелизација секој ден според мене е клучот за успех. 


Бојана Нојиќ