Кипар, парекселанс хит летна дестинација: Директни чартери од Скопје и веќе сте во оаза на рајот
Како да сте во Грција, но не сте - тоа е првиот впечаток што го добивате кога ќе слетате на Кипар. Сè е слично, но ништо не е исто. Јазикот ви е познат, а само добар слушател ќе ја почувствува разликата. Но грчкиот е далеку од единствениот јазик што ќе го слушнете овде. Кипар е вистинско мултикултурно место во кое тлеат сите народи, бои, раси и јазици. Иако нашироко се користи англискиот (на крајот на краиштата, независноста од Британија е добиена дури во 1960 година, тука живеат многу Англичани, а возат и од левата страна), се слушаат јазици од сите страни на светот.
Уште од авион кога го гледате островот знаете дека сте на вистинското место, парче рај во кој уживањето е загаранирано. И не само тоа! Ризница од историја испреплетена со современото живеење, а морето кристално чисто, сино, тиркизно, измешано со кристален ситен песок и бујна вегетација во која палмите го имаат главниот збор. Фантазија!
Во последните години Кипар се издвојува како една од омилените дестинации. Токму затоа Македонија и Кипар воспоставија директен чартер лет со авиокомпанијата „Балкан холидеј ер“ (Balkan Holiday Air) од Скопје до Ларнака, а неколку наши агенции нудат пристојни аранжмани, меѓу кои и реномираната туристичка агенција ЈК Травел која ни овозможи да го видиме островот и да раскажеме од прва рака.
Инаку, долгата летна сезона, околу осум месеци со повеќе од 340 сончеви денови секоја година, го прави овој остров феноменално место за одмор и во лето и во текот на целата година. Кипар се наоѓа во источниот дел на Медитеранот и е трет по големина остров со околу 1,2 милиони жители. Средоземната медитеранската клима го прави еден од најтоплите острови. Грчкиот дел од островот со крајбрежје од околу 240 километри и места како Аја Напа, Лимасол и Ларнака привлекуваат посебно внимание на туристите. Останатиот дел е турски (познат е долгогодишниот спор со Грција и Турција околу ова парче рај, па затоа главниот град Никозија е поделен на два дела, единствен таков во светот). 77 плажи имаат добиено „сино знаменце“, гаранција за најдобар квалитет на плажа и море. Екстра лукузни и хотели за сечии вкус. Вили и приватно сместување во кои ќе се почувстувате навистина посебно... Природа и чист воздух за извоз...
Никозија
Никозија (Лефкозија) е најголемиот и воедно главен град на Република Кипар. Градот се наоѓа во централниот дел на островот на бреговите на реката Педиеос.
Никозија е град со долга историја, за што сведочат бројните културно-историски споменици на територијата на градот и неговата околина. Во времето на античка Грција на територијата на денешна Никозија постоел град-држава наречена Ледра. Никозија стана главен град на независен Кипар во 1960 година. Инвазијата на Турците во 1974 година го подели градот на два дела, грчки и турски.
Јужниот дел на градот е мешавина од модерни и стари градби. Северна Никозија го задржа стариот шарм и малку се промени откако градот беше поделен во 1974 година.
Градот е поделен е со таканаречената „зелена линија“, како и остатокот од островот. Една од точките лоцирана во Никозија е отворена за непречен премин од еден до друг дел на градот. Преминот е главно наменет за туристи, додека Грците и Турците кои живеат на островот ретко се мешаат.
Од 30 октомври 2016 година, Никозија стана единствениот главен град во светот со две временски зони, бидејќи парламентот на непризнатата Република Северен Кипар одлучи да го укине летното сметање на времето, односно поместување на часовникот за еден час напред.
Апартманско сместување во Никозија може да се најде за дури 50 евра дневно, додека хотелите се нешто поскапи. Ноќевање со појадок во хотел со три ѕвезди чини од 90 евра и повеќе дневно за две лица.
Ларнака
Ларнака е најстариот град на островот, трет по големина со околу 90.000 жители. Оддалечен е 5 километри од најголемиот меѓународен аеродром во Кипар. Се наоѓа на југоисточниот брег и воедно е луксузно одморалиште.
Претходник на денешна Ларнака е античкиот град Китиум, чии урнатини се видливи и денес. Важна туристичка дестинација со бројни знаменитости и туристички атракции: урнатините на античкиот Китиум - од 13 век п.н.е., црквата Свети Лазар изградена на гробот на Свети Лазар во 9 век, муслиманскиот храм на Султан Теке на 5 километри западно од Ларнака на соленото езеро, Кирокитија - најстарото неолитско место на островот, лоцирано на 32 километри од градот на врвот на еден рид, тврдината Ларнака, изградена од Турците почнувајќи од 1625 година, сега е музеј, а во лето се претвора во театар.
Агенциите нудат безброј понуди за Ларнака со многу пристапни цени, па така 7 ноќевања во хотел со две ѕвезди со појадок може да се најдат почнувајќи од 500 евра. Цените се повисоки за малку полуксузните хотели, па седумдневен полупансион во хотел со 3 ѕвезди чини околу 800 евра.
Аја Напа
Аја Напа е најпознатото одморалиште на Кипар, сместено во неговиот југоисточен дел. Градот го добил името по „Свети Напа“, заштитникот на градот, чиј манастир се наоѓа во самиот центар.
До почетокот на 19 век, Аја Напа изгледаше како заспан рибарски остров со само 200 жители, а по 1974 година стана најпосетуваниот туристички центар на островот.
Аја Напа е позната по бескрајните песочни плажи, нереалното тиркизно море и недопрената природа. Постојат голем број на заливи, меѓу кои најпознат е плажата Ниси, која се смета за една од најубавите плажи на островот. Посебно е популарна меѓу младите поради целодневните забави во текот на сезоната од мај до крајот на октомври. За време на вонсезоната, добива посебен шарм и се претвора во вистинска оаза на мирот.
Сместувањето во срцето на Аја Напа во хотел со 3 ѕвезди може да се најде за дури 625 евра.
Лимасол
Лимасол важи за најживиот град на Кипар и особено ќе им одговара на оние кои покрај пливањето сакаат да го истражат секој агол на островот. Сместен е приближно во средината на јужниот брег и оттаму можете да посетите сè за неколку дена.
Животот во градот не запира ниту во зима. Во лето се препорачува за сите оние кои го сакаат градскиот живот, погледот на бродовите во најголемото пристаниште на Кипар и ноќниот живот.
Прекрасно уредените плажи се протегаат десет километри источно од градот. Го викаат „мал Дубаи“ поради високите облакодери, луксузните зданија и футуристичките објекти, а сето тоа измешано со шмекот на старата афтентична архитектура.
Во Лимасол седумдневното сместување со вклучено полупансион во хотел со 3 ѕвезди чини околу 700 евра по лице.
Протарас
Протарас е мало одморалиште во југоисточниот дел на островот, блиску до граничната линија помеѓу грчкиот и турскиот дел на островот и припаѓа на областа Фамагуста.
Се смета за добар избор за одмор за потивок семеен одмор. Се карактеризира со извонредни песочни плажи. Едно од нив е „Фигового“ - смоква, која со години е наградувана со сино знаме.
Тоа е многу популарно место поради мекиот, бел песок, чистата вода и парковите со егзотични цвеќиња.
Во Протарас цените се најслични со оние во Лимасол.
Пафос
Пафос е најпрестижното и најелитно одморалиште во Кипар. Одличните климатски услови, егзотичната природа, богатото културно наследство привлекуваат огромен број на туристи. Лоциран помеѓу морето и планината Троодос, Пафос е првенствено познат како родното место на Афродита, божицата на љубовта.
Во близина на градот има обележано место во морето каде, според митологијата, таа се појавила од морската пена. Има и еден ритуал- на полноќ сите оние кои сакаат да си ја пронајдат љубовта на животот, треба да свртат три кругови околу карпата, ама голи.
Цените на услугите на островот варираат од место до место, но се поефтини од оние на Халкидики. Цените за изнајмување на лежалки и чадори се по 2,5 евра, но има и делови за посетители кои не сакаат да плаќаат. Интересно е тоа што плажите се јавни, нема приватни комплекси кои се наменети само за гости на хотелите.
А за јадење? Па се што ви душа сака, посебно морски плодови и нивната зачинета кујна во која главно место има коријандерот, лукот и компирот. Рестораните се со цени повисоки од кај нас, но пониски од оние во Грција, а во маркетите храната може да се најде за малку повисока цена од кај нас, но има и продукти кои се дури и со пониска цена од Македонија.
За оние кои сакаат море, но и да посетат одредени културни знаменитости, тука се археолошките наоѓалишта и музеите.
А за сите- незаборавен одмор од островот на љубовта.Небојша Толески
Фото: Саше Богоевски
ГАЛЕРИЈА: