Ќе бидам втора на Евровизија: Тамара ќе ја претставува Македонија во Израел

Добивај вести на Viber

Тамара Тодевска ќе ја претставува Македонија на Изборот за песна на Евровизија, кој ќе се одржува од 14 до 18 мај во Тел Авив, Израел. Пејачката ја објави веста во дневникот на МТВ 1 кој е во тек. За Женски магазин, Тамара изјави дека многу му се радува на овој музички предизвик.

Тамара како дел од придружните вокали на Тоше во Истанбул во 2004 година 

„ Се надевам дека ќе го задржам имиџот кој го изградив на домашните фестивали, секогаш втора. Ако од „Макфест“ и од „Скопскиот фестивал“ сум си одела со освоени втори места, со песни кои станале големи хитови, сигурно дека од мене се очекува и на „Евровизија“ да бидам втора, хахаха. Но, кој знае, можеби ќе ја изненадам публиката и ќе победам. Овој пат, место втора, можеби ќе бидам прва“, ни изјави Тамара низ насмевка.

Тамара, Врчак и Гаџа ја претставуваа Македонија на „Евросонг“ во Белград во 2008 година 

Тамара има богато евровизиско искуство. Како македонски претставник на „Евросонг“ оди втор пат, а претходно два пати била и како придружен вокал. Во 2008 година, заедно со Врчак и со Адриан Гаџа во Белград ја испеа „Во името на љубовта“. Во 2004 година, беше дел од придружните вокали на Тоше Проески во Истанбул, а во 2014 година исто така ги отпеа придружните вокали на сестра ѝ, Тијана Дапчевиќ во Копенхаген, Данска. 

„Среќна сум и чест ми е што МРТВ ме избра мене и верувам дека претходните искуства од „Евровизија“ ќе ми помогнат. За песната сѐ уште немам детали, освен што можам да речам дека би требало да биде од повеќе автори“, додаде Тамара. 

Тамара со Тијана на гала отварањето на „Евросонг“ во Копенхаген во 2014 година, каде што беше дел од придружните вокали на сестра ѝ

На пејачката, минатата година на музички план ѝ за заврши со песната „Довидување таго“, од авторите Роберт Билбилов и Игор Џамбазов која стана голем хит. Сега е актуелна со дуетската балада „Љубов“, со познатиот музичар Игор Атанасовски- Харе кој е автор на песната. На приватен план, во 2018 година најголемата среќа, на неа и на сопругот Александар Димитровски- Мачка им ја донесе раѓањето на синот, Дарен. За ќерката Хана, која во април ќе наполни три години, Тамара вели дека го наследила семејниот музички ген. 

М.Џаровска