Книга на денот: „Соба со поглед“ од Едвард Морган Форстер

Едвард Морган Форстер (1879 – 1970) е еден од најпознатите англиски романсиери на 20. век. Современик на Вирџинија Вулф, Д. Х. Лоренс и Т. С. Елиот, како и член на познатата група „Блумсбери“, тој бил номиниран за Нобеловата награда за книжевност дури шеснаесет пати. Негови најпознати романи се „Соба со поглед“, „Хауардс Енд“ и „Пат кон Индија“.

Младата Луси Ханичрч се наоѓа помеѓу својата ригидна братучетка Шарлот, педантниот свршеник Сесил и спонтаниот Џорџ и треба да донесе одлука. Таа мора да одлучи дали да го послуша срцето или да ги следи конвенциите на викторијанското општество. Нејзиниот избор го понесува товарот на целата генерација млади жени од почетокот на 20. век.

„Соба со поглед“ е третиот роман на веќе класичниот англиски романсиер Е. М. Форстер, кој до денес останува неговото најведро и најомилено книжевно достигнување кај читателската публика. Движејќи го заплетот помеѓу Италија и Англија, помеѓу Фиренца и Сари, тој успева, со блага иронија, без никаков цинизам, а со многу хумор, да зборува за сериозни теми како класата, родот, туризмот, уметноста и љубовта. Иако напишан пред повеќе од сто години, романот „Соба со поглед“ сè уште ѝ зборува на современата публика, за што сведочат многубројните реизданија и филмските адаптации.

Романот е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а е достапна за онлајн нарачка преку Literatura.mk на овој линк.