Кога бев мала скришум му го земав тапанот на дедо ми, денес ме преплавуваат емоции секогаш кога сум на сцена: Тијана Илова за чукањето на тапани
Тијана Илова е 19 годишна девојка од Кавадарци која студира економија. Уште од мала гледајќи го нејзиниот дедо била фасцинирана од тапанот како музички инструмент, скришум му го земала кога ќе ги посетувала на гости, а после неколку години, на 13 годишна возраст за прв пат настапила на семејна свадба токму со тапан. Денес таа е позната и по настапите со нејзиниот бенд „Ana & The Girls“ ширум земјава.
„Желбата за свирење тапан ја имам уште од мала, мојот дедо е тапанар, гледајќи го него како свири тапан бев фасцинирана. Во почетокот не искажував дека сакам да свирам на тапан, од мала ја сакав најмногу Македонската народна музика“ - ни открива на почеток од разговорот нашата соговорничка.
Таа ни раскажува дека кога била мала скришум го земала тапанот на дедо ѝ кога и да одела на гости кај нив, а дома свирела на импровизирани интрументи.
„Немав помош од никого едноставно сама го научив инструментот а тоа е народниот тапан. Настапи имам скоро секој викенд независно дали е свадба или со бендот“.
„Ана и Маја веќе постоеја една година како бенд, а нашата средба почна кога
една од девојките ме побара преку социјалните мрежи. Бев возбудена, сакав да
почнам нешто ново и ми беше голем предизвик да бидам во женски бенд. Музичката
приказна ни почна на 25 Мај после мојата матурска прослава после направени две
проби за нашиот официјален прв настап како женски бенд и еве веќе до денес сме
уште заедно и си постоиме 1
година, напредуваме и се трудиме заедно. Со девојките свириме забавна музика“, ни раскажува Тијана додавајќи дека се препознатливи, енергични и секогаш спремни за добра забава.
Најголемата поддршка ја има од семејството и пријателите. Родителите секогаш се тука за неа кога треба да оди на настапи или кога и да добие понуда за поголем настан најпрво совети бара токму од нив.
Бура од емоции ја облеале на првиот настап
„Мојот прв настап беше на само 13 години на семејна свадба каде што ги изненадив
сите со мојот талент, тоа беше мојот прв чекор во кариерата. Чуството кога го
затропав тапанот и кога ја видов реакцијата на публиката е неописливо, имав бура
на емоции, во исто време бев пресреќна но и исплашена“, вели Илова.
Таа додава: - Секогаш кога ќе излезам пред публиката гледам воодушевеност, солзи радосници и среќа а тоа ме прави уште посреќна и горда на себе си. Најмногу ме прави среќна кога публиката е задоволна и среќна тогаш знам дека сум успеала и сум го остварила мојот сон.
Тремата, од друга страна вели дека е секогаш присутна на нејзините настапи, но тоа не и претставува никаков проблем бидејки и тоа е дел од настапите.
„Често се случува некој од публиката да изрази музичка желба а кога не сме во можност да ја исполниме покажуваат бурнии реакции што влијае понекогаш на моето расположение, но секогаш се трудам да останам професионална, најмногу ме иритира кога некој додека настапувам го допира мојот инструмент а во тој случај може да настане непосакувана грешка“, вели оваа Кавадарчанка.
Нејзиниот ден започнува рано наутро, доколку е на факултет оди на предавања или учи а после тоа се посветува на музиката, вежба и се подготвува за настапите.
„Во слободното време се трудам да го поминам со пријателите и семејството, освен што се занимавам со музика ја сакам и економијата се обидувам да експериментирам.
Покрај тапанот свири и тапани, на кахон и конги, преферира да гледа серии, сака да биде позитивна личност и да остави белег во јавноста.
Нејзиното животно мото е : „Никогаш не се нервирајте мислете позитивно и бидете среќни“.
Ирена Ставрова