Кога ќе ми здодее пишување правни акти, се префрлам на творење: Интервју со Оља Петрушевска Томева - скромна, а успешна на многу полиња
Оља Петрушевска Томева, родена Скопјанка, на 27 јануари 1979 година, со завршено средно медицинско училиште (насока – медицинска сестра), дипломиран правник и магистер по европско право и интеграции, за себе ќе каже дека е и мајка, сопруга, ќерка, сестра, домаќинка, пријателка, емпатична човекољубка, поборничка за здрав живот и чиста животна средина, авантуристка, фантазерка, реалистка... накратко обичен човек, како и сите останати.
Изминатиов месец ја промовираше нејзината најнова книга, романот „Сагата за Рајна“, и големо е задоволството да се зборува со инспиративна жена која е толку скромна, а толку успешна на повеќе полиња.
Нејзина примарна професија е правник, а на изненадување на многумина, од пред неколку години се посвети и на пишаниот збор - желба за која сонувала од детството.
Пред две години ги издадовте Вашите први книги, две одеднаш, а специфично беше тоа што една за деца и една за возрасни. Како дојде до тоа, дали се тоа книги кои ги напишавте непосредно пред објавувањето или долги години „стоеле во фиока“ чекајќи да ја видат светлината на денот?
- Прво ја напишав детската книга „Волшебната авантура“, која го содржи и насловот „Јас, Ана и нашето детство“. Тоа е книга која опишува до каде сѐ може да отиде фантазијата на едно дете, но е преставена и љубовта и важноста на врската, во овој случај помеѓу две братчиња и братучедите.
Веднаш потоа ја напишав и „Одмаздата на богомолката“, која е психолошки трилер по жанр. Едноставно еден ден решив дека сакам да напишам книга, и после три месеци романот беше готов. И самата бев изненадена од себе, бидејќи до тогаш пишував само поезија.
За првите две книги издавач бев самата јас, и искрено сите ги подарив на моите драги пријатели, кои не се малку на број.
Кога всушност почнуваат Вашите први обиди за пишување дали отсекогаш сте знаеле дека еден ден сакате да напишете книга?
- Желбата за пишување ја имам во себе од детството. Се сеќавам дека првичните мои обиди за пишување (најпрвин песнички) се од мои 10, 11 години, кога во училиштето во кое учев имаше конкурс за поезија на тема „Нашата татковина“. Во основното училиште секогаш бев член на литературната секција. Оттогаш, пишував најчесто поезија, ретко кратки раскази, но никогаш не се одлучив да објавам било што од тоа што го имав напишано, сѐ до пред три години кога една моја пријателка ме однесе на промоција на книга и ме натера мојата збирка, која си ја имав направено лично за мене, да ја дадам да ми ја прочитаат. Коментарите кои ги добив беа позитивни и тоа ме охрабри да ја средам и објавам книгата за деца „Волшебната авантура“.
Во однос на првиот роман, едноставно ни самата не знам што се случи. Едноставно храбро се впуштив во нешто што никогаш порано не сум го правела. Но имав идеја, време, и желба. Во текот на пишувањето на романот, односно деловите кои ги пишував ги давав на мои блиски пријателки да ги читаат, чисто колку да го знам нивното мислење, притоа барајќи од нив да бидат и критични, за да знам дали сум на правиот пат.
Потоа следеа книгата за тинејџери „Каде згрешивме“ која ја обработува темата за булинг и се состои од два раскази, две различни ситуации кога предмет на булинг се момче и девојче. Па потоа драмата комедија „Кујната на Кралот Шампањ Куси Трети“.
Со овие две дела конкурирав на конкурсот кој го организираше литературното друштво „Дата песнопој“ од Битола и добив две втори награди.
Интересно е што по професија сте правник и магистер по европско право и интеграци - па, што имаат заедничко Оља како автор и Оља како правник?
- Врската помеѓу мојата професија и творењето е компјутерот, на кој поминувам повеќе од 10 часа дневно. Како што кажав понапред, кога ќе ми здодее пишување правни акти, се префрлам на творење. Тоа ми доаѓа како еден вид на одмор.
Дали Вашата примарна професија како правник се одразува на стилот на кој пишувате?
Па не би рекла. Тоа се два сосема различни света.
Од каде ја црпите инспирацијата, дали вашите дела се продукт на бујна имагинација или се инспирирани од вистински случки?
- Јас сум личност со богата фантазија и искрено не ми е тешко да творам, едноставно уживам во тоа. Понекогаш пишувањето ми е најбезбедно место да побегнам од реалноста. Последниот роман „Сагата за Рајна“ е вистинска приказна. Луѓето од издавачката куќа „Сакам книги“ ми излегоа во пресрет и со нивна поддршка приказната за Рајна Алексова, првата фармацевтка на Балканот па и пошироко, успеа да се слушне. Особено ми е драго оваа книга, од причина што зборува за една многу значајна и успешна жена која има огромно значење за историјата на фармацијата, а потекнува токму од тука, од Македонија, од Битола.
Токму периодов беше промовиран Вашиот најнов роман базиран на вистински настани и вистинската животна приказна на Рајна Алексова, насловен „Сагата за Рајна“ – што Ве поттикна да ја раскажете оваа приказна?
- Откако слушнав за Рајна и почнав да истражувам, едноставно не можев да престанам да мислам на неа. Тоа беше како некој порив внатре во мене кој ми кажуваше дека за Рајна треба да се слушне и знае. Во едно време во кое било незамисливо жената да биде образувана, Рајна ги достигнала наjголемите височини.
Нејзината животна приказна ми го привлече вниманието затоа што нејзините ставовите биле пред времето. Нејзината борбата уште во тоа време и борба која жените ја водат и ден денес да успеат борејќи се за своето образование, економска самостојност, безбедност, иднина и положба во општеството.
По завршување на студиите во Лозана таа станува првата Македонка дипломирана фармацевтка, наедно и прва жена на Балканот. Ако ја погледнеме во контекст на тоа време, времето на Отоманската Империја, тогаш стануваат уште повидливи нејзиното огромно значење и силниот печат што го оставила во историјата на македонската и на балканската фармација.
Рајна со љубовта кон учењето урива бариери и стереотипи. Таа била силна поборничка на девизата „живеј како што знаеш, но умри значајно“. А нејзина филозофија на животот била „со текот на децениите, на вековите, исчезнуваат земните нешта, а остануваат безвременските значења и вредности, кои по својата природа се есенцијални“.
Дали веќе работите на нешто ново, кога да очекуваме нова книга?
- И покрај тоа што имам многу работни обврски во последниов период, сепак се трудам барем неколку часа во неделата да одвојам за пишување. Одговорот е ДA. Веќе извесно време работам на новиот роман, повторно психолошки трилер, кој ќе биде едно своевидно продолжување на романот „Одмаздата на богомолката“, но сепак индивидуално дело, кое ќе може да го чита и тој кој што ја нема прочитано „богомолката“.
Не ветувам ништо околу рокот, но ќе се трудам што побргу да ги изненадам читателите со нешто ново.
Љ.Иванова