Кога ќе заврши сево ова не би стравувала да се вратам: Јована Нешова за искуството во Кина

Оваа млада девојка на сите ви е помалку или повеќе позната, бидејќи уште од тинејџерските години беше следена од будното око на јавноста. Ја запознавме како модел, а колку таа се проби во оваа работа говорaт и нејзините ангажмани во многуте држави ширум светот.

Денес, таа малку се повлече од оваа професија, а одлуката за тоа ја донела митата година.

„На овој чекор се решив минатата година бидејќи мислам дека за мене беше доволно и време да ставам крај на кариерата и да се фокусирам на други поважни работи кои ќе бидат многу значајни и важни за мојата иднина. Моделингот е „temporary job“ и не е работа од која можете да заработите за да живеете цел живот од тоа, тие времиња поминаа и моделингот денес е многу сменет. Тоа е причина плус поради која решив да прекинам, зошто светот на модата стана многу поразличен од претходно, особено во Кина.“ - вели Јована.


Како што веќе напомена таа, Кина беше нејзината матична земја неколку месеци, а последен пат уживала во нејзините убавини минатата година.

„Последно патување во Кина ми беше во март 2019 во Хангџоу каде престојував 3 месеци до јуни. Оттаму бев и букирана и летав од Хангџоу до Франкфурт за сликање на кампања на еден познат кинески бренд за бебешки колички VIKI, каде што снимањето траеше 4 дена заедно со цел тим од 30 луѓе.“


Позитивноста на народот во Кина, како и тоа што тие не се замараат за тоа како си облечен се само дел од работите кои ја имаат освоено Јована.

„Кинезите секогаш се позитивни, ведри, насмеани, пријателски насторени и секогаш тука за да ти помогнат колку и да не разбираат што им зборуваш. Тие не се замараат за тоа дали носиш тренерки во диско или не, каде си седнал, со кого си седнал, дали се сликаш или снимаш на јавно место (кај нас тоа да го направиш сите ќе те гледаат како ненормален и ќе ти се исмејуваат).“


Освен што се добри, позитивни итн., се вели дека Кинезите се љубители на месо од специфични животни, а искуството на Јована само го потврдува ова тврдење.

„Тие фукционираат отсекогаш на тој начин и отсекогаш јаделе специфични животни. Јас лично немам видено дека јадат кучиња, мачки и лилјаци, а за змии и гушери можам да потврдам. Кучиња и мачки јадат само во 2 дела во Кина, а не во сите градови. Јас лично од моето тригодишно работење во Кина можам да кажам дека Кинезите се љубители на мачки и кучиња и многу добро се грижат за нив. Ги облекуваат, шетаат, има и посебни паркови за нив, и некаде е дозволено со кучето да си влезеш во продавница, шопинг мол..“ - ни раскажа Нешова, а потоа додаде и што е она што нејзе лично и оставило најлош впечакот.

„Нешто што не можам да го смислам е нивната култура, кога мислам култура мислам на онаа култура кога се јаде. Кинезите кога јадат многу гласно чматаат, сркаат, ждригаат. И да не заборавам исто така плукаат насекаде. Тоа е нешто на кое што не можев да се прилагодам и адаптирам, а за сѐ друго немав проблем.“


Мометално во светот се уште трае пандемијата на Ковид - 19 и деновите сите ги поминуваме во изолација. Јована, како и многу други деновите ги поминува со гледање на серии на Netflix, готвење, вежбање и работење од дома на нејзиниот бизнис MAPSY. 

„Немам некоја посебна активност која ја правам сега, пробувам да функционирам нормално како претходно само од дома.“ - истакна таа.


За крај ни откри дека кога ситуацијата со пандемија ќе се смири и секако доколку коцките и се поклопат нема да двоуми да замине во Кина, но овојпат како турист.

„Вооптшо не би стравувала да заминам, со оглед дека веќе не работам како модел, многу би сакала и се надевам дека еден ден повторно би отпатувала во Шангај, бидејќи тоа е мојот омилен град во Кина.“


И. Мисајловска