Кога ми доаѓа да претрчам преку улица подалеку од пешачкиот премин ми се јавува Биби како предупредување: Интервју со Слаѓана Вујошевиќ, гласот на ликот на омилената хероина на децата

Добивај вести на Viber

Насловна фото: Мурат Гунери

Младата актерка Слаѓана Вујошевиќ уште како дете се заљубува во актерството и се дава целосно во секоја нова изиграна улога. Покрај својата работа во Турскиот театар во Скопје, оваа позитивна девојка напоредно може да ја видиме во уште неколку проекти. Токму еден од нив е „Светот на Биби“ во кој Слаѓана се крие позади примамливиот глас на умното и храбро девојче Биби кое ги освои срцата на сите деца. 

За своите соништа, за своето секојдневие, како и за анимираниот серијал „Светот на Биби“, актерката Вујошевиќ раскажа детално во интервју за Женски Магазин.

* Која е Слаѓана денес, а која беше како дете, што си посакуваше да стане и дали си ги оствари желбите?

- Сакав многу нешта како дете, сакав да бидам позната НБА кошаркарка, сакав да играм латино танци, сакав да бидам професорка, детективка, археолог... и благодарение на поддршката од моите родители можев повеќето нешта да ги испробам, за да сфатам што навистина сакам! На крајот сфатив дека преку актерството можеби ќе бидам сè од горе наведеното преку ликовите кои ќе ги играм. Интересно е како на прашања од овој тип многу често одговарам само преку полето на професијата, занемарувајќи го фактот дека не е сè во професијата... животот е многу повеќе. Во последно време станувам сè повеќе свесна за ова и се обидувам да се присетам на сите соништа од детството што останале во сенка, поради трката по успехот.

Детска серија „Умни глави“

* Раскажи ни нешто повеќе за твојата љубов актерството. Кога откри дека сакаш да станеш актерка, дали можеби имаше некои препреки на патот?

- Чичко Вјекослав Прокопенко, пријателот на моите родители, еден ден ни дојде на гости и ни кажа дека во Македонската Радио Телевизија се распишал конкурс за примање на нови членови во детското драмско студио, кое го водеше актерката Софија Гогова Врчаковска. Ете поради него, јас сум актерка денес! Ме примија во детското драмско студио, редовно присуствував на сите часови, учев дикција и правоговор по македонски јазик, играв неколку улоги во серијата „Умни глави“ во режија на Ацо Алексов, ја водев радио емисијата „Нова планета“, ја водев утринската едукативната емисија „Ѕвон“ чија уредничка беше Мирјана Папазова, го играв ликот на сестрата на Мајка Тереза во филмот „Скопјанката Мајка Тереза“ во режија на Сашо Миленковски, водев Детска  Евровизија... накратко, се заразив со актерската професија и јавниот настап и тоа ме правеше среќна! Без многу размислување, а со голема поддршка од мојот братучед, актерот Роберт Ристов, подготвив монолог и две песни за рецитација и се пријавив на приемниот испит на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Ме примија и сега го јадам шлагот, а секој нов проект ми е уште една нова јаготка.

Фото: Мурат Гунери

* На што работиш моментално, каде си ангажирана?

- Во моментов сум вработена актерка во Турскиот театар во Скопје и дел сум од ансамблот на претставата „Вишновата градина“ во режија на Владимир Милчин. Истовремено, ми претставува големо задоволство што заедно со актерките Билјана Драгиќевиќ и Нина Елзесер играм во „ПОД.ГОТВЕНО“, перформанс во режија на мултимедијалниот уметник Дејан Спасовиќ, а по текстови на авторите Ѓоко Здравески, Елизабета Баковска и Едвард Олби. Заедно со мојот драг колега Никола Настоски секојдневно сме на онлајн проби со двајца турски актери Алара Локум и Шакир Ѓулер, со кои го подготвуваме проектот „Поетски мост“ кој е базиран на поезијата на извонредните поети Блаже Конески и Назим Хикмет. Со овој проект, минатата година настапивме во Македонскиот Културен Центар во Истанбул, а оваа година со поддршка на Турскиот Културен Центар „Јунус Емре“, наскоро ќе настапиме во Скопје. Овојпат на актерскиот тим му се придружи и Дејан Спасовиќ кој е задолжен за музичкиот дел, така што проектот е проширен и збогатен со уште повеќе содржини. Паралелно со сево ова, предавам сценски говор заедно со проф. Тихомир Стојановски и проф. Валентина Божиновска, на Факултетот за драмски уметности... и со нетрпение ја очекувам премиерата на филмот „Денот на жената“ во режија на Гоце Цветановски, каде ја толкувам главната женска улога.

Фото: Соња Ставрова / сцена од перформансот „ПОД.ГОТВЕНО“

* Не знам колкумина знаат, но токму Слаѓана се крие зад ликот/гласот на една од омилените ликови на децата, Биби. Како започна таа приказна?

- Оваа приказна започна благодарение на режисерот Гоце Цветановски, со кого претходно соработувавме во спотот на песната „CONE OF SHAME“, на познатиот бенд „Faith No More“. Тој како режисер на проектот „Светот на Биби“, ми кажа за кастингот на ликот на Биби и ми ги соопшти сите важни детали. Јас во тоа време бев во Истанбул и ја пишував својата докторска теза „Филмскиот актер во дигиталната епоха“, па морам да признаам Биби ми дојде како право освежување во тие стресни денови. „Азбуката на Биби“, која беше доделена како текст за кастинг, ја снимив пред моите цимерки Амина од Босна и Херцеговина и Чилуфија од Замбија. Нивните реакции на трансформацијата на гласот, ми беа знак дека сум на добар пат. Потоа следеше онлајн средба со продуцентите Марјан Алексовски, Стојче Коко Ѓорѓиев и Жарко Стојаноски на која ми соопштија како се одвивал кастингот, односно дека жири комисијата се состоела од дечиња по чии реакции се избира најсоодветниот глас. И така дознав дека најстрогото жири ме избрало всушност мене. Па има ли поголема радост од тоа?

* Што научи ти од Биби? Дали си делите слични карактеристики? Што е за тебе Биби? Дали откриваш дека си Биби?

- Со секоја нова епизода, преку ликовите на Биби и Боби, а сега веќе и ликот на тато Тино учам нови работи за планетата Земја и сите останати планети и ѕвезди од нашиот Сончев Систем, учам за нашата земја Македонија, за места, животни и растенија за кои претходно не сум знаела. Со ликот на мама Ана учам нови рецепти и ми се развива љубовта кон готвењето! А со оглед на тоа дека Биби како што знаете е мала умница, од неа учам за тоа како сакам да си го воспитам сопственото дете, да ја сака и чува природата, да не молчи пред неправдите и да биде добар и искрен другар. Морам да бидам искрена дека, секогаш кога ми доаѓа да претрчам преку улица подалеку од пешачкиот премин ми се јавува гласот на Биби како предупредување. Биби не е само проект во кој јас како актерка се реализирам, тоа е проект во кој јас растам како личност и секојдневно работам на себе.

* Дали очекуваше таква популарност, дури и надвор од земјава?

- Искрено, ова е можеби единствениот проект за кој не размислував што може да ми донесе мене и целиот фокус беше насочен кон публиката, со оглед на тоа дека станува збор всушност за најспецифичната публика – децата. И секој нов успех на овој проект, мене, а верувам и на целот тим само ни ја зголемува одговорноста да продолжиме да даваме се од себе. Ми се чини секоја друга публика може да се залаже со малку квалитет и потоа да и се сервираат нешта на „стара слава“, но децата се најискрени гледачи и кај нив не смее да се потфрли.

* Која е најважната порака на оваа детска емисија, според тебе?

- Не би можела да издвојам само една порака, бидејки проектот „СВЕТОТ НА БИБИ“ секојдневно си дава задача да ги опфаќа сите важни аспекти од растот и развојот на секое дете. Со самото тоа што ова е првиот ваков проект на македонски јазик, една од најглавните пораки е да се негува македонскиот литературен јазик. Истовремено, преку Биби, нејзиното најдобро другарче Боби, нејзините родители како и сите животни и суштества од Планетата Заз и Волшебната шума, секоја нова епизода зборува за потребата од заедништво, меѓусебно разбирање и трпение, прифаќање на различностите, грижа за другите луѓе, животните и природата...

„Светот на Биби“ во Битола

* Кој е твој омилен лик од серијата?

- Ух, уште едно навистина тешко прашање. Убавината на овој проект е што нема главни и споредни улоги, секој лик е значаен и умешно допира до секое дете. Секој нов лик ми е омилен, бидејки колегите актери кои работат на проектот секогаш носат свој оригинален пристап и ги прават ликовите уште позабавни од претходните. Еве на пример на последното снимање Сашка Димитровска беше прекрасна во изведбата на една жирафичка, не смеам да ги откривам деталите, но сум сигурна дека ќе ги освои и срцата на најмалите!

* Со што сакаш да се релаксираш во слободно време?

- Од почетокот на пандемијата, благодарение на Сергеј Георгиев кој секое утро држеше онлајн медитации за сите заинтересирани, се заразив со оваа пракса и продолжив скоро секој ден да ја применувам. Истовремено вистински уживам во хранење на гулабчињата кои ми леткаат под терасата и галењето на мачињата и кутрињата кои си шеткаат околу мојот влез. А, морам да признаам дека во последно време развивам посебна љубов кон готвењето, а за тоа е виновник Дејан Спасовиќ кој на една од пробите за „ПОД.ГОТВЕНО“ (што е всушност перформанс со готвење и служење храна на публиката) спомена дека готвењето е вештина која сите ја поседуваме и треба добро да размислиме пред да се откажеме од неа.

Фото: Маја Аргакиева / Филм „Денот на жената“

* Мото кое те води низ животот.

- Секогаш кога се соочувам со нови предизвици, за кои немам доволно храброст или самодоверба ме води она: „Сè што се сака се може!“, и некако магично успевам да го постигнам дотогаш навидум невозможното. А, кога нешто не ми се допаѓа, набљудувам и си го применувам: „Пробај прво да го видиш убавото во сè!“, па така успевам да ја видам и другата страна на луѓето, нештата и ситуациите.  


Д.Караташова Илиоска