Кога размислувате позитивно, ќе ви се врати позитивно: Таткото на малата Дариа од Скопје која успешно ја заврши последната хемотерапија, со исповед за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Време е за убави работи - малата Дариа од Скопје пред една недела ја прими последната рунда на хемотерапии откако ѝ беше дијагностицирана акутна лимфобластна леукемија и сега конечно може да замине на домашно лекување.


Дариа има само три годинки, а на Инстаграм ја забележавме како најпозитивното и најслатко девојче со најголема насмевка. Нејзините родители, во знак на поддршка на сите деца кои минуваат низ оваа и други болести, го водат Инстаграм профилот на Дариа известувајќи за нејзината состојба и како тече нејзиното опоравување. Така минатиот викенд ги соопштија најубавите вести - Дариа заврши со хемотерапиите и си отиде на домашно лекување.


- На крајот на секој тунел се гледа светлина, мојата светлина си ти. Тунелот го помина храбро и со насмевка на лицето, насмевка која на сите нас ни даваше мотив и храброст да се бориме за тебе - напиша нејзиниот татко Ермин Цуљевиќ од Скопје.

Ермин и неговата сопруга се родители на две деца , Дарис (7) и Дариа (3).
Тој е бербер, основач на берберницата Mr.Barber, 15 години е во тој занает, а веќе три години е со сопствен бизнис. За себе скромно вели дека е обичен човек, но тој за прв пат во нашата држава направи персонализирана апликација за закажување на берберски услуги.  

За сите овие девет месеци откако дознале за болеста на Дариа, Ермин и сопругата не престанале да веруваат дека „Кога размислувате позитивно, ќе ви се врати позитивно” - ова всушност било и нивното мото да продолжат да се борат и да веруваат дека Дариа ќе оздрави.


- Можам само да кажам дека нај лошото е зад нас. На Дариа ѝ беше дијагностицирана леукемија (поточно акутна лимфобластна леукемија). Болеста е агресивна, но за среќа победлива. Поминаа долги 9 месеци откако дознавме, а толку трае и лекувањето кое сѐ уште не е завршено. Иако Дариа ги заврши сите хемотерапии тука не е крајот. Лекувањето ќе продолжи во домашни услови и ќе трае околу 15 месеци.

Таа сега е многу подобро, весела е, насмеана и позитивна како и секогаш.


23.11.2021 година кога ни го соопштија резултатот, се сеќавам на тој ден како да беше вчера - вели Ермин.

- Плачевме со денови, едноставно животот ви поминува пред очи во тие моменти. Решивме да ја испочитуваме болеста и храбро да се избориме против неа.

Целата приказна започна сосема случајно.Дариа ненадејно почна да го губи апетитот и стана многу бледа. Првичните анализи покажаа дека се работи за анемија. По еден месец терапија, немаше никакво подобрување. Во меѓувреме имаше покачена температура на секои 3 до 4 дена, голема слабост во зглобовите на рацете и нозете и почна да губи на тежина. Тогаш решивме дека е време да ги направиме сите можни подетални анализи бидејќи не ни беше јасно ако се работи за анемија, зошто нема ни 1% подобрување. Од тогаш започна борбата која сѐ уште не сме ја завршиле.


И  покрај сѐ, Дариа е едно весело, среќно и позитивно дете, како што може да се види на фотографиите, но како што ни потврди и нејзиниот татко кој признава дека за таа насмевка најзаслужна е неговата сопруга, мајката на Дариа.

- Иако имаше денови кога беше премногу нервозна, тажна или само плачеше, поголем дел од лекувањето го помина со насмевка на лицето.
Да бидам искрен, најголема заслуга за таа насмевка има сопругата која е цело време покрај неа во болница. Таа ја охрабрува Дариа и максимално се труди да ѝ го исполни денот.


Лекувањето за оваа дијагноза трае од 7 до 9 месеци и се состои од три циклуси. По завршување на секој циклус се прави пауза дома, од 10 до 15 дена. Но, поради јаките хемотерапии поголем дел е со престој во болница и потребен е целосен надзор од лекари.

Прогнозата на Дариа од самиот старт била позитивна, Ермин вели дека имале голема среќа што овој тип на леукемија е од полесна форма и не е потребна трансплантација на матични клетки.

Таткото и мајката на Дариа велат дека конечно е готово она што мислеле дека е невозможно, а сега е време за убави работи.

- На ова гледам како некое животно искуство и школо, кое нѐ научи дека не постои проблем кој не може да се реши, ни покажа колку сме психички јаки и ни покажа кои ни се вистинските пријатели. И не молчете за болести!!!
Колку можете повеќе луѓе вклучете околу себе, најважна е поддршката - ништо не можете сами.
Никогаш не се откажувајте и никако не треба да бидете песимисти. Мора да се борите, бидејќи сум убеден дека секоја болест е победлива, посебно ако е откриена на време.

Семејството на Ермин дури и во најлошите моменти се фокусирани на позитивната страна, сега им е најбитно Дариа и сопругата да се вратат што поскоро дома и да го надокнадат сето изгубено време за кое биле разделени. Сите овие девет месеци се воделе со мотото: „Кога размислувате позитивно, ќе ви се врати позитивно” - патем оваа е и мислата која сакаат да им ја пренесат на сите кои се борат со некоја болест или мислат дека се во безнадежна ситуација.


*Љ.Иванова