Кога пеам сама, како да пеам со Тоше: Каролина и Тамара со емотивни сеќавања
Денеска, нашата најголема музичка ѕвезда, Тоше Проески ќе наполнеше 38 години. Тоше го загуби животот на 16 октомври во 2007 година во сообраќајна незгода во Хрватска. Од тогаш, фановите од целиот Балкан, велат дека Тоше има само датум на раѓање.
По повеќе од 15 години, Каролина Гочева на концертот посветен на Тоше, лани во ноември, сама ја испеа песната „Немир“, хит-дуетот кој пред речиси 20 години го сними со Тоше Проески. Каролина беше дел од гостите кои настапија на концертот.
„ Оваа песна некако самата се наметна, беше логичен избор за мене. Многу ми е мило што ќе ја пеам „Немир“ по повеќе од 15 години. Токму вчера, додека ја пробував се сетив на еден куп спомени врзани за неа. Ме потсети на сите наши заеднички патувања, дружења, снимања со Тоше. И затоа ми е драго што по толку време повторно ќе ја испеам, во една ваква, убава прилика“, ни изјави Каролина Гочева лани пред концертот.
Тамара Тодевска е исто така беше дел од гостите. По нејзин избор, ја изведе нејзината најдрага песна од Тоше, „Најдрага моја“.
„Секогаш кога ја слушам ми буди посебни емоции. Некако, имам чустство како да ја пеам заедно со Тоше. Оваа песна вокално не е многу тешка, но емотивно е. Од секогаш ја сакам, Тоше го знаеше тоа“, ни раскажа Тамара.
Лани во ноември беше промовиран новиот албум со песни од Тоше, „Secret Place“, кој го продуцираше Енди Рајт, композиторот од Лондон. М.Џ.