Кога се пренесуваат вистинските музички вредности, тогаш родителите и децата ќе пеат и играат на исто место - едните со носталгија, другите со радост
Што е
заедничко на луѓето од Скопје, Белград, Загреб или Сараево? Тоа се
осумдесеттите години кои стојат цврсто на „рамењата на седумдесеттите“ –
генерациски доживеани и традиционално пренесени на децата. Ова е заклучокот од синоќешниот концерт
на трите легендарни бенда „Црвена јабука“, „Галија“ и „Прљаво казалиште“ кој се
одржа во салата „Борис Трајковски“.
На него присуствуваа претставници на постарите генерации кои во осумдесеттите беа млади и „имаа лупа“ преку која ги разубавуваа нештата. Ги почувствуваа позитивните вибрации од една деценија, која одбива да умре, бидејќи во нив е врзана како чвор.
На концертот имаше и млади, кои не се сведоци на создавањето на групите и нивните први хитови, но нивните родители успеале да ги растат со таа музика и да им ги пренесат вредностите на некогашната рокенрол мисија. Како поинаку да се протолкува нивното пеење и играње четири и пол часа.
Љубовта го движи светот. Тоа одлично го знаат членовите на сараевскиот бенд „Црвена јабука“ кои први се појавија на сцената. Во тоа несебично од првата до последната минута на фронтменот на бендот Дражен Жериќ –Жера му помогна македонската публика, која ги знаеше сите нивни стихови и ноти. Токму љубовта и романтиката ја одржаа „Црвена јабука“ цели 39 години во самиот врв на балканската музика. И покрај многуте пехови и лошо поделени карти на судбината,групата успеа да ѝ подари на публиката безброј безвременски лекции за љубовта.
Прекрасните „Туго, несреќо", „То ми ради", „Туга, ти и ја", „Нема више времена", „Бацила је све низ ријеку", но и нашата „Ако умрам, ил загинам" (дело на големиот Јонче Христовски) одѕвонуваа во салата.
На моменти потскокнување и пеење на цел глас, на моменти наежена кожа – така реагираше публиката кога настапија „Галија“.
Познатиот нишки бенд, основан во 1977 година уште еднаш го потврди статусот легенди на југословенскиот рок. Со репертоар кој опфаќа некои од најголемите хитови „Додирни ме”, „Да ме ниси” и „Још увек сањам”, „На твојим уснама” успеа да создаде единствена атмосфера која одекнуваше низ салата.
Ненад Милосављевиќ - Неша фронтмен на легендарната група , уште еднаш потврди дека е врвен музичар, вокал кој секогаш успева да ја одушеви публиката и да ја потсети на убавите и носталгични мигови. Не зборуваше многу, освен што често истакнуваше „ви благодарам дами и господа“.
Најголемите успеси на „Прљаво казалиште“, „Марина“, „Све је лако кад си млад“,„Ма ког ме бога за тебе питају“, очекувано ни овој пат не изостанаа од репертоарот на бендот кој настапи последен и понуди најдолга забава. Способноста да се поврзат со публиката низ искрени и емотивни текстови е еден од клучните причини за успехот кој трае повеќе од 45 години. Овој култни состав остави неизбришлива трага во музичката историја и освои срца на многу генерации.
Да, турбо фолкот, можеби ги окупира салите, но романтиката, топлите акорди и љубовните стихови откорнати од срце, се уште не се даваат. Сé додека публиката ги сака и ги пее.
Зошто ја слушаме музиката на осумдесетите. Таа во нас активира рефлексно лачење лесни позитивни емоции единствени кои можеме да си ги дозволиме. Во таа деценија бевме млади наивни. Сега со искуството ја сакаме таа наивност без илузии, кои младите ја имаат.
Групите настапија во рамките на фестивалот „Скрим“, кој се врати по девет години пауза, во организација на „Прагма“ продукција.
С.А.Н
Фото: Вангел Тануровски