Коки Јанков со концерт ќе ја одбележи десет годишнината од смртта на Дуле: Не е овде, а како да е покрај мене секој ден

Добивај вести на Viber

,,Домот на млади" во Штип е култно место, низ кое продефилирале многу бендови, како од ју- просторите, така и од Македонија. Коки Јанков и неговиот пријател и соработник, покојниот Душан Љубисављевиќ израснале и ги почнале своите музички фантазии токму на тоа место. Клучен човек сонот да им стане јаве бил Бошко Симоновски, таткото на таа сцена, голем човек и музичар, кој им дозволувал на младите да дојдат во допир со рок енд ролот. Станаа едни од најпопуларните музичари на почетокот на 2000 година Како „Дуле и Коки“. Оставија белег на музичката сцена со хитовите „Виолина и гитара“, „Марама“, „Колку треба да се плати“. Нивните планови ги сопре болеста на Дуле, кој по кратко боледување почина во 2013 година на 38 години.

Коки кој ја продожи кариерата со „Тајфата“, во чест на својот пријател и колега на 15 септември ќе одржи концерт во Домот на млади во Штип.


- Дом на млади е реновиран, многу е убаво. Концертот е на отворено и е закажан за 20.30 часот. Ќе бидам со бенд, а дали ќе има и гости, рано е да кажеме. Сѐ е добро осмислено одамна и едвај чекам да се случи. Знам дека интересот е огромен, како од Штипјани, така и од цела Македонија. Вистинско патување со песните на Дуле и Коки. Под моето име, Коки Јанков, стои 2013 - 2023. Тоа доволно зборува за приказната која трае и за среќа на многу генерации, не застанува. Песните останаа – вели Коки на почетокот од нашиот разговор.

ЖМ: Избегнуваше да зборуваш за Дуле во изминативе години. Дали тоа беше некој одбранбен систем од тагата, од околината која можеби погрешно би го протолкувала твојот збор?

- Вистинските прашања не беа поставени и затоа немаше одговори што ќе ги задоволеа интересите на некои луѓе. Реално не избегнував да зборувам, но нешто мораше да остане во најтесниот круг на семејството, и неговото и моето.  Внимавав на многу работи, пред сѐ, некој да не биде повреден. Некогаш успевав, некогаш се повлекував. Но, десетте години наваму, зборуваат, а летнаа како ноќ. Знаете, некој е овде покрај тебе - а не е. Некој не е овде - а тука е секој ден.


ЖМ: Каков беше Дуле, како музичар и како човек? Која песна му беше најомилена?

- Беше сестран човек, комуникативен, убав, чувствителен, емотивен, сакаше да живее брзо, услужлив, харизматичен, знаеше да се однесува со публиката, го сакаа. Е, не можеше едно да разбере колку беше сакан. На крај му излезе една болка што не ја знаевме и не ја дознавме. Немаше назад. Пееше од срце, тоа беше многу важно. Ако ми верувате, немаше свирка, настап, на кој присуствуваа илјадници луѓе, да не се погледневме и да не си кажевме со очите што чувствуваме во моментот и двајцата. Имаше песни што му значеа. Тие ќе ги испееме на концертот.


ЖМ: Спомените ја топлат, но и ја распарчуваат душата. Кога ќе се сетиш на Дуле, кои спомени ти ја топлат душата?

- Бевме од деца заедно. Различни ситуации поминавме. Имавме периоди кога ни беше убаво,  но, и  кога моравме да се бориме како лавчиња. Имавме среќа што бевме двајца, а две глави мислат подобро од една. Не ми преправаше ништо, не му преправав ни јас. На земјава, ретко ќе ѝ се случи нешто како Дуле и Коки. Не ме сфаќајте погрешно, ова сум го слушнал од други. Спомените некогаш имаат рок на траење. Овде сум за да го пробијам рокот, преку песните, да не се заборават некои нешта, дур сум жив и здрав. Публиката не прашува како ти е и што ти е, публиката сака песна. Толку. А секој си знае зошто ја бара баш таа песна. Едноставно е. Тоа добро го знаевме. Дуле сакаше спомени…


ЖМ: За што жалиш најмногу?

- Патот по кој одевме ветуваше дека ќе стигнеме далеку. Немаше зошто да не ја истераме до стари години. Силата и енергијата се познаваа од далеку. Песните кои знаеше да ги донесе Дуле пред луѓето, беше природна формула за опстанок и за големи работи. Штета. Должни сме сите некому и нешто. Така и јас. Секој нека се пронајде во животот. Господ не може некој повеќе, а некој помалку да го сака. Нѐ сака подеднакво. До нас е, кој чекор и која одлука ќе ја преземеме. Да дадеме тоа што имаме, малку или повеќе, не е важно. Да дадеме дел од нашите души, генерациите ќе препознаат, треба време. Едно зрно е доволно за да се смени нечиј живот. Верувајте. Благодарам на сите што сте сѐ уште покрај песните на Дуле и Коки. Се гледаме наскоро.


Соња Алексоска Неделковска