Концерт на Мерсиха Шукри во Филхармонија, по повод 20 години од нејзиниот прв концертен настап
Нашата најпозната харфистка Мерсиха Шукри ќе одржи концерт во понеделник, на 25 октомври, со почеток во 20 часот во малата сала на Филхармонија. На програмата ќе бидат изведени композиции од Дурант, Дусек, Глинка и Хенсон.
Како гости ќе настапат нејзините драги колеги Елена Талевска на виолина и Паскал Краповски на виолончело. -Ова е прекрасна можност да се ужива во звуците на најомилениот инструмент на боговите, харфата“, вели харфистката.
Инаку, ова е концерт кој одбележува 20 години од нејзиниот прв концерт и е наречен „20 години Мерсихарфа“. Влезот е слободен. Мерсиха Шукри е првиот студент по харфа во Македонија, и прв дипломиран харфист на Факултетот а музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Лејла Урманова од Русија.
Својата лична харфа ја купува дури по дипломирањето, и вели дека за еден толку скап инструмент штедела долги години. Тоа не ја поколебало посветено да работи на усовршувањето, вежбајќи во Македонската опера и други институции. Скромна е и упорна да успее во својата работа, добитник е на повеќе републички и меѓународни награди.
Магистерски студии завршува во Белград во класите на професорите Милица Бариќ и Љиљана Несторовска како прв магистер во Македонија. Се усовршувала на мајсторските курсеви кај интернационални солисти и професори по харфа, а има настапувано на сите позначајни домашни музички манифестации, како и во повеќе европски земји.
-Својата харфа ја купив дури после моето дипломирање. Дотогаш зависев од институциите за каков било настап или концерт. Уште кога почнав да учам да свирам, имав одлука дека ако еден ден купам харфа, ќе биде голема концертна. Тоа значеше и долгогодишно штедење. Харфата ја купив во Италија и знам дека бев воодушевена и маѓепсана од глетката на толку многу харфи на едно место“, изјави Мерсиха претходно во интервју за Женски магазин.