Корона-статистика: И лекарите се разболуваат, зарем не?

Новиот коронавирус удира силно по здравствениот персонал – ова е општо место кое се повторува во статистиките на заболените секаде низ светот.

12 проценти од заболените кај нас се – лекари и медицински персонал. Меѓу нив има вработени од Заводот за рехабилитација, лекари од Дебар и од Куманово, гинеколог од битолската клиника за плодност...

-Со оглед на распространетоста на вирусот меѓу населението, природно е да се очекува појава на заболени и меѓу оние кои даваат помош – вели доцент д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарската комора на Македонија.  

Висок процент на заболен медицински персонал има во сите земји, погодени од епидемијата со коронавирусот. Освен изложеноста, бидејќи тие се првиот фронт во планетарната битка со вирусот, експертите се сомневаат и на други причини.

-Знаеме за високата смртност кај повозрасните луѓе, но тоа што не го разбираме е што првата линија на здравствени работници е во сериозен ризик, наспроти нивната млада возраст – изјави д-р Петер Хотез, професор на Националната школа за тропска медицина на колеџот Бајлор за американката телевизија Сиенен.

Од појавувањето на коронавирусот на почетокот на годинава, многу лекари станаа жртви на болеста. Д-р Ли Венглинаг од болницата во Вухан, кој стана глобален херој откако неговите предупредувања за појавата на новиот вирус кинеската полиција на почетокот ги нарече лажни вести – почина неколку недели откако беше изложен на заразата. Кога тоа се случи на почетокот на февруари, Кина имаше само 31 илјада заболени. Д-р Ли Венглинаг денес е своевиден симбол на кинеската интервенција која успеа да го смири вирусот во изминативе три месеци.

Статистиката на заболен медицински персонал од Италија, Шпанија и најновото жариште - Њујорк го потврдуваат кинеското искуство, каде што заболеа повеќе од 3500 здравствени работници, а починаа 13.

Здравствените работници, сметаат експертите, се особено ранливи од повеќе причини. Вирусот е многу инфективен, медицинскиот персонал е поизложен на него. Во многу средини, како што расте бројот на пациентите, се јавуваат кусоци на потребна заштитна опрема. Комбинацијата на стрес и долгочасовната работа може да им го направи имунолошки систем поранлив од вообичаено. Конечно и нецелосното познавање на вирусот во моментов се смета за уште една причина за зголемување на ризикот од разболување меѓу медицинскиот персонал.

Затоа, колективниот аплаузот оправдано станува и останува инструмент за граѓанска поддршка и благодарност за медицинските работници – секаде во светот.

Ј.Франговска