,

Коста Петров за новата книга: Дали можеби премногу се соголувам? Дали некои работи треба да ги премолчам?

Добивај вести на Viber

Велат дека болката зацелува со времето... Дека некои нешта избледуваат, некои ги бришеме, за други патиме, за трети не се вртиме назат... Четври ни се поттик... Животот е круг... 

А велат и дека времето и сето она што поминало низ него преку нас може да создаде неверојатна инспирација за создавање на своја приказна, која може да биде раскажана за да допре и до други...

Коста Петров, авторот на четирите најпродавани книги кај нас, интернационално докажан претприемач и експерт за односи со јавност е човекот кој најчесто раскажува приказни кои ги доживеал. Неговиот наратив е лесно приемчив кај публиката, а со неговите пишани зборови често се идентификуваат многумина... дали во болката, тагата, успехот, среќата, поттикот...

Овојпат, Коста поентира со нова книга наречена „Што ќе кажат другите“. Самиот наслов е интригантен, а што довело да ја напише книгата, какви се неговите размисли за одредени животни теми, кои нешта ги става на пиедестал... ќе прочитате во следните редови:

* Велите дека во животот најверојатно има совршен момент за сѐ! Дека треба да сте слободен од секакви емотивни манипулации... Пет години се подолг период за пишување на нова книга... Што осознавте тие пет години и дали книгата напредуваше следствено на настаните во тој временски период?

- Книгата започнав да ја пишувам пред точно пет години, по првиот настан на Пи Ворлд во Њујорк. Тоа беше навистина една незаборавно искуство. Настанот го организиравме во канцелариите на Вог на Менхетен и пукав од позитивна енергија. Сакав да ја споделам таа енергија со сите! И почнав да пишувам но работните обврски си го направија своето. Таман повторно сериозно седнав да пишувам, се случи соработката со Тамара за Евровизија. Нека помине Евровизија, па ќе ја довршам. Сигурно ќе има добри приказни од тоа искуство, си реков. И имав право. Евровизија беше најубавото професионално искуство во мојот живот. Засекогаш ќе ги паметам 12-ките и радоста што ни ја донесоа таа вечер во Тел Авив. Ова е приказна што вреди да се раскаже, си реков и седнав сериозно да пишувам. По само три месеци ја донесов можеби најтешката професионална одлука во мојот живот. Во претстојниот период немав никаква инспирација за пишување. И таман си реков дека е крајно време да ја довршам книгава, ги скршив двете раце. Дури тогаш дефинитивно немаше шанса да довршам што било.

Но во животот најверојатно има совршен момент за сѐ. Очигледно требало да ми се случат одредени работи, да поминам низ одредени процеси, да ги согледам работите такви какви што навистина се, ослободен од секакви емотивни манипулации, за да можам конечно да седнам и со чиста мисла да ја раскажам мојата приказна, таква каква што навистина е.

*Дали се соголувате во новата книга? Каква е таа? Дали е изблик на мотивација, дали е за стравот, за ставот...

- Па да. Додека пишував, често се прашував дали навистина треба да го споделам ова мое животно патување? Дали можеби премногу се соголувам? Дали некои работи треба да ги премолчам? Милион прашалници во главата. Но како што поминуваше времето, чувствував дека ниедно од овие прашања не е поставено од мене, од мојата душа. Потсвеста повторно се обидуваше да си поигра со моите мисли. Повторно, по којзнае кој пат, сакаше да ме изманипулира да донесам одлука базирана врз тоа што ќе помислат или кажат другите, а не да го кажам тоа што навистина ми лежи на душата.

А каква е книгата? Па има од сѐ по нешто. И мотивација, и духовност, и врвови и падови но и политика. Како и во животот.

*Ве мачи прашањето- Дали воопшто некои приказни се вредни за раскажување? Па, дали се?

- Додека пишував, често си го поставував тоа прашање, особено кога го пишував делот за моето искуство во политиката. Тој дел всушност претрпи и најмногу измени. Мислам дека од тоа поглавје имам околу седум различни верзии. Сеуште на некои работи гледав премногу емотивно и ми беше тешко да ги отфрлам емоциите и да ги напишам работите такви какви што се,  ослободен од било какви емотивни манипулации. И после неколку недели пишување, си реков, доста е, седни и напиши го тоа што ти лежи на срцето.

*Во што е најголемата различност на книгата во поглед на останатите ваши дела?

- Книгава е таква каква што е. Дали е поразлична од сѐ што досега сум напишал? Се разбира, бидејќи ни јас не сум тој што сум бил пред пет години, кога ја објавив мојата последна книга. Но во тоа е убавината на живеењето. Секојдневно учиме нови лекции, созреваме, се менуваме. Ова е моето животно патување. Моите стравови. Моите одлуки. Моите сомнежи. Моите падови. Моите успеси. И без разлика на тоа што некои работи беа многу болни за пишување, не би променил ништо во мојот живот. Сѐ си е во совршен ред. Така како што навистина треба да биде.

* Кој и каков беше најболниот дел од пишување на книгата? 

- Па најверојатно последното поглавје од книгата, она за мојот влез во политиката и судирот на моите верувања со верувањата на новиот круг. 35 години градев систем на верувања кој ме однесе на најубавото животно патување и за првпат се соочив со систем на верувања кој е комплетно различен од мојот. Во истиот тој период, ги изгубив и најдрагите луѓе од мојот круг, мојот чичко, баба ми, дедо ми, а почина и еден од моите најдобри другари Хајан Селмани, на кого и му ја посветив книгата. Но сите ние сме појаки од тоа што мислиме. Потребна ни е само малку поголема трпеливост.

* „Што ќе кажат другите“ е насловот. Дали навистина е битно што ќе кажат или ние живееме во општество во кое навистина оваа реченица е дел од нашето живеење?

- Историски гледано, барањето одобрување од другите и грижата за тоа што мислат тие за нас е во човечката природа и е нешто сосема нормално. Но иако е нормално, тоа не значи дека секој од нас, барем во одреден момент во животот, не се обидел да го пронајде одговорот на најтешкото животно прашање – како да не се грижам што ќе мислат другите за мене? Токму поради нашата човечка природа, која се базира врз интеракција, врз разменување на мислења, искуства, емоции, прашањето што сите треба да си го поставиме не е како да престанаме да се грижиме што мислат другите за нас, туку како да се справиме со мислењата на другите за нас.

Одговорот е во кругот!

* По вашиот политички ангажман, кој правец го зазедовте сега во работата? И секако- што научивте од политиката додека бевте инволвиран?

- Јас веќе 12 години сум сопственик на Пи Ворлд, компанија која организира бизнис настани во над 40 земји во светот. По завршувањето на мојот политички ангажман, се вратив таму каде што навистина припаѓам. Пи Ворлд е мојот дом, исполнување на мојот животен сон. За мене Пи Ворлд не е само моја компанија туку најубавото животно патување кое ми ги исполни и моите најлуди соништа.

Што се однесува до лекции од политиката, ги има многу и сите тие се напишани во книгата.

* Најчесто цитираниот стих од Констракта- „Уметница мора бити здрава“ допре повеќе теми од општеството. Што му фали на еден уметник писател како вас овде?

- Одлична е Констракта! Јас не се гледам себеси ни како уметник ни како писател. Јас само ги раскажувам научените лекции. Сметам дека секој од нас има должност да го сподели наученото со другите. На крајот од денот, сите ние поминуваме низ слични животни ситуации. Важно е да знаеме дека не сме сами. Успехот е тимски спорт!

А што се однесува до тоа дали нешто ми фали во животот. Бескрајно сум благодарен за сѐ што имам! И нема поубаво чувство од тоа. 

Небојша Толески

Фото: Приватна архива