Ковид-19: Како правилно да се дистрибуира вакцината во светот?
Меѓународна група здравствени етичари го
критикуваа планот на Светската здравствена организација (СЗО) да им даде на
секоја земја вакцина против Ковид-19 во количина доволна за 20 проценти од
нејзината популација и наместо тоа, предлага поправедна дистрибуција.
Во изјавата објавена во списанието Сајанс,
американскиот професор Езекиел Емануел и петнаесет експерти од други земји како
Велика Британија, Канада, Австралија, Норвешка и Сингапур велат дека идејата за
давање еднаква количина вакцина за секоја земја е лажно добра етичка идеја.
Приоритет треба да имаат земјите каде
епидемиолошката состојба е најтешка, велат експертите.
Прво и најважно, „бројот на предвремени смртни
случаи треба да се сведе на минимум“, изјави за АФП Езекиел Емануел,
раководител на Одделот за медицинска етика на Универзитетот во Пенсилванија и
автор на реформата на здравствената заштита во САД под претседателство на Барак
Обама.
Групата исто така отфрла друга идеја дека дозите
на вакцините треба да бидат распределени во зависност од бројот на здравствени
работници или постарата популација. На тој начин, повеќе вакцини би биле доделени
механички на развиените земји, предупредуваат тие.
„Добро е познато кој има најмногу медицински
работници и најмногу население над 65-годишна возраст. Богатите земји“, вели
Езекиел Емануел.
Групата предлага модел наречен „Модел на фер
приоритет“.
Перу, латиноамериканска земја каде стапката на
смртност е висока, но и САД каде епидемијата продолжува да убива илјада луѓе на
ден, секако би биле земји на врвот на листата.
„Но, давање милион дози вакцина на Нов Зеланд
буквално би спасило едно или две лица; затоа таа земја би била на дното на
приоритетната листа“, вели Емануел.
Групата исто така го отфрла аргументот на оние кои
веруваат дека нивниот предлог ќе ги награди „лошите ученици“ како што се
Соединетите држави, кои не успеаја да ја контролираат инфекцијата затоа што
властите донеле некомпетентни одлуки или од други причини.
„Не можете да ги казнувате Американците затоа што
Доналд Трамп не успева да ја потисне пандемијата“, вели професорот Емануел.
Ковид-19 „не може да се бори на ист начин насекаде
во светот, државите каде што состојбата е најтешка мора да имаат предност“,
објаснува тој и го илустрира ова со ситуацијата во одделот за итни случаи каде
што срцевиот арест е решен пред ангина.
Експертите посочуваат дека важни критериуми треба
да бидат економски и социјални, сиромаштија, невработеност, затворање на
училишта ...
Во етичката шема, како што ја гледаат,
приоритетните слоеви на населението не се секогаш лекари и медицински сестри,
туку групите кои се најранливи според просторот за живеење во кој живеат (на
пример во сиромашните квартови) според вработувањето или невработеноста или
возраста. Овие групи се приоритет, посочуваат етичарите.
„Голем дел од медицинските работници не се
заразени затоа што овие групи знаат да користат маски, заштитни одела, ракавици
и овие луѓе не се високо на списокот, само треба да ги погледнете емпириските
податоци“, велат етичарите.
Етичките експерти го искажаа своето мислење, но
прашањето е колку тие ќе бидат почитувани од светските лидери, пишува
агенцијата АФП и потсетува дека богатите земји веќе имаат „резервирано“
милијарди дози вакцини за нивната популација.
COVAX, глобален инструмент за пристап до вакцини,
кој треба да им овозможи на сите и насекаде фер пристап до достапни вакцини ковид-19, сè уште не ги собрал парите потребни
за 92 сиромашни земји кои се приклучија на иницијативата.
Извор: n1
Можеби ќе ве интересира: