Ковид-19 предизвикува тромбоза, за што треба да бидеме особено внимателни со трудниците: Д-р Борислава Спироска за предизвиците на бременоста во пандемија
Препознатлива по својата позитивна енергија, д-р Борислава Спироска е специјалист по гинекологија и акушерство веќе 4 и пол години, од кои 4 работи како матичен гинеколог во својата ординација „Меркур Венера“ во Тетово.
Со неа разговараме за предизвиците кои ги носи најубавиот, и можеби најтежок период од животот на една жена- бременоста и подготвувањето да се оствари во улогата на мајка, ги одговараме сите прашања кои ги мачат и засегаат трудниците, особено сега во време на светска пандемија на коронавирус.
* Веќе од март годинава се соочуваме со пандемија на коронавирус. Често наидувавме на коментар дека „карантинот донесе повеќе бебиња“. Каква е ситуацијата, дали навистина оваа (и наредната година) ќе имаме тренд на зголемување на бројот на трудници и бебиња за разлика од минатата?
- Така е, гледаме зголемен број на трудници. Секојдневно верификуваме нови бремености во број кој се чини е поголем од претходните години. Но сепак, за да биде веродостојно тврдењето, треба да се спореди бројот на новороденчиња на крајот на оваа година и цела наредна година со бројот на новороденчиња од минатите години. Бројките реално ќе ни кажат дали и колкава разлика во позитивна смисла ( барем во една позитивна смисла на целава ситуација) донесе чумата на 21-виот век – Ковид-19. Истовремено се надевам дека ќе броиме и помал број на предвремено родени бебиња, ако се земе в предвид фактот дека годинава сите, а тука ги броиме и трудниците, заради пандемијата, присилно бевме „приземјени“, односно „прилегнати“. Главниот совет што им се дава на трудниците со лошо акушерско минато и оние кои во тековната бременост се во ризик од предвремено породување е баш тоа, одмор во кревет, во хоризонтала. Така што несакајќи сите трудници одмараа.
* Како реагираат трудниците кога ќе дознаат дека се бремени во време на светска пандемија? Со кои стравови се соочуваат?
- Најчесто се тоа сакани, планирани бремености. Помал е бројот на пациентките кои непланирано забременуваат. Така што се соочуваме со топол наплив на емоции. Речиси сите контроли во текот на бременоста се прават во ординациите на матичните гинеколози, а за среќа сите матични гинеколози имаат обезбедено сигурна, безбедна атмосфера во ординациите, па и самите трудници најбезбедно се чувствуваат кај својот матичен гинеколог. Гледаме да сме критични кога треба пациентката да се упати на повисоко ниво или во лабораторија за испитувања, за да не се случи да ризикот од заразување со Ковид во кој се става трудницата со препраќањето ја надмине очекуваната корист која се очекува од бараниот преглед. Инаку најголемиот дел од нив се дисциплинирани – редовно носат маска, не се социјално активни и сл. Се случува сè почесто трудниците да станат позитивни на Корона, но за среќа најчесто се или без или со многу слаби симптоми кои не бараат болничко лекување. Стравот кај нив, се чини е најголемиот, доминатниот симптом. Трудниците и вон пандемиски услови, најмногу стрепат од чинот на породување, па најчестите дилеми се околу таа тема.
* Што според Вашето лекарско искуство е најдобро за трудниците во првиот триместар, како најважен и најризичен за бременоста?
- Важни се многу работи. Во прв триместар се верификува бременоста, нејзината локација, старост, број на ембриони. Се започнува со основните лабораториски испитувања за откривање на испади кои се од минорни до малку посериозни состојби кои бараат различен степен на внимание. Во првиот триместар, се случува органогенезата на плодот, период во кој плодот е многу подложен на надворешни влијанија ( оние кои допираат до него, оти не сите се такви). Се одвива процес на плацентација ( кој трае до 20-та недела) , кога се формира, вгнездува ( лепи за матката) и развива постелката – круцијалниот „орган“ на бременоста. Затоа е важно да не се земаат никакви лекарства на своја рака, да се прекине со пушење , внес на алкохол. Се одложуваат неитните посети кај стоматологот, не се прави РТГ освен во посебни случаи. Редовно се земаат пренаталните витамини, од кои најважна е фолната киселина за правилен развој на невралната туба. На крајот од овој триместар се прават првите микробиолошки брисеви, анализа на крвта и урината, генетски скрининг.
* Што треба да се запази во вториот триместар од бременоста?
- Во вториот триместар од бременоста се продолжува со пренаталните витамини и суплементи. Се советува после 20-та недела пациентката, дома, во домашни услови да го измери крвниот притисок, бидејќи секоја посета во ординациите резултира со нереално,од стрес предизвикано покачување на истиот. Се разбира за вредноста на мерењето се известува матичниот гинеколог. Се прави т.н. морфолошки скрининг, кој треба да го изведуваат соодветно обучени и сертифицирани за тоа гинеколози. Се прави првата проценка на ризик за предвремено породување.
Од интерес покрај голем број други работи во овој период ни е и нивото на шеќер во крвта, кој се одредува преку тест со оптоварување (challenge test). Кај ризична група на пациентки, би требало да е строго по индикација се проверуваат и факторите на хемостаза и многу популарните кај нас „Д Димери“.
* Што е најважно за третиот триместар од бременоста, како да се подготват за породување во време кога владее општа паника во здравствениот систем кај нас?
- Во третиот триместар Рх негативните (идни) мајки кои носат бебиња од Рх позитивни партнери примаат инекција кој го штити и плодот во утробата во тековната бременост но ги штити и сите наредни бебиња. Се мери плодот и се отценува квалитетот на условите во матката – количината и изгледот на околуплодовата вода, постелката и останати биофизички манифестации на плодот. Сето ова, во сите три триместри, во сите 40 недели, секој од 280-те денови колку што трае бременоста е во грижа и надлежност на матичниот гинеколог. Кај нас трудниците се обременети со голем број на прегледи. Во западно европските земји трудните имаат преглед со специјалист гинеколог/акушер 2-3 пати во текот на целата бременост. Пациентките во домашни услови го мерат крвниот притисок, дури и нивото на шеќерот во крвта. Во 35-та недела се зема еден брис за присуство на една бактерија (GBS) кој на запад пациентките сами си го земаат со оглед на тоа дека се зема од регија лесно достапна за секоја жена. Но таа тема во друга прилика.
Како да се подготват за породување во новонастанатите услови? – Исто како и претходно со тоа што дополнително ќе им биде потребно да понесат маска, средства за лична хигиена. Се разбира никаде без крвната група, ни претходно, ни сега. И само смирено. Во болниците персоналот е стручен, добро обучен и веќе доволно искусен и со короната за да можат трудниците опуштено да одат за породување.
* Што ги советувате, како најбезбедно да се заштитат?
- Маска , миење раце, проветрување на просториите каде се престојува, без посети. Кога веќе ќе се дома, во овој период да заборават на сите народни обичаи кои вклучуваат контакт со други луѓе, а домашните на минимум да ги сведат излегувањата од дома.
* Каде сметате дека е побезбедно да се породат, во државна или приватна установа, со оглед на ситуацијата со вирусот? На што е најважно да обрнат внимание за да се одлучат?
- Вирусот не бира установи. Теоретски секаде е истиот ризик. Дали приватно или државно тоа е веќе одлука на трудницата, каде таа се чувствува најбезбедна, во кој тим има најголема доверба.
* Што доколку трудница заболи од Ковид-19? Која е процедурата на лечење и колку е тоа страшно за неа, а колку за плодот?
- Доколку трудница стане позитивна на Ковид, се внимава на евентуалните симптоми што ги пројавува и се препорачува витаминска и симптоматска терапија ( ако има температура – антипиретик, ако има болки – аналгетик, ако има знаци/ризик за бактериска суперинфекција – антибиотик) многу течности, витамини и електролити, лесна но калориски и нутритивно вредна храна. Научивме дека вирусот предизвикува тромбоза, а бременоста до дефиниција е протромбогена состојба, состојба кога се исполнети сите 3 услови за настанок за тромби во крвта. Затоа, секако зависно од претходните ризик фактори треба да се има увид и во хемостазата и ддимерите и да се бараат рани индикатори на тромбоза за да може навремено да превенира/лекува. Си имаме работа со нов вирус. Засега нема извештаи за евентуални последици по плодот од мајки кои во текот на бременоста ја прележуваат новата болест со тешка клиничка слика или пак се речиси без симптоми, но сепак позитивни на вирусот. Се чини дека нема тератоген ефект, но за ова ни требаат бројки, научни студии за кои времето е главниот услов. Времето ќе покаже. Податоците засега се охрабрувачки.
* Некоја Ваша приказна/ искуство со трудница кое ќе ви остане засекогаш во сеќавање?
- Ги има многу. Секоја борба со стерилитет која сме ја завршиле успешно е преубав спомен. Во принцип најголемата убавина на професијата е акушерството – грижата за бремените, иако и гинекологијата има своја тежина и убавина. Но се чини сите сме слаби на бебчињата. Имам пациентка која ја имам запознето за време на специјализацијата, како пациентка на УГАК, дојдена за пласирање на абдоминален серклаж, со многу лоша акушерска историја ( 6 абортуси). Истата пациентка без да знае дека сме се запознале во специфични услови и дека веќе делиме минато ме одбра за матичен гинеколог. Дојде за да потврдам бременост, 7-ма по ред. Сите дотогаш лошо завршени. 6 позитивни тестови за бременост до тогаш, а бебе нема. И така, со потврдена бременост започна нашето 9-месечно патешествие. Многу предизвици, многу нови работи откривме кај неа. Многу терапија. Не знам колку прегледи направивме. И ни се насмеа Горнион. Издржа до крај. Се породи со царски. А мене ми се јави само што ја извадиле од операционата сала. Уште зашеметена, уште грлото суво и раздразнето од тубусот, едвај зборува, ама се јавува плачејќи да ми каже дека се породила, дека станала мајка. Ми ја стопли душата тој повик. Уште многу такви и слични приказни споделив, секоја со своја убавина, секоја со посебен печат во меморијата.
* Често на Вашата Фејсбук група „Меркур Венера“ споделувате ултразвук од бебиња со кои носите една навистина прекрасна позитивна енергија. Од каде идејата и што е целта на тоа?
- Групата ја формирав во периодот кога веќе завршив со специјализацијата. Тоа е едно долго, прилично напорно и многу скапо инвестирање во мојата најголема љубов – гинекологијата. За волја на вистината имав јас и втора љубов, тоа е нуклеарната медицина. Кога бев 5-та година на факултет со мојата многу почитувана и сакана проф. д-р Даниела Поп Ѓорчева од Институтот за Патофизиологија и Нуклеарна Медицина подготвивме еден научен труд ( за миокардната перфузиона сцинтиграфија со Tc 99 MIBI, дали како метода е вредна во стратификација на пациентите кои немаат потреба од инвазивната коронарографија со последователно стентирање. Освоив прва награда на 30-тиот Интернационален Конгрес на студенти по медицина и млади лекари во Охрид). Но сепак се одлучив за специјализација по гинекологија. Елем, после точно 5 години ( 60 месеци колку што трае специјализацијата) и многу илјади евра станав специјалист и чекав 6 месеци за да почнам со работа. Ми се стори век чекањето и седењето без работа. Исчитав што можев да исчитам, исшетав кај што можев да прошетам со кусурот од специјализацијата ( читај, до Шапка и назад) ама веќе ми гореа прстите за работа. Така се случи групата. За да ми се окупира времето, мислата и чувството дека нешто работам. Започна само со слики од бебињата, секогаш со дозвола на пациентките. Гледам сега има се повеќе ординации кои споделуваат такви слики и тоа ме радува. Тоа се секогаш убави слики, кои предизвикуваат чувство на среќа. А тоа чувство на сите многу ни треба. Тоа е и целта, да се опуштиме, да се насмееме, да се почувствува и сподели магијата на бременоста, да се израдуваме на момент макар и на туѓа сметка. Кога веќе почнав со работа, почнаа во ординација да се случуваат магични работи. Јас изгинав тие 5 години додека специјализирав, учев многу, но сепак....веројатно сум била добар самарјанин во претходниот живот штом универзумот ме награди со толку интересни и успешни вистински приказни, кои мораа и се надевам ќе продолжат да мораат да се најдат пишани, раскажани, повеќекратно доживеани. Така почнав и да пишувам за да си ја раскажам сопствената среќа и задоволство. Прво мислев никој нема да чита, дека сум раат да си пишам за себе, дека таму на периферијата на интернет мрежата каде се скрола само по слики, дека се безбедни густите начичкани редови од љубопитни погледи. Не очекував толкаво внимание и интерес.
* Дали сте вие семејна личност, мајка? Што според вас е најважно кога детето ќе дојде на свет? Со што да не се претерува за да се воспита умно и здраво бебе, а подоцна и дете. Совет за имунитет во време на пандемија?
- Јас сум сопруга и мајка ( и ќерка, и снаа , и сестра, и тетка и золва.....и многу други работи. Јатрва мислам не сум. Ама не сум сигурна, ќе проверам со мајка ми за ова. Мајка сум на две принцези, Марија ( 9 години) и Мирча ( 6 месеци). Со Мирча си гугаме, со Марија се воспитуваме на начин на кој мене ме воспитувале мајка ми и татко ми, почитувам и исполнувам желби, но објаснувам дека мора да се почитува и да се исполнува она што од се очекува од неа, на прво место училиштето и училишните обврски, потоа игра, а на крајот и малку помош во домот со ситни задачи кои се потешки да ги зададеш и да чекаш и да преговараш и да се ценкаш да се изведат од колку сам да ги завршиш, но сепак имаат за цел да создадат здрави навики за само-себе-организирање. Во однос на храната, уште од мала знае дека штом се стемни благи работи и сокови не се дозволени. И мислам тоа ми е единственото строго правило. Се трудам да одберам здрава варијанта за оброците, ретко да се јаде пилешко, многу манџи, често риба зашто ми е и мене омилена ( иако барем два пати во годината ми вадат коска од грлото), но еднаш месечно дозволено е и хамбургер.
Во денешно време мислам дека премногу се концентиравме на правилен избор на семки за децата, а на погрешен избор на зборови и дела со нив. Поважно од најздравата храна на светот се здравите врски, здравите семејни односи. Еден оброк на маса ( што и да е оброкот) кога сите седат и јадат заедно, кога се споделува кој што правел во текот на денот, кој што доживеал, кој што планира е поважен од идеално нутритивно балансираниот оброк. Тогаш се разговара без инхибиција, зашто гаснејќи ја гладтта и жедтта, зборуваш од стомак, од онаму каде што е најголемата концентрација на симпатикусни нервни влакна кои го чинат нашето шестто сетило. Па така тргајќи ја свесната, мозочна компонента ( а се е тоа сепак нервен систем) се трга и инхибицијата, која некогаш не спречува правилно да рационализираме и резонираме. Малку сонце, малку игра, многу смеа, така до здрави поколенија.
Имунитетот во време на пандемија се одржува и стимулира исто како и вон пандемија. Сега дополнително се советува физичко, но сепак и социјално дистанцирање. Она што му недостига на организмот треба да се бара во разновидната исхрана од продуктите на пазар и дома, во домашните кујни. Витаминските суплементи треба да бидат точно тоа – суплементи, а не замена за здрава исхрана. Сонцето да се бара барем 1 час дневно, на нозе, со разбревтан здив. За жал кај нас водата и воздухот поседуваат органолептички својства ( мирис, вкус и боја) кои не смеат да ги имаат. Затоа во природа, подалеку од градовите, со сезонско овошје, со јаткасти плодови, со планиски чај во термосот ( со малку рум за циркулација за возрасните ) и дома на топол оброк.
Даница Караташова Илиоска