Креативни македонски мајки со Инстаграм предизвик: Претпочитаме економични активности од материјали кои ги има во сечиј дом
Инстаграм како платформа со своите можности за нови меѓусебни пријателства, спои пет мајки кои имаат доста сличности и застапуваат една иста идеја. Имено @oursensoryfamily , @plachkaigrachka_razvojni_igri , @my_baby_mio , @hurricane_full_of_joy и @diy_mom_diary се запознаваат спонтано, а преку одржување комуникација, барање и давање совети, формираат креативен предизвик наречен #dabidemekreativnipredizvik, за стимулирање на децата преку најразлични активности и игри.
За Женски Магазин ја раскажаа својата приказна и споделија доста корисни работи за сите родители во овие тешки мигови кога поголемиот дел од времето со децата треба да го поминуват дома.
* Како дојдовте до идеја за да започнете креативен предизвик, кој беше иницијаторот?
- Нашата идеја се роди некаде во
февруари месец во 2020 година, за да истата започнеме да ја реализираме во март
месец. Идејата за предизвикот беше да се понуди нешто ново и во истиот,
кретативноста на децата и на родителите да е границата за се’. Сакавме да
создадеме предизвик во којшто со секоја тема ќе се научи нешто ново и нешто
интересно и ќе се поттикнат истражувачките способности кај децата и нивната
љубопитност. Најважно од се ни беше меѓусебната соработка од страна на
родителите и секако прифаќањето на нашиот предизвик од нивна страна. Во месец
март, ја започнавме нашата прва тема, а некаде во средината на март, поради
ситуацијата со ковидот, се стопира и затвори се’, па родителите заедно со
нивните деца некако најдоа прибежиште во нашиот предизвик од новото
функционирање кои ни се случи, па можеме да кажеме дека тоа беше пресудно за да
нашиот предизвик биде препознаен од страна на голем број на родители, но и на
други лица, затоа што често добиваме и активности и од дефектолози, педагози,
баби и дедовци...
* Што изработуваат децата?
- Во нашиот предизвик, главен акцент се става на темите. На секои десет дена, се менува темата, што значи сите активности се тематски и е потребно да одговараат на таа тема. Најчесто тоа се теми, што се соодветни и во корелација со одреден временски период. Па така, досега сме имале различни теми, поврзани со пролетта, со инсектите, со играта со природните материјали, теми за нашата татковина, за есента, за Вселената, за диносаурусите, за волшебниот свет, и веќе сега, во месец декември активни се теми во кои изработуваме празнични и зимски украси и орнаменти од рециклирачки материјали. Секој којшто учествува не следи нас и со тоа следи кој ја води следната тема.
Изработките на децата, нивните
родители најчесто ги споделуваат на инстаграм и го користат нашиот хаштаг
(#dabidemekreativnipredizvik) или нивните изработки ги споделуваат со нас во
порака.
Во предизвикот, нема ограничувања, нема термини и услови. Може да се вклучат деца од различна возраст, а предност е исто така што самата изработка не е по модел, туку по сопствена креативност на родителот и детето и е прилагодена според возраста на самото дете.
На пример, актуелната тема сега е, празнични и зимски декорации, орнаменти и активности изработени од текстил, копчиња и монистра и во истата, ни пристигнуваат различни идеи од овие материјали. Со еден збор, за секоја тема добиваме најразлични идеи, кои се зачувани под нашиот хаштаг и потоа, кога вие би сакале на пример да речеме да најдете активности за Вселената со цел, тоа подобро да го приближите до детето и тоа да научи нешто, Вие само кликате на хаштагот и на таа тема има голем број на идеи кои можеби ќе им бидат блиски и до интересите на Вашето дете.
* Какви активности правите?
- Како што и спомнавме погоре, активностите се најразлични, затоа што се во предизвикот е оставено на креативноста и интересите на детето. Според тоа каква е темата, сме имале различни активности и игри, но секогаш акцентот го ставаме на теми коишто ќе ги подобрат истражувачки способности кај децата и дека од секоја тема ќе научат по нешто ново. Од цртање, сензорни игри, игри и активности во природа, па се до песничкни и препораки за книги, во предизвикот има безброј идеи за сечиј вкус и потреба.
* Дајте ни предлог од некоја
интересна активност која можат да ја прават децата со родителите дома за да не
им биде досадно.
- Изборот е голем и ние не би можеле да се одлучиме само на една идеја. Во домашни услови, секако претпочитаме активностите и идеите да се од материјали коишто ги има во сечиј дом и секако изработките да се економични. Кога веќе би одбрале некоја идеја, тогаш тоа нека биде нашата иницијатива која оди во склоп на предизвикот за овој месец, а се однесува на испраќање на Новогодишни честитки. Нашиот тим, нацрта честитки на кои една ѕвезда, едно срце и Снешко со раширени раце испраќаат прегратки. Во самите честитки оставивме дел и за децата кадешто по сопствена желба можат да ги доукрасат нивните честитки, а потоа прегратката да се испрати кон лицата кои им недостигаат и оваа година нема да можат да ги прегрнат вистински, заради ситуацијата на која бевме сведоци цело време.
* Раскажете ни нешто повеќе за хаштагот #dabidemekreativnipredizvik?
- Она што започна како идеја, денес со сигурност е нешто што е препознаено од страна на голем број на родители. Секојдневно добиваме пораки за тоа како со помош на #dabidemekreativnipredizvik сме го исполниле времето поминато дома на голем број на родители. Преку предизвикот запознавме голем број на креативи и инспиративни родители, кои секојдневно ни помагаат нашиот предизвик да биде испилолнет со безброј идеи. На крајот на секоја тема од предизвикот, се одбира еден профил кој бил најактивен и детенцето се наградува со персонализирана благодарница и заслужен аплауз за учество во нашиот предизвик. Денес, под нашиот хаштаг има над 1500 активности и идеи. Во истиот не само што се приклучија родители од Македонија, туку имавме пријатели од Англија, од Балканот, родители од дијаспората, па дури и пријатели од Азија.
Предизвикот ја разбуди креативноста во сите од нас, а децата со нетрпение ги очекуваат новите теми. Преку истиот им покажавме на родителите дека со мала инвестиција и труд, во ова брзо време на живеење, лесно може да се посвети внимание на децата и за момент тие да се отргнат од современото детство, кое се сведува на технологија и да научат нешто ново.
Исто така, сакаме децата да се
поттикнат да ги прошират своите хоризонти на интереси и секогаш да научат нешто
различно и ново. За таа цел, во месец април на пример, имавме тема која ја
посветивме на дечињата со аутистичен спектар на нарушување, а неколку дечиња во
знак на поддршка ги обоија своите дланки во различни бои, со цел почитување на
различностите. Во таа тема, изработувавме шарени светови, а родителите зборуваа
со децата за нивните другарчиња и како да им се пружи поддршка, разбирање и
прифаќање на истите.
* Ваша новогодишна желба и порака?
- Нашата желба во Новата година е секој од нас да е среќен, насмеан, исполнет и пред се’ здрав!
Годината што изминува не поврза сите нас и така започна нашата иницијатива, а за тоа посебно сме им благодарни на сите што се приклучија во нашиот предизвик и го дадоа својот придонес.
Најголема благодарност и честитки за успешна и исполнета година, упатуваме и до сите наши верни поддржувачи кои се неуморни и секогаш го красат овој предизвик со преубави изработки.
Предизвикот не е само обична иницијатива. Тој е една наша мала заедница во која секојдневно се запознаваме, си споделуваме мислења, совети, се почитуваме и прифаќаме, заеднички се радуваме на сите успеси, но и тагуваме на сите неуспеси и тажни моменти.
Доколку некој сака да ни се приклучи во нашето креативно другарување, нека го разгледа нашиот хаштаг #dabidemekreativnipredizvik или едноставно нека контактира некој член од нашиот тим. Би биле среќни, доколку нашата заедница и овој креативен предизвик пристигнат до поголем број на родители и останатите лица коишто работат со деца.
Д. Караташова Илиоска