“Ајде, насмеј се...нема зошто комшиите да те гледаат снамќорен, после онаа од втори ќе труби на сите дека имаме проблеми ”.
“Ако те прашаат како си, секогаш да кажуваш дека си повеќе од супер, нема зошто да те сожалуваат другите”.
“Глава горе, не им давај повод за да те озборуваат”.
Сите овие примери и плус уште многу други кои сме ги слушале од мали ни влијаеле на животот, па и ден-денес кога ни е нешто, глумиме пред себе и останатите дека сме ОК. Никако да ни влезе во главите дека “онаа од втори” секако ќе труби (без оглед дали има материјал или не), оти нема попаметна работа и е таква каква што е. Никако да запомниме оти ќе не’ сожалуваат оние ликови кои најчесто бегаат од себе и сопствените проблеми, па секогаш бегањето значи да се сврти фокусот кон другите. И за крај, никако да научиме дека за озборување не треба да има повод, оти оној кој сака да си ломоти за другите, ќе најде начин и повод, а ако треба и ќе измисли нешто колку да се најде во муабет.
Раце горе сите кои сме биле задоени со тоа дека никој однадвор не смее да знае што ни се случува дома, дали и како преживуваме одредени ситуации и не дај Боже да се побара помош, оти тоа е знак на слабост. Раце горе сите кои сме биле опоменувани дека мора да сме силни, насмеани и секогаш позитивни за да не ни ги гледаат луѓето проблемите. Раце горе сите кои по инерција некогаш се фаќаме како и на нашите деца им го кажуваме истото што ни го кажувале нам “чувај си во себе, не треба другите да знаат што те мачи”.
Така, израснавме во личности кои си го јадеме џигерот однатре, ама однадвор изгледаме како да сме тргнале на доделување Оскар, добро извежбани како да скриеме се’ што не’ направило ранливи. Зад многу кренати глави, нашминкани лица, светнати насмевки и дотерани тела, се криеле очајни мисли и состојби. Отпосле се чудиме од каде мигрената, чир на желудник, проблемите со жолчката, несоницата и депресијата, ама важно пред “светот” сме секогаш тип-топ.
Баба ми од Битола ја имаше доведено таа девиза до совршенство. Што и да се случуваше, надвор од влезната врата никој не смееше да знае. Поминаа финансиски проблеми, болести, раздори, кавги, осама. На сите удари од животот, однадвор секогаш беше Марика-поим за елеганција, која крцкаше во новото костумче и со фризура од Сајмето. Често размислувам колку многу енергија и стратегија имаат нашите баби, дедовци и родители потрошено на градењето на совршената слика, која во реалноста нема ни С од совршена. Честопати се прашувам дали ќе им се посреќеше на сите кои се починати да си поживеат уште некоја година плус ако не си ги чуваа јадовите во себе зад затворени врати. Сега веќе се знае дека човек кој не ги остава емоциите да излезат од него и кој ги трупа во себе, се поболува од сопствените фрустрации и стравови.
Пред некој ден ја слушам ќерка ми како прави муабет со најдобрата другарка (ко сабота и недела се) и меѓу другото, додека се шуткаше во кујна по сок, заушувам нешто како “Што е подобро, да се биде лажно среќен или искрено несреќен?”. Пљааааааас, директно во фаца заедно со еден куп флешови од мојот живот кога ми било фуј и бљак, ама никогаш не ми се гледало на ликот. Ми текнува дека кога се разведов само ги известив на работа откако скоро целата работа беше завршена. Никој на мене не виде дека ми се случува промена. Кога татко ми беше болен и велеа дека му се одброени деновите, јас изгледав како вратена од Дизниленд. Кога човекот што го љубев направи мајмун од мене и се швалерисуваше околу со кого стаса, јас изгледав како светот да ми е на дланка. Кога ми се случувале работи од кои не сум можела да спијам навечер и да бидам на раб да почнам да пијам апчиња за смирување, јас сум била однадвор олицетворение на смиреност.
Чуму потребата да глумиме среќа?
Дали е тоа страв да покажеме дека сме кревки и дека имаме чувства? Дали е тоа уплав дека во нечии очи ќе бидеме немоќни и за греота? Па времето и силата кои сум ги трошела за да не се гледа на мене кога сум била крш, ако сум ги искористела за да се нурнам во себе и се излечам, ќе сум била на нозе многу порано од вообичаено.
Па што ако покажам слабост? Кој ќе ми суди и кој ќе ми се смее? Некој кој ништо не ми значи и кој можеби и не го познавам? Зошто ми било важно да глумам дека сум ОК, кога не сум била и тоа пред луѓе кои сум ги видела еднаш во животот и никогаш потоа.
Знаете дека помислувам оти мојата фасада на “нема врска, јас сум секогаш кул и стабилна” можеби предизвикала некој да се затвори како школка и да не покажува дека е повреден, а да бил на раб на здрав разум.
Се’ е поврзано. Ја знаете онаа теорија дека замавнувањето на крилата на пеперутката на еден крај на светот може да предизвика ураган на друг крај на светот, нели? Зарем не е исто и со она што секојдневно го правиме? Ако имам храброст и сила да застанам пред сите вас и да ви кажам преку песна или колумна дека “Не бе дечки, не сум ОК, уморна сум, некогаш скршена, осамена, преку глава ми е од се’” тоа значи дека сум многу силна или слабак? Еве, не знам дали признанието оти не сум супер-жена и дека патам, дека има денови кога се чудам како ми минал денот без да почнам да врескам на цел глас, може да олесни некому и да си каже дека не мора ама ич да сме лажно среќни цело време.
Не сакам да сум лажно среќна. Сакам да сум искрена на секој чекор од патот кој го врвам. И ви кажувам преку песните точно кај сум и до каде сум, дали сум среќна или не ми се мрда од кревет. Затоа и добивам пораки кои се искрени и кои ми кажуваат и покажуваат дека не сум сама на патеката наречена живот. Дека мојата ранливост направила да ми ја покажете својата, да се утешиме меѓусебно, да се охрабриме и да продолжиме понатаму.
Не сакам да бирам меѓу лажна среќа и искрена несреќа. Сакам само да можам искрено да си кажам кога ми е преку глава и да кажам кога ми е супер, без да се оптеретувам дали во едниот случај некој ќе ме жали, а во другиот ќе ме мрази. Сакам да ве читам и кога споделувате лош ден и кога сте еуфорични, оти тоа е животот, некогаш горе, некогаш долу. Ама каков и да е денот, да сме тука едни за други. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ќе минат денови
А потем месеци ќе изврват
И се’ ќе стане еднолично
Ниту угоре ниту удолу
Туку само рамна линија
По која чекорам по навика
И таман ќе си речам
Добро е, вака треба да биде
Кога како од сон ќе ме разбудиш
Со глас од кој сета се собирам
Та потем веднаш се растегнувам
Од почетокот до крајот на нашата приказна
И џабе деновите
Џабе месеците полни убедување
Дека добро сум, дека без тебе мирно е
Кога немирот од тебе-мир ми прави
И го истиснува лажното спокојство
Во кое глумам дека живеам
И те слушам со полунасмев
Дур силно телефонот го стискам
Како да не сакам буква да испуштам
Ниту една самогласка да не се изгуби
Во празниот простор меѓу нашите срца
И околу мене се’ застанува
Ниту автомобили се движат
Ниту лисјата на ветрот шумолат
Како земјата да престанува да пулсира
А во ушите ми баботи срцево
Кое како да потскокнува од радост
И за чудо гласот спокоен ми е
Иако во мене бранови разбуричкани
Огномет од сеќавања
Мириси кои сакав да ги заборавам
Наспроти растопен гнев кој сакав да го памтам
И токму кога замира зборот меѓу нас
И се токмиме некој пригоден да најдеме
За збогум да си кажеме
Мене ете така некако ми доаѓа
Да ти повторам по којзнае кој пат
Оти врз мене моќ имаш
Многу поголема од она што мислиш
Многу повеќе од она што знаеш
Многу посилна од она што ќе ти кажам
И гласот си го слушам
Како го кажува она
Што најумно ќе беше да ти го премолчам
Та во оние неколку секунди
Пред тишината меѓу нас
Да поплочи уште еден пат од неколку месеци
Многу тивко
Сосем тивко
Скоро нечујно тивко
Ти ја слушам воздишката измешана со копнеж
“И јас тебе...
И јас...
Тебе...”