Летни горештини

Добивај вести на Viber

Од сите годишни времиња, летото ми е најмрзливо. Се чувствувам тромо и како да сум на забавена снимка, иако умот ми работи ко навиен. Башка, откако кроце-кроце почнаа да ме фаќаат бранови на жештина (да, да...и тоа полека доаѓа), некако не ја поднесувам топлината, иако ги сакам ноќите во кои можам до доцна да седам надвор, без да сум наоблечена како да живеам во Сибир. Скопските горештини ми беа љубов пред 20-тина години. Скопје мирисаше поинаку, или можеби мене така ми се чинеше. И воздухот беше поинаков. Топло, ама убаво топло. Не беше толку загадено и загушливо како сега, а имаше и некој посебен шмек кој низ годиниве полека се губи. 

Она што тогаш ми било, а и сега ми е гнас кога ќе видам, тоа се бубашвабите кои имаат некој обичај на лето да си се шетаат по улици. Да се разбереме, не сум шмизла која паѓа во несвест кога ќе здогледа пајак или некаков инсект или животинче. Ама кога се бубашваби во прашање, душа немам. Имам такво измешано чувство на нагон за повраќање, страв и језа. Не знам зошто, ама единствено од нив ми е гад. Од оние големите, црните и страотно брзите. Бљак. 

Е сега, откако расчистивме со бубачките, да се вратам на темата. 

Последниве години, по завршување на училишната година, се пакуваме фамилијарно (нашата “огромна” фамилија, која е всушност составена од две мини-семејства, моите родители и ние две со ќерка ми) и одиме за Охрид. Ако ви кажам дека последен пат во езерото имам влезено пред повеќе од 15 години, ќе мислите дека или не сум токму, или лажам. Она “токму” е дискутабилно по повеќе основи, ама чесно си кажувам дека секое мое влегување во вода во Охрид е проследено со настинки и триста други перипетии за кои ќе ме разберат само читателките. 

Градот го обожувам, мирот кој ми го дава, а богами и сонот. Никаде не спијам толку многу и квалитетно како таму. Имам потполно изгубено осет за Охрид како место кое лежи на вода...ама вода за бањање, а не само за шетање покрај неа. 

Со оглед на менталитетот кој го имаме и не сме имуни на истиот, не можев а да не помислам на плажите кои (барем на времето) беа преполни со секакви ликови, кои беа таму за се’, освен за да уживаат на сонцето и во водата. Уште пред очи ми се убавите и згодни девојки кои по плажа се шетаа под полна воена опрема, натапирани во косите, напарфимирани и со шминка. Па јас мака мачам со римелот и во услови кои не подразбираат вода и пот, а не па да излезам на крај со нашминкано лице на плажа. Освен костимите за капење, се дефилираше во тесни панталончиња и фустани кои ми личеле дека за ноќно излегување, а накитот ми бил мистерија која и ден ден денес ми е необјаснива (јас од накит на плажа сум носела само целулит).

Плажата личеше на модна ревија, на која се дефилираше по неколку пати. И не сакајќи, правев споредба со она што сум го гледала во странство. 

Неоптеретени млади луѓе кои одат без шминка, без скапи часовници и накит. Од реквизити биле потребни топка и фризби...а за оние со мали деца се знае. Цела колекција на кофи, лопатки, базени на дување, гуми, мускули и слично. Децата заиграни, родителите покрај нив, доволно далеку за да ги остават во нивниот свет, а сепак блиску за (што би рекле ние) “не дај боже”. Вечерната гардероба оставена во соба, за навечер. Луѓето растеретени дали косите им се растуриле на ветрот или во водата, костимите за капење биле такви за да служат практично за намената. Оние постарите, тивки и насмеани, со книгите в раце и повремено влегување во вода за да се разладат.

И кога сме веќе кај нашиот менталитет, не можам а да не го спомнам моментот на носење храна по плажи, па легендарното правење сендвичи, па сечење лубеници (оди после истерај тоа осите), па викање по децата да не седат во плиткото, па да не одат во длабокото, да стават мускулите, да ја земат гумата, да излезат оти помодреле во устата, па онаа историска реченица “ќе го викнам татко ти, ќе видиш после” и слични моменти. 

Зошто имаме потреба од (пре)многу во секоја ситуација? 

Не е напорно да се внимава на шминката под сонце? 

Не е напорно да го мислиме накитот во вода? 

И на плажа ли да се натпреваруваме кој е со поубава фризура и мејк ап? 

Не научивме да уживаме. И баш ми се погоди еден зборлест наплаќач на паркинг (инаку викендов видов дека се поставени табли за плаќање паркинг преку мобилен), кој откако праша “ам з’ш не сте на плажа да се к’пите” и доби одговор дека не сме по плажите, ми потврди дека уште плажите се место каде што се излегува да се биде виден и да се види (секако не земајќи ги предвид оние со мали деца). Не научивме да си го гледаме ќефот, неоптеретени за тоа што другите ќе помислат за нас. Не научивме дека животот брзо поминува и дека квалитетот на истиот не е поголем ако се обидуваме да оставиме впечаток кај другите.

Впрочем, мене ништо не ми зборува појавата! Ми зборуваат делата, однесувањето, манирите. Не ме импресионира ако некој е премногу гласен и најзабавен во друштвото и тоа толку многу што ми иде да заминам на пуст остров за да се посунчам на раат. Не ме импресионира ничија вештина на скокање по топката ако тоа значи дека треба 2 часа да се чистам од песок (а да не зборувам за оној во косата). Не ме импресионира како шизикот на две лежалки од мене ќе се залета во вода за да испрска се’ околу себе во радиус од 50 метра.

Летните горештини ми се идеални за пуштање мозок на “пасење”, за мир и за добирање сила која е потребна за остатокот од годината. Летата ми се идеални за забавен чекор и фотографирање, за уживање во сладолед и за мирни ноќи полни муабет и смеа. Летните горештини (колку и да мрчам) ми требаат за да отромавам толку многу што ќе заборавам да се исфенирам, па ја собирам косата со штипка...за да не носам кармин, туку лабело...за да натнам фустан на прерамки и балетанки или старки и шпартам (нормално, внимавајќи на бубашвабите). Уживајте во летните горештини и памтете дека летата се токму за тоа...да се одморите, дури и од себе.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска