Личат вистински, како да ќе прозборат: Фризерката Светлана од Кривогаштани прави портрети на познатите од коса

Добивај вести на Viber

Игор Џамбазов, Тамара Тодевска, Кире Лазаров, Мајкл Џексон, Северина, Бора Чорба се дел од познатите личности чии ликови фризерката и уметник Светлана Зуламоска- Гроздановска ги создава од косата на клиентите која ја шиша.

Светлана има фризерски салон во Кривогаштани и стана хит на социјалните мрежи откако го направи ликот на Игор Џамбазов. Актерот, воодушевен од нејзиното дело, кога ја видел сликата, веднаш заминал за Кривогаштани да ја запознае и да ѝ честита.

Кога ја видов сликата, веднаш отидов во Кривогаштани да ја запознаам Светлана, ни изјави Игор Џамбазов 

„Овој салон постои седум години, но освен фризерскиот занает секогаш ме интересирала и уметноста. Игор Џамбазов го сакам од дете, му се восхитувам уште од улогата на Трајче дрварчето во „Волшебното самарче“. Тој е харизматичен човек во секој поглед, го обожавам. Многу се изненадив кога ми се јави и ме праша: Која си ти, од каде си“, ни раскажа Светлана.

„Знаете дека јас сум „летечи“. Ја видов сликата, и отидов во Кривогаштани. Се запознавме со Светлана, и ѝ реков дека кога ќе ми дојде време за шишање, ќе ме шиша токму таа. А од мојата коса, се договоривме да го направи мојот омилен лик, а кој е , нема да кажам, ќе биде изненадување“, ни изјави Џамбазов.

Новак Ѓоковиќ, воодушевен од уметноста на Светлана, ја сподели сликата на својот Инстаграм профил откако таа му ја испратила 

Светлана работи и како фризер и како шминкер, нешто кое што на почетокот го сметала за хоби. По професија е сообраќаен инженер. „Работиме заедно  со сестра ми, а уметноста повеќе ме привлекува. Од секогаш сакав да се обидам со нешто различно па почнав со цртање на раце. Најмногу цртам очи, а се трудам цртежот да изгледа вистиното, реално. По цртањето, почнав со изработка на ликовите на познатите. Првиот кој го направив е на Новак Ѓоковиќ. Му го испратив, а тој го сподели кај него на Инстаграм, многу му се допадна“, раскажува Светлана и го објаснува процесот на создавање на оваа уникатна уметност.

Голема страст на Светлана е цртањето на рака. Најмногу сака да црта очи кои изгледаат како вистински 

„ Прво ја собирам косата од клиентите и со машинка ја сечам на ситни делови. Ми требаат околу два до три часа да го направавам ликот. Ги правам доцна навечер, на подот, кога салонот е затворен и кога немам клиенти. Ги сликам, ги оставам некое време да стојат на подот, а потоа косата ја дувам со фен и делото го снемува. И така, додека не ми дојде инспирација да направам друг лик“, открива талентираната уметница.

Еден од првите портрети е на Мајкл Џексон.- Светлана работи доцна навечер, кога ќе заврши со клиентите

Вели дека идејата за овиде дела ѝ дошла од внатре, од голема желба да направи нешто уникатно и различно. „Претходно, ме фасцинираа берберите кои цртаат на главите на своите клиенти, и сакав да се обидам и со такво нешто, но размислував што е она што е сосема поинакво, она што ќе ме исполни и ќе ме направи среќна. Кога ќе завршам со изработка на ликот од коса, сакам да изгледа реално, кога го гледаш да мислиш дека ќе ти прозбори“, додава Светлана. 

Српскиот рокер Бора Чорба

Јелена Карлеуша, Цеца, Аца Лукас, Жељко Јоксимовиќ, но и кралот на поп-музиката Мајкл Џексон се нејзина инспирација и од коса ги изработила и нивните портрети.

Аца Лукас 

Освен што е талентиран уметник, таа и е одличен фризер, а тоа го докажува со наградите што ги добива. Уште пред десет години, Светлана биола првонаградена на фризерски натпревар за изработка на пунџа, а во скопскиот хотел „Мериот“ на гала вечерта на фризура доби награда за најкреативна фризерка. 

Тамара Тодевска е новата инспирација на Светлана 

Светлана и понатаму ќе продолжи да ја собира косата на клиентите и од неа да прави уметнички дела. Тамара Тодевска, која ќе ја претставува Македонија на Евросонг во Тел Авив е нејзината нова инспирација. 

Милица Џаровска