Љубовта е поубава со вино
И оваа година ќе се кршат копјата околу тоа дали ќе славиме Св. Трифун или Валентин/Валентајн, а бидејќи 14-ти февруари се паѓа во понеделник, немаше шанса да ја прескокнам темата за во колумна. Ок, низ годините научив дека нема универзално мерило за желбите и потребите на луѓето, или да бидам појасна, секој од нас си е приказна за себе и секој си има свој механизам на функционирање кој го прави среќен. Порано знаев повеќе да вкалапувам и да бидам со предрасуди, односно автоматски за оние кои слушаат турбо фолк, во главава да си направам филм за тоа какви се луѓето, па ги поврзував со нечитање книги, гледање петпарачки филмчиња, носење кич гардероба или со еден збор.....фуј Ано! Сега веќе со поголемо искуство од пред 20-30 години сфаќам дека за ништо не можам да кажам “е, ова е вака и никако поинаку”. Секој ден ми се потврдува тоа дека за ништо во животот нема правило, дека мора само да се умре, а од денот на раѓање до денот на умирањето човек може буквално да испроба се’, да си го менува вкусот за облека, музика, што сака да гледа, слуша, перцепира. Што е најинтересно, менувањето на вкусот зависи од моменталното расположение, па сабајлето може да го почнете денот со Моцарт, а вечерта да завршите во кафеана со кренати раце на некој народњак.
Пред неколку години кога постоеше Сокаче (за кое срце ме боли ден-денес што не работи), во еден вторник (скоро сум 100% убедена дека беше вторник) одам да се видам со Цеце, иако никогаш не одев во вторниците оти мојата идеја за забава беше и се’ уште е полупразна кафеана, некое тивко музиче, ручек со Цеце и муабети до 100 и назад. А во фамозните вторници во Сокаче секогаш свиреше и пееше Боби (значи, дури и јас што не слушам народњаци и што не сум кафеански тип знам дека Боби кај и да се појави прави невидена атмосфера и дека ретко кој останува имун на журките кои ги приредува), а јас како познат интроверт кој знае да има и паничен напад во гужви, успешно ги одминував вторниците. Ама пусто, тој ден ја носев Нина на англиски во Центар за странски јазици и си велам, “ај на кратко, рано е за хардкор журка, таман ќе се видиме со Цецка и ќе одам по дете”. Да ви кажам дека не бев во право или веќе знаевте? Внатре не се дишеше од што беше преполно, луѓе качени по маси, сите распеани, Боби владее со расположението на сите, жени дотерани ко за на свадба (јас бев ко за до гранапче облечена) и таман да се свртам и да си одам, Цецка мафта со рацете. Ја лоцирам, одам полека низ гужвата, моето “извинете, да поминам” не се ни слуша од вревата и некако, со тешки маки по мојата психа седнувам до Цецка и нормално се дереме една на друга на уво за да се прашаме како е другата. Наеднаш сите со рацете горе, Боби почнува пеејќи да шета низ публикава, застанува до нас и на испеаното “Божанствена жено” наеднаш микрофонот ми е пред нос, а јас осеќам како ме облева ладна пот од коренот на косата до гаќите. Ден-денес кога збориме со Цеце за оваа случка, вели дека изразот на моето лице бил бесценет и дека од цела кафеана полна луѓе со желба да се издуваат пеејќи на микрофон, не ни е јасно како микрофонот заврши пред мојата фаца. Да сме на чисто, да не се правам сега мутава, не слушам народно, ама нашите стари македонски песни ги сакам, ги сакам и српските стари севдалинки, а сакам и грчка музика. Ама сето ова го сакам кога повеќе околности ми се погодени и во посебни ситуации. Муабетот ми беше дека кога пишувам сакам музика која ме поткрева и која ми прави да ми трпнат прстите на рацете, а дефинитивно тоа не е Звонко Богдан или Тома. Кога седев во саботите во Сокаче, наместена уште сабајлечки таму со лаптопот, весниците, дворот расцутен и размирисан на пролет, лајт џез и поп ми беа релакс. Кафе, самување и пишување, убавини.
Порано ми беа смешни славењата на Валентајн, признавам дека бев малку ко учителка по однос на тоа што не се вклопуваше во мојата перцепција за нештата. Ми беа смешни тие мечиња, срциња, па попустите “САМО ЗА ВАЛЕНТАЈН”, па она “покажете му/и’ колку го/ја сакате со производите на.....”. Ми беше смешна целата таа еуфорија, демек не постојат други денови за љубов, па сега ај од овој да направиме спектакл. Ден денес ми пречи не што имаме одредени денови за некои нешта, туку што во меѓувреме подзабораваме на она што е навистина важно. Има ден на децата со Даун синдром, иако борбата за нивните права и изнаоѓање начин како да им се олесни животот и на нив и на нивните семејства треба да е секојдневна. Па имаме 8-ми март (ќе имаме колумна и за тоа) иако борбата за правата на жените е секојдневно искушение, па имаме ден на дете, па на татко...и ок е тоа. Не е ок да се подзабораваме останатите 364 дена во годината. Ако се сакате со партнерот, 14-февруари ќе ви е само уште еден убав ден во низата денови поминати заедно, па макар го минале во омилените пижами и двајцата со филмче, пица в кревет и чаша вино. Ме фрустрирало кога сум била страдна за внимание и време поминато заедно, па ај дека е 14-ти ќе ми се надокнади. Не се надокнадува изгладнетост за љубов, заедништво и поддршка. Славењето на еден ден ако останатите не чинат не е чин на љубов, туку на форма без суштина. Ако ја имате суштината, Валентајн е само ден во кој може ама и не мора да има срциња, подароци и мечиња.
Од друга страна ни е Св. Трифун, кој исто го бележиме ко Валентајн а најчесто без усул, па не ретко уживањето во чаша вино станува пијанка од која после кај никој не памти дека уживал, туку и следниот ден има главоболка. Се поделивме на славење едно или друго, со потсмевање на сите кои не мислат како нас. Ако ме прашате мене, ја би да ги спојам двата “празници”, па да биде уживање во љубовта со чаша вино и терање ќефови.
Сами сте? Па што?! Кој рекол дека не треба да славите Валантајн ако сте самци? Секој од нас е полн љубов во себе и ќе ја славиме таа љубов. Можеби не е оформена како чувство кон некоја посебна личност, ама тука е. И отворете си вино, ма не мора дури ни вино да биде. Ако сте по пивото нека е пиво, ако сте по коктелите нека е некој кој ви прави мерак. И да, ако ви се пие пак нешто и во вторник да си се напиете, а ако ви се слави љубовта во среда тогаш да си одите со партнерот на ручек или вечера. Да си правите ко што ви е убаво на душата и никого да не слушате, оти колку луѓе, толку мислења.
Кратко е времето кое го поминуваме на оваа планета, па кога сме веќе тука да научиме да уживаме во она што го сакаме. Никому не должите ниту објаснување ниту извинување. Она што е ваше имате обврска кон себе да го изживеете најдобро и најубаво што знаете и умеете. Живели и за Валентајн и за Св. Трифун!
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Има ли мерка за љубов?
знае ли некој како љубовта се мери
еве, децата велат
“те сакам до небото и назад”
оти небото во детскиот ум е бескраен
и некогаш се прашувам
дали душата е поголема од небото
та ми се чини оти мора да е
оти во неа и небо збира
сосе облаци и ѕвезди
и сиот дожд
сосе грмотевици и молњи
а сепак поубаво ми звучи она
“до небото и назад”
оти тоа барем знам колку чисто е
и оти тоа, детското небо
е поголемо од душата на возрасните
и затоа никому не верувам
ама баш никому дека ме сака со кажана мерка
небаре љубовта штоф е
па од неа одело ќе скроиме
или свечен фустан за забава
небаре љубовта течност е
та од неа ќе ги наполниме чашите
за живели со непознати да правиме
небаре љубовта храна на трпеза е
та како на скап коктел
ќе боцкаме и пребираме
детската љубов
таа кај тебе сакам да ја видам
да ги рашириш рацете
па да се премислиш
и угоре да ги крениш
и со чист глас да кажеш
“те сакам Ано до небото и назад”
и да се смееме небаре шега е
а и обајцата да знаеме
колку вистина има во детското поимање на љубовта
колку вистинска љубов во неколку збора е збрано
оти ко ќе не’ нема
душата на истото тоа небо заминува
токму на она, детското небо
она небо до кое љубовта ми оди
и повеќе не се враќа.