Љубовта ни ја движи крвта: Лејла Рамковска искрено за врската со Роберт Билбилов

Добивај вести на Viber

Јогата делува и на духовно ниво а не само физичко. Учиме да го сакаме своето тело и со многу трпение да воспоставиме баланс меѓу телото, духот и умот, вели Лејла Рамковска познатата јога инструкторка кај нас.  

Лејла поседува големо знаење за здравиот начин на живот, кој го промивира со своите лични примери, како и беспрекорен физички изглед. 

Иако на почеток, како и многумина денес, и таа имала предрасуди кон оваа дисциплина, јогата за неа е професија, но и начин на живот. Трауматичниот период кој сега е веќе зад неа, бил пресвртот кој ја натерал на промена кај себе. Психичката состојбата во која се наоѓала тогаш, ѝ се одразувала и на физичко ниво, а склоп на околности кај Лејла разбудил интерес, кој полека се преточи во нејзино студио Club8.

Рамковска е среќна со јогата. Но, и во љубовта. Искрено, ни раскажа и дека со познатиот музичар Роберт Билбилов се заедно половина година. 

„Сега дојде моментот на она „Во вистинско време, на вистинско место“... истакнува јога учителката, а подетално, читате во редовите подолу.


ЖМ: Лејла, кажете ни како ви почнува еден ден, кафе или прво појадок?

-Обично денот ми започнува со голема чаша вода и кафе, но во вакви периоди на премин во друга сезона и пад на имунитет, внимавам малку повеќе, така што периодов место обична вода, додавам ѓумбир, мед и лимон.

ЖМ: Раскажете ни како почнавте да се занимавате со јога, кога почна вашата љубов со оваа возвишена дисциплина и како станавте инструктор?

- Со јога започнав по доста трауматичен период... Тогаш двете деца ми беа мали а физички бев доста неактивна и слаба... Започнав како спас од тогашната психичка состојба која беше одразена на физичко ниво. Главоболки, вртоглавици беа секојдневие.. Еден ден решив дека морам нешто да променам и да ѝ дадам шанса на јогата за која во тоа време имав предрасуди кои ги среќавам денес кај многу луѓе... Како што ги чувствував придобивките на мене, со обично за само 15 минути на умерено вежбање на ден, така и интересот да научам повеќе за јогата растеше.. Склоп на околности, тогаш се појави обука на тип на јога која мене ми разбуди интерес, водена од Неда...и така започна приказната која дојде денес до тоа да имам и свое студио, Club8.

ЖМ: Што е за вас јогата - Професија или начин на живот?

- Среќата е во тоа да се и двете.

ЖМ: Каква едукација е неопходно или пожелно да се помине за да се стане инструктор по јога?

Не верувам во една дефиниција иако секако во денешно време има безброј услови на следење обуки како во живо така и на нет... и сметам дека треба да се помине. Но, учењето никогаш не престанува, а за да се биде добар јога учител си бара оној посебен елемент кој не е технички.. а тоа е разбирање/примање и давање на енергии. 

ЖМ: Како јогата може да го подобри нашето здравје, и како вежбањето влијае на телото?

- Јогата го подобрува нашето здравје преку подобрување на флексибилноста, подобрување на физичката форма и со тоа намалување на болките од погрешно седење/стоење/стрес... 


ЖМ: На Запад, јогата веќе некое време е препознаена како помошен метод во лекувањето на одредени нарушувања и болести. Дали вие како инструктор се согласувате со тоа?

-  Знаеме дека стресот го нарушува нашето здравје. Најсигурен начин да се одржуваме во баланс е редовна физичка активност. Јогата делува и на духовно ниво а не само физичко. Учиме да го сакаме своето тело и со многу трпение да воспоставиме баланс измеѓу телото, духот и умот. Ако гледаме на тоа дека се оди ланчано, да, јогата е важен метод во третирање на психо-физичкото здравје. 

ЖМ: Некои од составните техники на јогата се медитацијата и мантрата. Дали сите луѓе можат да го постигнат ова, или сепак ја препорачувате јогата само на оние со одреден начин на размислување подготвени да прифатат таков вид релаксација?

- Јогата има различни аспекти, техники кои може да одговараат на секого, но треба повеќе едукација и комуникација. За консултации секогаш може да ми се обратат на социјалните мрежи или на меил.


ЖМ: Има ли некој што не може да вежба јога, сте имале ли можеби некое посебно јога искуство?

-  Може апсолутно секој да вежба јога, само важно е да се најде соодветниот тип на јога и инструктор. 

ЖМ: Во љубов сте со познатиот музичар Роберт Билбилов. Како се запознавте – раскажете ни ја вашата приказна?

Со Роберт се знаеме сигурно повеќе од 20 години, имавме доста заедничко опкружување, но никогаш не сме имале нешто повеќе од обично здраво...Сме имале меѓусебна почит. Но, како се вика, сега дојде моментот на она „Во вистинско време, на вистинско место“...


ЖМ: Колку време сте заедно, како ве освои Роберт?

- Половина година сме заедно. Не треба ништо посебно за да ве освои некој ако ги барате вистинските нешта... Роберт е вистински искрен, грижлив и пред сѐ добар човек. 

ЖМ: Што најчесто двајцата обожувате да правите заедно?

- Апсолутно сѐ... затоа и можеби помина пола година како една недела (се смее) љубовта ни ја движи крвта...Но, таа се случува само кога имаш храброст да љубиш и да не се плашиш да го покажуваш тоа. 


ЖМ: Со која мисла ви завршува денот?

-Денот ми завршува со задоволство кога сите обврски за дента се завршени и со мини план за утрешниот ден. И во добри и во тешки денови со потсетување и благодарност за сѐ што имам. 


Ирена Ставрова