Лубеница, калинка, лимон да се јадат секојдневно: Доктор Вујадин Трајковски советува како да се подготвите за летните горештини

Добивај вести на Viber

Медитеранската исхрана е идеална за летниот период, храната која е богата со заситени масти ја зголемува опасноста од создавање на наслаги во вените и артериите , а со тоа се зголемува и ризикот од кардиоваскуларни болести.

За да не се оптеретува дигестивниот систем, пожелно е да се консумираат свежи намирници во чести, помали оброци а да се избегнуваат слатките јадења и пијалоци.

Како да се подготвите за летните горештини, што да конзумирате и како до имунитет во лето.

На овие прашања, но и уште неколку корисни совети, со нас денес споделува докторот по општа медицина Вујадин Трајковски.

*Ваш совет како граѓаните најлесно да се прилагодат на големи температурни варијации?

При престој на отворен простор треба да се прават почести одмори под сенка, како и да се избегнува престој во целосно затворени возила и директен престој на сонце.

Хронично болните, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба задолжително да го консултираат својот матичен лекар. Се препорачува при чувство на зашеметеност, слабост, вознемиреност или интензивна жед и главоболка, да се консумира вода или негазиран минeрален пијалак, да се побара помош, да се оди на постудено место колку што е можно побрзo и да се измери телесната температура. При болен мускулен грч најчесто во нозете, рацете и стомакот, потребно е да се оди на студено место и да се консумира течност која содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час. Пред употреба задолжително треба да се мијат свежиот зеленчук и овошје, и да се прави термичка подготовка на храна и нејзина консумација веднаш по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на четири степени, а пред употребата да се загрее на 100 степени. Треба да се избегнуваат производи кои термички не се обработени, а особено да се внимава со консумација на сладолед и разни кремови. Високите температури негативно влијаат на здравјето на луѓето при што се влошува состојбата на тие кои страдаат од кардиоваскуларни болести, респираторни болести и ментални нарушувања. Можат да се јават и акутни ефекти како резултат на изложеност на високи температури, како што се сончаница, топлотен удар, топлотни грчеви, функционални нарушувања на централниот нервен систем.

*Како да се заштитат граѓаните и што да применуваат во летните горештини?

Со цел заштита на населението од високите температури, се препорачува во периодот од 10 до 17 часот кога е најтоплиот период од денот да се избегнува напорна физичка активност, вклучувајќи и спорт и рекреативни активности. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце, да се носат заштитни очила и капа, како и да се престојува во затворени климатизирани простории на температура од 23 до 25 степени.

*Исхраната е исто така многу важна. На што велите вие најмногу да се внимава?

-Летото е време кога ни одговара лесна и освежителна храна, а за време на топло време е добро да избегнуваме намирници кои го прават токму спротивното. 

Многу луѓе сакаат да користат зачини, но внимавајте да не се претера. Ни налето, ниту во зима не е добро да се претера со зачините, бидејќи тие ја креваат телесната температура, оти го стимулираат метаболизмот. Заедно со зачините, обично има и месо или сосови со месо. Тешките сосови, дури и оние со морски плодови, можат да предизвикаат прекумерно потење и дигестивни проблеми.

Посебно преку лето, препорачливо е да се избегнува и мрсна брза храна, којашто е пржена, чадена и зачинета, бидејќи тука свежината може да ја нема воопшто… Тоа може да предизвика проблеми со дигестивниот систем, но и труење, што секако ќе го уништи летото, морските радости или годишниот одмор.

Медитеранската исхрана е идеална за летниот период, храната која е богата со заситени масти ја зголемува опасноста од создавање на наслаги во вените и артериите , а со тоа се зголемува и ризикот од кардиоваскуларни болести.

За да не се оптеретува дигестивниот систем, пожелно е да се консумираат свежи намирници во чести, помали оброци а да се избегнуваат слатките јадења и пијалоци.

*Кои совети ги давате за имунитет во лето, како да се подобри истиот?

-Имунолошкиот систем го штити човечкото тело, со оглед на тоа дека е летно време и има изобилство од овошје и зеленчук, ова се овошките кои ќе ви помогнат да го зајакнете имунитетот:

Лубеница - Во летните жештини ниту една намирница не ја гаси жедта подобро од лубеница. Лубеницата е богата со витамини А и Ц, калиум и магнезиум. 

Калинка - Калинката се смета за суперовошје. Добра е за работата на срцето и на целото тело. Го намалува крвниот притисок и го зголемува нивото на енергија во телото.

Лимон - Лимонот е богат со антиоксиданти. Тој содржи витамин Ц, фолат, калциум, калиум и е богат со растителни влакна.

Јаболко - Со консумирање на јаболка ќе се ослободите од токсините во телото, од тешките минерали и од холестеролот. Јаболката се достапни во текот на целата година. Во едно јаболко има дури 40 мг витамин Ц, потоа витамини А, Е, Б1, Б2, Б6 и бета-каротин. Јаболката содржат и калциум, фосфор, магнезиум и железо.

Портокал - Портокалот е полн со витамин Ц. Оваа хранлива состојка го зголемува бројот на бели крвни зрнца и го зајакнува вашиот имунолошки систем.

*На што посебно да се внимава кога се патува на летување?

-Најдобро е да патувате со автомобил, за мајките со мали деца тоа сигурно е најдобриот начин за патување. Децата секогаш мора да бидат сместени на задното седиште и до петтата година во посебно седиште за деца кое ќе биде прицврстено со сигурносен појас. Во текот на патувањето пожелно е да јадат за време на некој краток одмор. Разладени овошни сокови, припремени од свежо овошје или индустриски сокови со мала количина на шеќер, се практични за пат како освежување како за децата така и за возрасните.

*Топлината најмногу им прави проблеми на трудниците, постарите лица и бебињата – вашиот главен совет до нив?

-Препораките за трудниците се дека нема никаква контраиндикација да се патува доколку се утврди дека не се работи за ризична бременост. Ако бременоста е редовно контролирана и нема никаква опасност за предвремено породување или појава на друга патолошка состојба која бара мирување или хоспитализација тогаш може да се користат сите превозни средства со одредени препораки, различни за секој период од бременоста. Препорака е да се избегнуваат патувања во првиот триместер до 12 гестациска недела, бидејќи тогаш бременоста е највулнерабилна. Најбезбедно е да се патува од 14-та до 28-та гестациска недела. 

Патувањата кои траат подолго од 5 часа не се препорачливи, затоа што има поголема опасност за појава на хиперкоагуабилна состојба на крвта кај трудницата, т.е зголемен ризик за појава на тромбоза.

На она на што треба да се внимава е појасот за безбедност да биде врзан под стомакот, а не преку него. Исто така да се внесуваат многу течности, а најдобро вода, за да не дојде до дехидратација.

Патувањата до одредени дестинации треба да бидат организирани врз основа на претходни познавања на здравствените установи во местото на сместување, за ако се случи нешто непредвидено, да знаете каде да се обратите.

Најдобро е да се избегнуваат патувања со брод или со автобус, на подолги стази, бидејќи овие превозни средства не се пријатни за трудници.


Ирена С.