Македонската ориентална танчарка Сара: Луѓето ја сакаат ориенталната музика, веднаш се развеселуваат и овој танц станува сѐ поголем тренд
Танцот е лек за
многу нешта. Не бадијала постарите рекле: „Пејте како никого да не ве слуша и
танцувајте како никој да не ве гледа“. Танцот има посебна моќ, која ве крева,
ве расположува и буди посебни емоции кај оној кој танцува, но и кај оној кој
гледа како друг танцува. Повеќето танцуваме на свадби, некои знаат да играат
ора и танци, некои тоа го прават од душа, а нашата денешна соговорничка Сара Мирчевска, е професионална ориентална танчерка и едукаторка, вљубеник во животот, добрата храна, добрата музика, егзотичните дестинации но и фотографирањето, со нејзините движења краде воздишки и
кај мали и кај големи, и кај дами и кај посилниот пол.
За нејзините почетоци таа вели дека уште од многу мала, според кажувањата на нејзината мајка обожавала да танцува на секаков вид на музика, но уште оттогаш најмногу ја привлекувала ориенталниот стил, кој подоцна гледајќи видеа и туторијали го научила сама, бидејќи тогаш немала каде да се едуцира, а кога решила токму ова да биде нејзина професија одличила да се надогради: „Се доусовршив кај една од најдобрите професорки во светот и се запишав на академијата во Франција, каде што се стекнав со сертификат за професионален танчер, а потоа и со лиценца за предавање ориентален танц. A на прашањето дали во Македонија може да се научи некаде ориентален танц, одговорот е да, во нашето студио - Sara's Dance“.
Во поглед на тежината на ориентален танц, Сара вели: „Морам да
признаам дека не е лесно да се игра ориентален танц, но како и секој спорт бара посветеност, јас лично одвојувам
по неколку часа во денот за вежбање. Сепак, доколку
било кој сака да ги научи основите, преку вежбање и учење може
да ги совлада техниките“.
Мирчевска за усовршувањето на танцот вели дека постојат различни степени, така што времето на усовршување е индивидуално, додека за специфичните костими кои се препознатливи за овој тип на музика открива: „Сите мои костими се изработуваат посебно. За нивното создавање е одговорен дизајнер, кој заедно со мене создава различни модели во зависност од намената„.
Сега Сара е професионална ориентална танчарка, но и денес детално се сеќава на нејзиниот прв јавен настап за кој вели: „Мојот прв јавен настап беше на натпревар во Србија, искрено морам да признаам дека имав голема трема што предизвика да ја заборавам кореографијата која ја вежбав долго време, но одлично се снајдов со импровизација бидејќи ме понесе емоцијата“.
Според нејзиното искуство и она што го гледа додека настапува на настани и свадби и друг вид на евенти вели дека луѓето сѐ повеќе ја сакаат ориенталната музика, веднаш се развеселуваат и дека овој вид на танц станува голем тренд, потенцирајќи дека и познатите балкански ѕвезди во последните неколку години вметнуваат ориентални елементи во својата музика сѐ почесто.
Наталија Миланова