Луѓето кои се на безглутенска исхрана, за да се здрави, потребни им се многу пари: Леб од 250 г. 168 денари, кg. брашно 289 денари, вафел со лешник 202 денари

Неверојатно е колку храната без глутен е скапа, во однос на индустриски обработената. Луѓето кои од здраствени причини се на безглутенска исхрана, доживуваат ценовен шок. Производите без глутен се двојно или четирипати поскапи од обичните. Дополнителен проблем е што тие може да се купат само во одредени маркети во главниот град. Многу помал е изборот во внатрешноста на Македонија.

Д-р Камелија Бушлетиќ, пулмолог и алерголог појаснува дека глутенот е протеин или група од стотина различни протеини, што се наоѓа во житариците како пченицата, овесот, ржта. 75 до 85% од вкупните протеини кои се наоѓаат во пченичниот леб се всушност глутен.

- Луѓето кои се интолерантни на глутен можат долго време да имаат тегоби и да не бидат свесни од каде тие доаѓаат, бидејќи можат да се јават по консумирање на леб веднаш за 30 минути, но и по 3 дена. Тие чувствуваат подуеност на стомакот и отекување т.н глутенски стомак, имаат гасови, запек или дијареја, хроничен замор. Можат да бидат и депресивни, но и анксиозни, да имаат болки во зглобовите, но и послаба можност за концентрирање и чувство на зашеметеност.- вели д-р Бушлетиќ.

Во денешниот свет интолеранцијата на глутен може да биде предизвик во животот, бидејќи влијае секој ден и на секој оброк. Но, најмногу на семејниот буџет. Ако за доручек се решат за безглутенски чоколаден корнфлекс од 250 грама, ќе го платат 307 денари. Олеснителна околност е што истиот, но без додатоци, може да се купи за 99 денари. Палентата чини 121 денар, а мусли од 300 грама се 258 денари. Леб од 250 грама е 168 денари. Ако изборот за ручек е пица, тестотото од 300 грама ќе ги чини 283 денари. Тестенините без глутен, шпагети и макарони од 250 грама се 135 денари. Ако одлучат сами да ги прават овие производи, тогаш за еден килограм безглутенско брашно треба да одвојат 289 денари. Килограм брашно од хељда е 380 денари, а кокосово од 200 грама е 165 денари.

Цената на благите производи исто така е доста висока. Вафел со лешник од 250 грама чини 202 денари, а бисквити од 125 грама се 113 денари. За солени переци треба да издвојат 90 денари, а за чипс од киноа 63 денари. Ретко, само во некој маркет, цените може да бидат малку пониски. 

Барајќи намирници кои може да ги јадат, луѓето интолерантни на глутен ги ограничува кога се на ручек со пријателите, работни вечери или едноставно кога се премногу гладни и сакааат нешто набрзина да изедат. Тие мора да бидат подготвени секогаш да истакнуваат дека се на безглутенска исхрана, а тоа често е исцрпувачки и напорно.

Мирјана Патаракоска веќе неколку години е на безглутенска исхрана. Но, за разлика од другите кои се само интолерантни на глутен, таа живее живот со болеста целијакија. Не смее да консумира никаков вид брашно, освен пченкарно.

-Моето прво соочување со целијакијата беше на 30 години, иако веќе подолго време сум ја имала болеста. Уште од тинејџерските години имав проблем со дигестивениот систем и варење на храната, но дијагнозата беше поставена кога веќе имав сериозни проблеми. И од тој момент, престанав да јадам многу продукти кои ми беа омилени: леб, кифлички, пита и сите производи кои содржат брашно, односно глутен. На почетокот ми беше многу тешко и јадев само свежи производи, како салата и овошје, додека се информирав што смеам да јадам. Во мојот случај е комплицирано, бидејки не смеам да јадам никаков вид брашно, освен пченкарно. Не смеам да јадам ниту овес и овесно брашно, ниту спелтино, хељдино, ‘ржано. - вели таа и дополнува дека набавувањето на производи во последните години е олеснато, бидејки ги има во поголемите маркети, но цената е многу висока, отприлика четири пати поскапа.

- Затоа од многу работи се откажувам и не јадам или многу ретко. Привилегија со мојата дијагноза имам само во набавка на брашно на рецепта, на тој начин можам да направам леб или нешто слично дома, но сѐ не може да се направи дома или пак тоа не го умеам. Најголем проблем ми е јадењето надвор од дома. Нема ресторани и пекари каде што може да јадам. Во соседните држави има пекари каде што може да се купат безглутенски призводи, а исто така има ресторани со безглутенски менија. Цените не се раликуваат многу, поскапи се, но не толку драстично. – открива Патаракоска .

СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА

Фото: Фрипик