Луѓето мислат дека ако си самохрана мајка веќе не си жена: Теодора од Тетово за предрасудите и предизвиците како самохрана мајка

Добивај вести на Viber

„Најнапред си жена па мајка, но затоа кога знаеш да се носиш со двете ти си кралица, ти си борец, ти си љубов“ 

29-годишната Теодора од Тетово е самохрана мајка на една ќеркичка. Животот ја однел на таков пат, да треба да донесе таква голема одлука, и патот да си го продолжи сама со својата ќеркичка. А денес е сигурна дека ја направила вистинската работа.

За себе вели дека е горда самохрана мајка, а тоа јасно и отворено го искажува и на нејзиниот Инстаграм профил под називот dorss_single_mami, чијашто намена е токму да охрабри многу самохрани мајки, и вели дека нема проблем да говори слободно за таа тема, која за жал за многумина е табу.
Тоа го прави поради многумина мајки кои се плашат да зборуваат отворено и кои се плашат да ризикуваат. Теодора вели дека со многу од нив комуницира отворено, имаат и група на Фејсбук каде си помагаат и си разменуваат совети, со некои дури и се спријателила веќе и секогаш е тука за секој, бидејќи таа најдобро знае дека да се направи првиот чекор е тешко, но кога имаш поддршка, тогаш е полесно, затоа и зборува јавно, без срам, и со гордост, дека е самохрана мајка.

Теодора:

-Зборот сингл мами да се опише е тешко, но да се доживее е лесно, само треба да знаеш да подариш насмевка, да љубиш, да веруваш, да се бориш, да се издигнеш, едноставно да правиш убавини и со само една насмевка да ги "убиеш" лошите работи околу тебе. Резултат на сето тоа е прегратка од две рачиња, две очиња - поточиња кои гледаат супер мама, супер херој во тебе, ти можеш зошто сакаш, зошто мораш да ја оправдаш љубовта, едноставно за тоа и живееш. Нормално, најнапред си жена па мајка, но затоа кога знаеш да се носиш со двете ти си кралица, ти си борец, ти си љубов. 

Нејзината ќеркичка, Кристијана за два месеци ќе полни седум години, а мама Теодора отворено и искрено зборува со неа за тоа дека е самохрана мајка, на начин кој одговара на нејзината возраст, со цел Кристијана да ги сфати работите онака како што треба, да не биде повредена, а сепак да биде информирана. 

- Кристи си контактира со татко ѝ, колку и да е добро тоа, толку ѝ е потешко за некои прашања од нејзина страна... искрена е Теодора.

НАЈГОЛЕМИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ КАКО САМОХРАНА МАЈКА

- Најголем предизвик е тоа што живееме во земја во која сè уште се заглавени некои размислување и предрасуди, осудувања, некаде далеку низ минатото...  А најтешко е кога животот на Кристијана носи ситуации каде треба да ја има улогата на двајцата родители, тогаш е тешкиот дел, објаснување, прикажување на ситуацијата, изборување и пополнување на празнината...

НИКАКВА ПОДДРШКА ОД ДРЖАВАТА НЕМАМ ДОБИЕНО КАКО САМОХРАН РОДИТЕЛ

- Никаква поддршка од државата немам добиено, за жал ризичните категории самохрани родители немаат никаква помош во оваа држава, единствена поддршка ми е од моите родители и моментално од работата (Теодора работи како кредитен референт во БС Финансиски центар) каде можам да кажам моите одговорни се прекрасни личности, кои ми излегуваат во пресрет за сè и многу сум им благодарна, до сега сум ја немала таа поддршка и ретко која самохрана мајка ја има поддршката од работа.

ОПШТЕСТВОТО Е ПОЛНО СО ПРЕДРАСУДИ ЗА САМОХРАНИТЕ РОДИТЕЛИ

- Моите родители се мојата најголема поддршка во сè, многу е битно да има кој да те разбере и поддржи, околината е полна со предрасуди, но блиските луѓе со кои секојдневно комуницирам потполно ме поддржуваат и се секогаш овде за мене, сепак пријателите се избираат. 

ЛУЃЕТО МИСЛАТ АКО СИ САМОХРАНА МАЈКА, ВЕЌЕ НЕ СИ ЖЕНА

- Луѓето мислат дека ако си самохрана мајка веќе не си жена, не, тоа е грешка не треба да ни влијае туѓо мислење, најбитно е најпрво да сте добра жена за да сте уште подобра мајка. Најчесто предрасуди се јавуваат доколку си го продолжиш животот во нормала, си уживаш, си шеташ, си избрала нов партнер, едноставно секој го гледа туѓиот живот место својот, мене предрасуди не ме допираат, јас си живеам по свои правила и битна ми е мојата и среќата на мојата малечка.

„БИДИ СРЕЌНА ЖЕНА ЗА ДА БИДЕШ САКАНА МАЈКА“

- Најдобар совет кој ми го дале е "Гледај да си среќна ништо друго не е битно", јас на ова како мој совет би додала „Најбитно е наутро да се будиш во среќен дом, со насмевки, сè друго е минливо, за секоја коцка да си дојде на свое место битно е трпение и верба, биди среќна жена за да бидеш сакана мајка“ - порачува за крај Теодора.


Љ.И