Лусинда Рајли, писателка на едицијата „Седумте сестри“ и „Куќата на орхидеите“ ексклузивно за Женски Магазин: Би сакала да истражам некое македонско литературно дело

Добивај вести на Viber

Ирската писателка Лусинда Рајли ја стекна наклонетоста на читателите со своите семејно-љубовни романи кои изобилуваат со заплети и интересни личности. Нејзините дела преведини се на 30 јазици, а продадени се над 15 милиони примероци. Од нив најпознати се „Куќата на орхидеите“ која ја напиша на 24 години и стекна меѓународна популарност, „Полноќна роза“, „Ангелско дрво“ и „Девојчето на гребенот.

Писателката периодов се истакнува со серијалот „Седумте сестри“. Шест од нив се преведени и на македонски јазик. Тоа се „ Седумте сестри“и „Сестрата сенка“ кои станаа бестселери број еден во Европа, како и „Сестрата создадена од бура„,  „Бисерната сестра“, ,„Сестра на месечината“ и „ Сестра на сонцето“. Моментно работи на последната книга со наслов The Missing sister и открива дека ќе се појави на англиски јазик, на пролет следната година.

Лусинда Рајли е родена во Ирска. Во детството многу патувала, особено на Далечниот Исток, каде што живеел нејзиниот татко. Бидејќи се преселила во Лондон, станала актерка и работела на филм, театар и на телевизија. Има куќа на островот Ко Чанг на Тајланд на земјиште кое го купил нејзиниот татко. Живее во Норфок во Англија и во Вест Корк во Ирска, со сопругот и четирите деца.

* Моментално работите на последната, седма книга од серијалот „ Седумте сестри“? Може ли да ни дадете детали за датумот на издавање?

- За време на корона карантинот, работев најмногу што можев на седмата книга која се вика Missing sister. Не можам да откривам никакви тајни околу приказната и локациите кои се прикажаниво неа. Само ќе кажам дека таа би требало да биде објавена на англиски јазик, пролетта 2021 година.

* Плејадите се најверојатно формирани од компактна конфигурација која наликува на Небула Орионот. Дали инспирација за пишување на серијалите добивате од набљудувањето на ѕвездите?

- Да, отсекогаш сум сакала да ги гледам ѕвездите, особено Плејадите, исто така познати како Седумте Сестри во митовите низ светот. Една ладна ноќ во Северен Норфолк во 2013 година, погледнав кон небото и размислувајќи за нашите  деца, дојдов до идеја за серијал од седум книги алегорски базиран врз легендите на соѕвездието Седум Сестри.

ВО СЕКОЈА ОД „СЕСТРИТЕ“ ИМА ДЕЛ ОД МЕНЕ, НАЈБЛИСКА МИ Е ТИГИ

* Имате понуда од водечка холивудска продуција за тв серијал,базиран на вашите книги. Со оглед на фактот дека кариерата ја почнавте како актерка, постои ли шанса да се појавите пред малиот екран во еден од ликовите на вашите дела?

- Не сум ни размислувала за тоа, но сум отворена за тој чекор. За сега, учам голем дел за сите подготовки треба да се направатза толку големо телевизиско шоу. Како поранешна актерка, многу се радувам на кастингот за моите ликови.Се сеќавам дека се потев пред аудициите во Лондон и потоа се прашував што ли мислат директорите на кастинг додека читав за улогата.

* Која од сестрите ви е најблиска карактерно и духовно?

- Има дел од мене во секоја од „сестрите“. Мора да признаам дека за најблиска ја чувствувам Тиги во „Сестрата на Месечината”. Двете споделуваме силно чувство на спиритуалност и сличен поглед на светот.

* Порано ги снимавте приказната, дијалозите, сцените со диктафон кои подоцна ги пишувавте. Дали методот остана ист?

- Апсолутно. Започнав да работам на овој начин кога имав големи болки поради целодневното седење при пишувањето на моите први книги, пред дваесет години. Го диктирам целиот прв нацрт на мојот диктафон, познат како “Дик”. Откако мојот асистент ќе го напише, дознавам дека сите ликови сум ги изговарала со различни гласови и акценти. Тоа стана шега во мојот дом, особено кога ги диктирам интерпункциските знаци. Моите деца мислат дека сум луда.

ВО МОЈОТ ЖИВОТ НЕМА НЕШТО КАКО „НОРМАЛЕН ДЕН“

Куќата на Орхидејата  е една од најомилените книги на читателите. Кое е вашето објаснување, што беше пресудно за успехот?

- Мислам дека една од причините за нејзиниот успех е таа што во книгата судбината, љубовта и доброто на човечката природа триумфираат над лошото. Многумина од нас живеејќи во модерниот свет се прашуваат дали сме го изгубиле моралниот “компас”. Минатото, со своите вредности од фамилијата, интегритетот и љубовта, носат комфор и надеж за иднината.

* Вие сте доста заштитнички поставени кога станува збор за приватниот живот. Може ли да ни кажете каде живеете? Како изгледа еден Ваш нормален ден?

- Поддеднакво го поминувам времето во Англија и во родната Ирска. Морам да признаам, во мојот живот нема нешто како „нормален” ден. Фактот што сум мајка на четири деца, исто така и тоа што имам кучиња, мачки, писателски проекти, значи дека секој ден носи нови изненадувања и предизвици. Можеби моите нај “нормални” денови се оние каде што се повлекувам и пишувам. Тогаш можам да се придржам до стриткна работна рутина без никакви вознемирувања.

ОРГАНИЗИРАМ ВЕЧЕРИ И ГОТВАМ ЗА НАД 14 ЛУЃЕ

* Сакате да поминувате време во кујната. Дали имате некое друго хоби или страст. Што Ве прави среќна?

- Сакам да јадам и да готвам, тоа е прекрасен начин да се собере целата фамилија на едно место. Често организирам вечери кај нас дома за над четрнаесет луѓе. За мене, кујната е срцето на домот. Една од работите кои најмногу сакам да ги правам е подготовка на Божиќната вечера со мојата фамилија и готвењето на традиционалните британски ролни со колбаси.

* Вашиот сопруг и истовремено агент, ја има привилегијата да ги чита Вашите ракописи. Дали прифаќате критика?

- За среќа, мојот сопруг отсекогаш бил фан на моите книги. Го ценам неговото мислење и секогаш ми помага кога фрла поглед на ракописите и забележува работи кои сум ги пропуштила.

ЈАС СУМ ТОТАЛЕН КНИЖЕН МОЛЕЦ

* Да бидеш добар писател значи да бидеш уште подобар читател. Кои автори и книги сакате да ги читате?

- Јас сум тотален „книжен молец” и сум прочитала илјадници книги од различни жанрови. Најверојатно мојот омилен период е 1920- 1930 година. Покрај се, жените се облекувале фантастично. Ф. Скот Фицџералд, Евелин Вох и Едит Вартон која пишувала толку евокативно за тој дел од светската историја се меѓу моите омилени. Сакам и добар детективски роман.

Дали сте сретнале дела на некои наши македонски автори?

- За жал не. Но, навистина би сакала да истражам некое македонско литературно дело.

Соња Алексоска Неделковска