Магдалена Ризова – Черних: Имав две интервенции, сега сум подготвена за нови предизвици
Единствена по многу нешта. Магдалена Ризова Черних годинава слави 30 години од актерската кариера. Вели дека првата деценија била најплодна и најразновидна. Втората полежерна, но со посериозен репертоар,а во третата деценија одиграла од сѐ по нешто. Бројката од 4000 театарски претстави е импозантна.
Во 1991 година, дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје на катедрата за драмски актери во класата на проф. Владимир Милчин. Во 1993 година се вработува во Македонски народен театар во Скопје. Од 2017 година работи во Театар Комедија. Покрај нив, таа настапува и во други театри: во Драмски театар - Скопје и патувачкиот Театар Колозов.
Остави голем печат во тв серии и филмови. Најавува ангажман во проект надвор од границите на нашата држава.
ЖМ: Неодамна прославивте голем јубилеј, 30 години на штиците што живот значат, со изведбата на претставата „Обвинителка“ во Штип. Кој период во изминатите три децении беше најдобар за театар, а кој најлош? И зошто?
- Да, на 29 Март во Народниот театар имаше праизведба на текстот „Обвинителка“ на авторот Огнен Неделковски и воедно моја 76 премиера во мојот работен стаж. Од моја гледна точка 30 години ми изгледа малку, но кога ќе се завртам зад себе, ме фаќа страв од бројот на премиерите, а да не зборувам за изведбите, кои според моја статистика се некаде околу 4000 одиграни престави. Првата деценија беше најплодна и најразновидна. Втората така полежерно поминуваше, но со посериозен репертоар, за да во третата деценија се одигра од сѐ по нешто.
ЖМ: Како изгледаше актерскиот пат на Маги после дипломирањето на ФДУ? Се почувствувате ли одеднаш оставена сама на себе, а со диплома во рака?
- По моето дипломирање 1991 година јас веќе играв во три театарски куќи, МНТ, Кумановски и Битолски народен театар. Така што патот за вработување во МНТ ми беше лесен затоа што имав веќе три престави на тековниот репертоар и не бев непозната за театарскиот свет. Никогаш не дозволив, ниту ќе дозволам да бидам оставена сама на себе.
ЖМ: Дали е интересно да се биде директор на театар? И зошто не? Тешко ли им е на актерите да бидат директори на театри и на своите колеги?
- Не е интересно, туку многу одговорно. Сериозен предизвик за сите, но сега предизвиците не се приоритет. Да бидеш директор на своите колеги, воопшто не е, бидеќи треба да умееш и да знаеш да го разграничиш односот со тие што се над тебе и тие што се до тебе. А, до тебе се секогаш колегите, но без почит, која мора да е взаемна не може ништо. Јас ја имам па ми е лесно. Почитта не се учи, туку е дел од етичкиот кодекс на еден актер.
ЖМ: Театар, филм или телевизија? Што најмногу ве привлекува како актерка?
- Од сѐ по нешто. Сите три се многу различни работи. Театарот се работи кампањски месец до два и потоа си течат изведбите на преставите и секоја престава си има свој живот. Доста слични се подготовките за телевизиските серии, коишто имаат определен период на работа од три месеци до година дена секојдневно снимање и потоа серијата си има свој тек на живот. Додека за филмот се подготвуваш некогаш една година или две во зависност што се бара од тебе, мислам на тоа дали да ослабнеш или да се здебелиш, да ја подобриш физичката кондиција итн. Филмот се снима во зависност од временските прилики и крајниот продукт го гледаш кога веќе си заборавил што си сработил ха ха ха.
ЖМ: На кој начин ги подготвувате улогите во проектите за деца? И како изгледаше водењето на Вашето детско студио?
- Ако мислите за прооектите во Детско драмско, самите деца си одлучуваат по пат на гласање кој текст ќе се изработи во тековната година. Секако, јас давам од 3 до 5 предлози на текстови и драми кои ги читаме за време на часовите, ги анализираме темелно, разговараме и после два месеци по пат на гласање одлучуваме кој текст ќе се работи во тековната година. Така што наредните шест месеци секое дете си добива соодветна улога. Разгледуваме идеи околу музиката на преставата и костимите, така што на крај на годината, обично секогаш е крај на мај или почеток на јуни, ја даваме преставата во театар како вистински професионалци. Околу моите улоги што ги играм во детските престави, ги изработувам многу лесно и со многу љубов, бидејќи детската публика ми дава посебна енергија, која ретко кој може во ова време да ја добие. Тоа за мене претставува голема чест и одговорност да создавам уште повеќе дела кои ќе ги паметат децата. Децата се најискрената публика, а таа е најважна за нас актерите.
ЖМ: Имате добиено повеќе награди во странство, отколку во Македонија. Зошто е тоа така? Поважно е да ве сака публиката или постојано да сте наградувани?
- Вообичаено е кај нас да е така, да добиваш награди повеќе надвор отколку дома. Тие награди значат за мене многу, без разлика од каде се помалку, од каде се повеќе. Но, за секој актер најголемата награда е публиката, аплаузот и нивниот збор е последен.
ЖМ: Малку се знае за вашиот приватен живот. Може ли да ни откриете дел од него?
- Тој го оставам само за себе, не го мешам со своите работни обврски.
ЖМ: Пред извесно време имавте одредени здравствени проблеми. За што стануваше збор и дали би сакале да им дадете некој совет на луѓето со слични здравствени проблеми?
- Да, имав две мали интервенции на двете стапала, коишто ми правеа проблем веќе подолго време во моето функционирање. Благодарна сум на тимот што се погрижи сѐ да помине во најдобар ред. Сега сум подготвена за нови предизвици, и на професионално и на приватно поле. Мој совет до сите е да се грижат за своето здравје и секој проблем да се решава на време.
ЖМ: Бевте најдобра пријателка на неодамна починатиот актер Трајче Георгиев. Кога последен пат го видовте, како изгледаше вашата разделба?
- Не само пријател, бевме одлични колеги, и на факултетот и во театарот и нашето дружење се круниса со кумство. Тие кој имаат вистинско пријателство, во случајот како јас и Трајче, никогаш не се разделуваат.
ЖМ: Комични или сериозни улоги, кои повеќе ви лежат?
- Едноставно сите. Кога нештото го сакаш и го работиш од срце не можеш да го одвоиш.
ЖМ: Може ли добро да се живее од актерскиот занает во Македонија?
- Да, може, но ако се сака. Потребна е голема волја и љубов, но и голема професионалност.
ЖМ: Кои се вашите идни планови? Ќе ве има повеќе на телевизија или во
театар?
- Во наредниот период, по кратката пауза, веќе ги имам потпишано договорите за следните проекти и на театарските штици и пред камерата, а секако го издвојувам проектот кој следува вон границите на нашата држава. Дојде времето за работа.
Соња Алексоска Неделковска