МАЈА БАБИЌ, ЧЛЕН НА ХУМАНОТО ДВИЖЕЊЕ „ПРОДОЛЖИ ПОНАТАМУ“.- Направи добро дело без да бараш ништо за возврат
„Продолжи понатаму“ функционира на начин што поттикнува да направите неколку добри дела за различни луѓе и од нив да не барате ништо за возврат, односно единствено треба да побарате и тие понатаму да направат неколку добри дела за други луѓе. Утре, од 10.30 во Градскиот парк на Школка, со пикник ќе се обележи светскиот ден на ова хумано движење
Утре е меѓународниот ден на „Продолжи понатаму“, или „Pay It Forward“, светско хумано движење кое функционира на принципот- Продолжи понатаму да правиш добри дела. Функционира на начин што поттикнува да направите неколку добри дела за различни луѓе и од нив да не барате ништо за возврат. Единствено треба да побарате и тие понатаму да направат неколку добри дела за други луѓе. Во светот во кој лошите вести и молбите за помош на социјалните мрежи ни станаа секојдневие, оваа акција втора година по ред функционира и во Македонија, по иницијатива и во организација на женската хуманитарна организација Inner Wheel Club Skopje. Една од тие хумани жени е и Маја Бабиќ, менаџер на настани од „Баги комуникации“. За Женски магаизн, Маја го најавува утрешниот настан на Продолжи понатаму, кој ќе се одржи од 10.30 до 13 часот, како пикник во Градски Парк на Школка, и раскажува за целта на ова движење- да се поттикнат повеќе од 10 милиони чинови на добрина во светски рамки.
Женски магазин- Раскажете ми генерално за акцијата Pay it forward, што претставува, од каде потекнува, кој ја создал и од кога функционира во Македонија?
Маја- Иницијативата за Pay it Forward или Продолжи Понатаму е инспирирана од истоимената книга на Catherine Ryan Hyde, а подоцна е снимен и филм во режија на Mimi Leder со Kevin Spacey во главната улога. Движењето го иницира Blake Beattie во 2007 година со само неколку поддржувачи, а денес тоа е распространето во 85 земји во светот, меѓу кои, по заложба на Inner Wheel Club Skopje Europea, по втор пат годинава се случува и во Македонија.
Целта на движењето е да се поттикнат повеќе од 10 милиони чинови на добрина во светски рамки!
Pay It Forward функционира на начин што поттикнува да направите неколку добри дела за различни луѓе и од нив да не барате ништо за возврат односно единствено треба да побарате и тие понатаму да направат неколку добри дела за други луѓе. При тоа, на оној за кој сте направиле добро дело му давате картичка која тој понатаму ја дава на оној за кој ќе направи добро дело, така што таа картичка патува помеѓу луѓето со секое направено добро дело. Картичката нема конкретна патека, ниту правила кога и каде треба да оди или да заврши. Се зависи од добрата волја на луѓето и нивната желба за хуманост и љубезност. Веруваме дека едно добро дело можеби не изгледа многу, но ако сите направиме нешто добро за другиот, а потоа циклусот на дарежливост и добрина се мултиплицира, може да предизвика да станеме подобри луѓе, а светот поубаво место за живеење.
Иницијативата за Продолжи Понатаму е инспирирана од истоимената книга на Catherine Ryan Hyde, а подоцна е снимен и филм во режија на Mimi Leder со Kevin Spacey во главната улога. Денес тоа е распространето во 85 земји во светот, меѓу кои, по заложба на Inner Wheel Club Skopje Europea, по втор пат годинава се случува и во Македонија.- Маја со жените од здружението
Женски магазин- Која е вашата улога, функција во неа?
Маја- Иницијатор за оваа акција да се одржува во Македонија е хуманитарното здружение Inner Wheel Club Skopje Europea во кое членувам веќе две години заедно со уште 17 прекрасни, силни и посветени жени. Направивме напор минатата година и во последен момент се вклучивме во акцијата и успеавме да ја додадеме Македонија на листата земји кои ја поддржуваат кампањата. Сите сме подеднакво вклучени во кампањата, впрочем тоа е и задачата на нашиот клуб, да делуваме хуманитарно, да помагаме каде што можеме според нашите услови и можности. Секоја од нас има свој придонес во кампањата, секоја е алка во ланецот на хуманоста. Оваа кампања вклучува многу компании, многу соработници и навистина има многу ангажман но морам да истакнам дека како и минатата година и годинава покрај обврските и одговорностите ние бескрајно и се дружиме и забавуваме со оваа акција. Поради мојата професија во областа на организацијата на настани и настан менаџментот, јас сум задолжена за медиумските активности.
Женски магазин- Што според вас и според вклучените во оваа акција, значи добро дело?
Маја- Убавината на оваа кампања е токму во тоа дека нема правила и услови. Добро дело е се – убав збор, мала насмевка, прегратка, коцка чоколадо, кафе со пријател, сендвич за оној кој е гладен, услуга некому кому му е навистина потребна… Добро дело е ако одвоите време и го ислушате другиот, без разлика што има да ви каже. Знаете, живееме во свет на молскавично брзи информации, во време кога чувствуваме дека немаме време ниту за себе и за најблиските а не пак за другите. Немаме трпение, нервозни сме, најчесто знаеме да викнеме непотребно. Заборавивме да чувствувам емпатија кон другиот. Бомбардирани сме со апели за помош на болни деца и луѓе, на бездомни луѓе и животни. Станавме сурови, се навикнавме на лоши вести. Колку и да ви звучи ова грдо, сепак е вистина. И во таа навика на лоши вести, заборавивме да чувствуваме емпатија. Се разбира, постојат многу хумани луѓе, организации и примери за помош, но генерално гледано повеќе сме свртени кон себе отколку кон другиот. Кампањата има за цел прво да ја подигне свеста кај луѓето за потребата од правење на добри дела а потоа и да поттикне конкретни дела. Знаете, ако навистина успееме, и барем еден процент од луѓето ни се придружат и поверуваат во идејата, во сите 85 земји, можете ли да замислите колку чинови на добрина можеме да предизвикаме?
Женски магазин- Како ќе се одбележи годинава во Скопје?
Маја- Годинава, на самиот ден 28 април (утре) ќе правиме пикник во Градски Парк на Школка и истовремено се приклучуваме на уште еден настан кој ќе се случува во исто време на исто место, а тоа настан за подигнување на свеста кај луѓето за децата заболени од аутизам организиран од Аутизам МК. Всушност, во процесот на креирање и подготовка на нашата кампања разбравме дека истовремено се подготвува уште еден настан и стапивме во контакт со организаторите. Имавме неколку опции, еден од нас да го одложи настанот, другата беше да правиме на две различни локации а третата која ние ја одбравме и е тотално нетипична за македонски менталитет, е да ги споиме двата настана во еден. Сфативме дека пораките ни се многу слични, дека целите исто така ни се блиски и ни требаа цели 10 минути да се договориме за заеднички настап. Заедничката порака со која ги повикуваме сите да ни се придружат во сабота од 10:30 до 13:00 часот е Продолжи понатаму а ветуваме дека Школка во парк ќе ја претвориме во една голема бајка.
На оној за кој сте направиле добро дело му давате картичка која тој понатаму ја дава на оној за кој ќе направи добро дело, така што таа картичка патува помеѓу луѓето со секое направено добро дело
Женски магазин- Постојат ли конкретни примери дека пораката на оваа иницијатива е успешна кај нас, прават ли луѓето вистински добри дела?
Маја- Лично можам да кажам дека јас помагам преку целата година онолку колку што се моите можности. Генерално и моите блиски пријатели се исклучително хумани луѓе. Најчесто не ги обелоденуваme нашите помагања бидејќи не сакаме да се фалиме. И клубот во кој членувам и кој стои зад акцијата е доказ дека хуманоста живее. Инер Вил во Македонија постои 15 години, има 5 клуба и дистрикт. Како доказ дека акцијата Продолжи понатаму носи моќна порака е и тоа дека секојдневно ни се приклучуваат компании, институции или поединци кои ја поддржуваат кампањата. Конкретен пример на добрина е групацијата Систина која ќе обезбеди 100 бесплатни прегледи на случајни пациенти, Бимилк која ќе подели огромен број на свои производи во рамки на кампањата, Комерцијална Банка исто има изненадувања за своите клиенти. Фабриката Европа пак, ќе направи добри дела во рамки на својата компанија, т.е. на своите вработени, што е исто така многу интересен начин да се поддржи кампањата. Групацијата Тренд се наши верни поддржувачи како минатата така и оваа година. Дел од компаниите, како Алкалоид на пример не кажуваат што подготвуваат и најавуваат изненадувања. Дел од нив ќе бидат присутни и на настанот во сабота. Сите компании кои ни се приклучија се вложија во создавање на креативен пристап и начин да се поддржи Pay it Forward!
Со оглед дека бројот на поддржувачи е навистина голем, целосната листа може да се најде на нашата Фејсбук страница https://www.facebook.com/InnerWheelClubSkopjeEuropea / каде што можат да се следат и сите наши активности.
Женски магазин-Имаат ли нашите луѓе и институции свест и интерес за ваква една акција?
Маја- Секој ден се повеќе расте свеста. Се разбира и ваквите кампањи придонесуваат за тоа. Општествената одговорност треба да биде прва на листата на приоритети на секоја компанија. Едноставно е, тие живеат и опстојуваат заради нивните клиенти и обврзно е дел да вратат во општеството. Голем број на компании водат грижа за заедницата и се општествено одговорни преку донации преку целата година. Но Pay it Forward е предизвик сам по себе. Како што кажав и погоре, пријатно сум изненадена од времето и трудот што го вложија за поддршка на оваа акција. Што се однесува до институциите, годинава добивме поддршка од Општина Центар и Општина Чаир за што сме благодарни. Ќе видиме какви добри дела тие ќе направат но сигурна сум дека што и да направат ќе биде корисно за задницата. Се надеваме дека следната година ќе имаме поддршка од повеќе институции како и од градот Скопје.
Милица Џаровска