Децата позитивно реагираат на „Говорко“: Маја Трајчова за алатката која им помага на децата со говорни потешкотии

Добивај вести на Viber

Маја Трајчова е некој кој што длабоко верува во секое дете и во неговите можности и потенцијали. Таа е мајка, терапевт и специјален едукатор во Здружението за рана стимулација, развој и игра кај деца „Креатива Исток“ . Веќе полни 16 години нејзиното секојдневие е исполнето со различни деца, некои од нив веќе се и полнолетни, а денот и поминува низ игра, константно говорење со децата, низ учење и гушкање.

-Професионално сум се нашла во различни средини, од редовно училиште каде што бев волонтер после дипломирањето, преку приватна градинка каде што беше првата група која што работеше со деца со аутистичен спектар на нарушување и други потешкотии за да на крај се основа Креатива Исток, како пракса која што е насочена кон индивидуален третман на децата со посебни потреби или одредени развојни предизвици. Во меѓувреме бев активна и како тренер на волонтерите на Мировен Корпус, како дел од бројни проекти како што е сега проектот на Отворете ги прозорците Онлајн сервисна служба итн. Во моментот сум работно вклучена и во Посебното училиште Др. Златан Сремец во Скопје, раскажува Маја која е дел од приказната за ГОВОРКО – апликација која дава поддршка на дечиња со попречен говор.

За женски магазин, Маја раскажа како настанала апликацијата Говорко, како пандемијата го смени начинот на нивната работа со дечињата со попречен говор и каде Македонија заостанува во поглед на оваа тематика.

*Како настана Здружението за рана стимулација, развој и игра кај деца Креатива Исток?

Поттикнати од еден американски окупационен терапевт кој што живееше во Македонија неколку години и кој во нас препозна потенцијал и уште поважно од се кај нас (мене и колешката Ивана Кекеновска) препозна љубов кон работата и децата се роди идејата за Креатива Исток. Креатива Исток настана ентузијастички и помалку пионерски. Креатива Исток е реализација на желбата да им бидеме достапни на што повеќе деца, да го ставиме на располагање сето наше знаење и наше искуство. Тоа е реализација на желбата да обезбедиме ран третман и стимулација на децата кои имаат посебни потреби или развојни предизвици. Можам слободно да кажам дека од тогаш па сè до денес расте и се шири влијанието кое Креатива Исток го има пред се врз децата и нивните семејства. Иако јавно можеби не сме доволно  познати, нашите активности од секогаш биле насочени кон семејствата и децата и тука го гледаме нашиот успех и причина за постоење.

*Раскажете ни нешто повеќе околу главните активности?

Нашите главни активности се директно насочени кон децата со посебни потреби, односно децата кои имаат одредени развојни потешкотии. Во таа работа ние се пронаоѓаме највеќе и таму сме најсреќни. Секојдневно нашиот тим работи со децата на развој на вештини, стекнување на одредени знаења согласно нивните потреби и потенцијали но најважно од се, секојдневно си играме и ги усреќуваме децата низ играта и работата со нив. Дел од нашите активности се насочени и кон родителите. Се трудиме секогаш да сме им достапни на родителите, да пружиме поддршка и едукација на родителите околу развојот на детето. Секогаш споделуваме практични идеи и совети на родителите како да го исполнат времето во домот на начин кој што е стимулативен за детето согласно неговите потреби и потенцијали. Нашиот центар е отворен за соработка и размена на искуства со колеги и студенти-идни колеги, па така често имаме студенти кои поминуваат одредено време во нашиот простор и се стекнуваат со основни познавања од практичната работа со децата со попреченост/развојни потешкотии. Благодарение на поддршката од Град Скопје веќе неколку години наназад реализираме практични работилници и едукации за колеги, родители и други заинтересирани лица на теми кои се наша практика и за кои сме соодветно едуцирани.

*Со какви групи на деца работите, каков е ефектот?

Поголемиот дел од децата со кои работиме се деца на рана развојна возраст, односно до третата година од животот, и еден дел се деца кои се над третата година, но тоа се наши деца со кои работиме години наназад. Во однос на проблематиката со која работиме, за жал расте бројот на деца со развојни нарушувања и нарушувања од аутистичен спектар, иако имаме и многу уникатни случаи на ретки заболувања на деца со кои работиме. Ефектот морам да кажам дека е задоволителен. Кај секое дете има промена, има напредок иако тој е многу зависен од потенцијалот на самото дете, како и од возраста на која тоа е вклучено во нашите програми. Можеме да кажеме дека имаме одредена бројка на деца кои ги достигнаа своите врсници и кои сега се типични деца во редовниот систем на образование. Дел од децата постигнаа клучни развојни достигнувања, како на пример-одење, говорење и сл. Највеќе не радува фактот што кај секое дете гледаме радост и среќа, генерално сите деца се многу среќни и опуштени и уживаат во работата во нашиот центар.


*Колку пандемијата го измени Вашиот начин на работа?

Пандемијата дефинитивно го промени нашиот начин на работа и не промени нам самите. По првата реакција на шок дека нема да можеме да работиме со физичко присуство заради наша безбедност и безбедноста на децата, сметам дека релативно брзо се адаптиравме и ја продолживме работата со децата. Нашиот пристап кон семејствата од секогаш бил пристап кој ги вклучува родителите, ние целиме да имаме едуцирани родители кои ќе имаат разбирање и познавање за состојбата и можностите на децата, па така во услови на пандемија го зголемивме учеството на родителите. Многу внимававме да не додадеме стрес на семејствата во веќе многу стресни услови, и сите заинтересирани семејства, кои беа многу на број добиваа практични, едноставни и лесно изводливи идеи како да го исполнат времето на своите деца и истовремено да го стимулираат нивниот развој. Можеме да пофалиме многу родители кои во услови на пандемија станаа поактивни и главни носители на работата со децата со посебни потреби. Овој начин на работа ќе го задржиме и во иднина со цел да можеме да помогнеме на сите оние кои физички се далеку од нас, или кои не можат да стигнат до нашите услуги.

*Што сметате дека треба да се направи повеќе за децата со пречки во развојот, во нашата земја?

Кај нас недостасува систем на поддршка на семејствата и децата со пречки во развојот. Иако имаме позитивни промени во однос на обезбедување на услуги за овие деца далеку сме од она што е потребно. Пред се потребна им е поддршка и помош на семејствата од најрана возраст на децата, обезбедување на пристап во предучилишните установи, повеќе центри за едукација и рехабилитација кои ќе бидат достапни и бесплатни за родителите, потоа подобрување на инклузијата во основното образование, со поголема вклученост на стручните лица кои се главни фактори во овие процеси.


*Од каде дојдовте на идејата за „Говорко “за децата со попреченост во говорот?

Идејата за Говорко потекнува од Здружението за Асистивна технологија Отворете ги прозорците со кои имаме соработка низ годините. Имено, целиот проект и процес започна од кај Отворете ги прозорците, тие се креаторите на идејата и благодарение на нивната соработка со ФЕИТ, се создадоа услови за реализација на Говорко. Ние сме среќни бидејќи бевме вклучени во делот на тестирање на Говорко со децата со посебни потреби. Имавме чест директно да видиме какво е и ќе биде влијанието на Говорко врз децата со посебни потреби. Среќни сме дека благодарение на колегите од Отворете ги прозорците и професорот и студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) кои беа вклучени Говорко веќе е достапен за сите семејства и деца кои имаат потреба од ваков тип на апликација.

*Како функционира апликација, објаснете ни го принципот на работа?

Комуникаторот „Говорко“ е нова апликација наменета за поддршка на деца со потешкотии во говор и комуникација. Таа може да се инсталира на мобилните телефони и други паметни уреди кои користат Android оперативен систем. Нејзината цел е реализирање на комуникација со околината и размена на информации, односно мисли, чувства и потреби. Апликацијата содржи неколку основни категории со чие одбирање се слушаат предснимени говорни пораки/искази. Секоја категорија содржи повеќе клучни поими потребни за секојдневна комуникација. Исто така во делот на поставки може да се одбере дали апликацијата ќе се преставува со симболи или слика, дали гласот ќе биде детски или на возрасен, како и дали ќе биде машки или женски глас. Корисникот-лицето со потешкотии во говор и комуникација одбира една категорија во чија рамка сака да сподели информација или да одговори на прашање и со притискање на полето со симбол или слика го слуша, односно го споделува со околината барањето, исказот или одговорот.


Во рамки на нашиот центар  Креатива Исток имавме можност и чест да ја тестираме оваа апликација со вкупно 30 деца, кои имаат потешкотии во комуникацијата. Децата со кои ја тестиравме апликацијата „Говорко“ беа невербални деца или деца со многу оскуден говор. Она што го забележавме е дека повеќето деца позитивно реагираа на апликацијата и покажаа знаци за склоност кон употреба на апликацијата за комуникација. Сметам дека има две можности за користење на апликацијата, како алатка за комуникација, но и како алатка за учење на нови зборови и поими.

*Ваши идни планови?

Многу би сакале да бидеме дел од еден современ систем на рана интервенција и стимулација, еден голем центар каде што ќе бидат достапни сите потребни услуги на децата со посебни потреби. Се надеваме дека ќе успееме во плановите и дека во иднина заедно со наши колеги истомисленици и со поддршка од соодветните фактори ќе успееме во оваа идеја. Во иднина секако планираме да продолжиме да бидеме поддршка на оние на кои им требаме, пред се децата со посебни потреби и особено на нивните родители. Се надевам ќе успееме во желбата да бидеме достапни за сите. Сметаме дека квалитетни и современи услуги за децата со посебни потреби треба да бидат навремено обезбедени, професионално организирани и достапни во секоја смисла. 


Д.К.- И.С