Мајка ми ме родила во 40-тата, имам 31 година и дознав зошто е подобро да имате деца подоцна: Никој не зборува за ова

Софи Кецман, автор на текстот „Родителите ме добија кога имаа над 40 години. Сега знам дека е придобивка да имаш деца подоцна“ за „Инсајдер“ напиша колумна за стигматизирањето на жените кои решаваат да имаат деца после триесетата и кои се, според нејзиното мислење, предностите од раѓањето деца во подоцнежните години.

„Овој месец наполнив 31 година, што е една година повеќе од статистиката која вели дека жените во Америка обично добиваат деца до триесетата. Мајка ми имаше 40, а татко ми 45, што е далеку над просекот, кога јас се родив во 1992 година.

Освен што бев изненадена што моите родители беа 10-15 години постари од родителите на моите пријатели, не размислував премногу за нивната возраст додека растев.

Открив дека има позитивни страни во одложувањето на родителството.

Сакав да имам деца пред триесеттите, но моето мислење се смени. Стигмата околу „постарите родители“ не е присутна како порано. Имаме славни личности кои имаат деца во седумдесеттите години, а во Њујорк често ќе сретнете луѓе кои веќе наполниле четириесет и го добиле своето прво дете.

Имањето постари родители имаше големо влијание врз мене, пред сѐ затоа што бев изложена на мрежа на генерации кои имаат одлични совети и ми беа голема инспирација. Моите постари браќа и братучеди се десет години постари од мене, па кога бев помлада наидов на сосема поинаков начин на живот. Благодарна сум за моето детство и за тоа што сум опкружена со остварени и возрасни луѓе кои ме обликуваа таква каква што сум.

Покрај мудроста, ги доживеав и придобивките од успехот на моите родители, бидејќи тие до тој момент се остваруваа професионално. Имаа заштеди и финансиска стабилност.

Патувавме, научивме да скијаме и ми дадоа можност да одам на танцување, часови по пеење и спортување. Моите родители немаа никакви финансиски проблеми. Тие беа во фаза од животот каде што не треба да се грижат за заштедите и заемите. Имам 31 година и сѐ уште работам финансиски да се стабилизирам, професионално да се остварам и да обезбедам добра иднина на моите деца.

Тие секогаш беа тука за мене

Моите родители беа секогаш присутни. На прстите од раката можам да избројам колку пати сум била оставена на нечија грижа. Во моите тинејџерски денови, кога бев навистина напорна и неподнослива, штета што немаа повеќе контакти. Се сеќавам дека ја прашав мајка ми зошто секогаш беа таму затоа што родителите на моите пријатели имаа активен социјален живот.

„Во таков живот ги поминав моите дваесетти и триесетти. Не сакам повеќе“, ми рече мајка ми. Наместо да излегуваат и да се дружат, тие се фокусираа да ми помогнат во училиштето и да бидат тука за мене.

Кога ме добија моите родители, живееја по принципот „не ни е гајле што мислат другите“. Никогаш не ги споредувале своите деца со други или со деца на блиски роднини. Најважно им беше да сме добри и да пораснеме во добри луѓе.

Многу мои врсници имаа деца во дваесеттите и раните триесетти, а јас не чувствувам потреба да го правам истото. Не постои вистинско време да имате дете и ништо не може да ве подготви за она што ви претстои. Од моите родители научив дека треба да имаш деца кога ќе почувствуваш дека е вистинското време, без разлика колку години имаш или колку е националниот просек.


Фото: фреепик

Извор: Инсајдер