„Мајка ми позајмуваше пари од лихвари за да ми удоволи … криво ми е што не успеав да ѝ вратам“: Панчо искрено за животот без татко му кој починал од леукемија

Добивај вести на Viber

Пејачот и Дј Владимир Блажев познат за пошироката јавност како Панчо од ДНК, е еден од ретките на македонската естрада кој отворено зборува за својот живот, како од најраното детство така и за сето она што денес зема сè поголем замав, анксиозноста. За среќа лошите периоди се зад него, денес е еден од најуспешните музичари кај нас со повеќе од 20 години кариера, но и покрај се, тој често зборува за непријатните мигови од минатото, се со цел да ја сподели болката со сите оние кои поминуваат низ истите животни искушенија.

Неодамна во поткастот на Лазаров, тој зборуваше за животот и борбата на неговата мајка да ги задоволи неговите потреби додека растел. На прашањето, како гледа на детството без татко тој искрено одговори:

„Јас него не го ни паметам искрено да ти кажам, татко ми почина од леукемија. Мајка ми мѝ беше и мајка и татко и Господ … се заедно, немаш закрила и заштита. Друго е кога ќе кажеш сега ќе те кажам на татко ми, јас што ќе кажам сега ќе те кажам на мајка ми … Сме немале пари, ама мајка ми наоѓала начини, земала од лихвари, се позајмувала од другари, пријатели па враќала, за да ми угоди мене. Единствено што ми е многу жал што не дочекав да и вратам и да и овозможам се, за она што направила за мене. Таман почнавме да се развиваме добро она се разболе … И кога велат време лекува се, да, може малку помалку те боли, ама сè уште ми фали, често знам да заплачам …“, изјави Панчо.

Под објавата многу фанови и следбеници на Панчо ги споделија своите приказни, а илјадници му пружија поддршка за искреноста и битката која и денес ја води сам со себе по загубата на родителите.

Р.Ж.М.