МАЈСТОРИ ЗА ХИТОВИ: Приказната на Магдалена и Лазар Цветкоски

Добивај вести на Viber

Тие се брат и сестра, автори кои промовираат урбан звук, а талентот го наследиле од татка си кој цел живот бил музичар. Нивно дело е и актуелниот хит на Лозано, песната „Километри“

Работат од срце и се радуваат на секој успех. Таа се прослави со поранешниот женски состав „Форплеј“, а со својот моќен и специфичен вокал продолжи и самостојна кариера. Тој, пак, е еден од најуспешните млади продуценти и композитори, автор со евровизиско искуство и мултиинструменталист. Магдалена и Лазар Цветкоски се еден од најангажираните креативни тандеми на домашната сцена. Барем една нивна тема досега имаат отпеано речиси сите звучни имиња на македонската естрада. Едногласни се дека секој има свој стил, вкус и различни погледи како треба да звучи музиката, но дека најважно е публиката да ја почувствува емоцијата. Најново од нивната музичка работилница е актуелниот хит на Влатко Лозаноски, песната „Километри“.

Со Лозано на последното издание на „МАРС“ кога за апсолутен радиски хит беше прогласена нивната нумера „Ова лето ќе се памти“



Цветкоски отсекогаш биле поврзани со песната, а талентот го наследиле од татка си кој цел живот бил музичар.

- Нашиот татко беше одличен музичар и човек кој ја сакаше музиката и ни ја пренесуваше секој ден. Неговото знаење и искуство ни го пренесе и тоа е нешто што никогаш никој не може да ни го земе. Неговото мото беше дека музиката мора да се работи од срце, од душа да се свири, пее и компонира, зошто само вистинската музика може да допре до секој човек што ќе ја слушне–раскажаа тие пред четири години.

Баладата „Нисам те због лепоте волео“ ја напишаа специјално за Жељко Јоксимовиќ

Низ годините се соочувале со тешки животни предизвици, но, како што изјавија во една прилика, ги пребродиле со помош и поддршка од семејството и од вистинските пријатели.

- За композицијата да биде добра мора да има многу емоции во истата. Музика без емоции не е музика. Инспирација може да биде буквално сè. Најубавите мелодии, теми и аранжмани доаѓаат спонтано, без притисок и кога најмалку очекуваш – објасни Лазар во едно интервју.

Иако Скопје е центарот на естрадните случувања, нивната база е во Тетово. Таму имаат повеќе време и приватност за креативно да се посветат на тоа што го работат.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов