Македонија инспирација за изложба во националниот музеј во Бразил
„Тоа е магично место, за мене посетата на Преспанското Езеро, боите на зајдисонцето на езерото, розовото небо го обзема погледот. И патувајќи ноќе од Скопје до Битола и гледајќи ги планините на темното небо, такви убави зелени и виолетови бои никогаш нема да ги заборавам”.
“Секогаш кога имам можност разговарам со другите за Македонија. Навистина ми недостасуваат македонските вина, вкусните сирења, сочни домати, љубезни и весели лица, прекрасни пејсажи и топло гостопримство. Би сакал да се вратам и да ги однесам таму и да ги видам моите пријатели како маѓепсани со вашата земја како и јас“. Ова се само дел од впечатоците на уметниците Вилсон Нето и Даниел Частинет, кои во Бразил инспирирани од посетата на нашата држава, ја презентираа изложбата „Македонија“, пред љубителите на уметноста.
Куратор на истата е Алдонсо Паласио и се изложува во најважниот музеј на визуелни уметности во главниот град на Бразил. Уметниците по посетата на Битола во 2019 тата година, своите впечатоци, искуства и спомени, се одлучија да ги преточат во уметнички дела.
Истите се резултат на синергијата која започна во необичен пејзаж и култура, а продолжи во ликовна поезија. Имено уметниците беа дел од ликовната колонија Де Ниро и воодушевени од гостопримливоста на домаќините, на Драги Филевски и неговото семејство, како што ни изјавија, сакаа да ја покажат нивната благодарност и нивните емоции преку создавањето на ликовните дела.Оваа културна размена се издвои по својот пионерски дух, бидејќи за прв пат јужноамерикански уметници учествуваа во ваков проект во Македонија. Тоа беа денови на интензивна размена на знаења, практики, методи и уметнички искуства. Идејата била да се истражат точките на усогласеност помеѓу визуелните наративи на уметниците и релевантноста на Македонија како еден од центрите на мултикултурализмот на Балканот, кој во последните децении ја воспостави својата културна, економска и политичка независност, издвојувајќи се на меѓународно ниво и беше призната за нејзината уникатност.
„После враќањето од уметничката колонија во Битола, се одлучивме да насликаме неколку уметнички дела базирани врз нашето искуство, направивме и неколку фотографии како и цртежи од нашите патувачки дневници“, ни изјави Вилсон.
Другиот уметник Даниел ни истакна:
„Морам да кажам дека Македонија е одлично место за посета и ни остави толку убави впечатоци што моравме на некој начин да ги пренесеме на платно. Научивме многу при посетата на оваа држава за гастрономијата, културата, религијата, архитектурата и има што да се види, Македонија е магична држава“.
При посетата во Битола, уметниците ги посетиле и Охрид, Преспа, Цапари, се запознавале со убавините на Македонија, со храната, со музиката. На изложбата се изложени 23 дела, изработени во акрил темпера и пастел, плус фотографии и белешки на уметниците.
Со портретирање на Македонија, уметниците создаваат хаотична фикција, ги изложуваат нивните сопствени суштини и нè повикуваат да патуваме заедно со нив во нивната одисеја низ спомените за нашата држава. Следната година се планира изложбата да биде презентирана во Софија, Бугарија и во Македонија.
В.Н.- Штом пристигнавме од Македонија, јас и Даниел Частинет решивме заедно да ги насликаме нашите спомени од деновите што ги поминавме во Битола за време на ликовната колонија Де Ниро. Бевме толку импресионирани што единствениот начин да ги изразиме нашите чувства беше преку нашата уметност. Така, неколку месеци сликавме врз основа на некои фотографии што ги направивме и направивме спој на спомени и фикција.
Д.Ч.- Можам да кажам дека нашата изложба е љубовно писмо до земјата, тоа беше толку одлично место за посета/престој што остави кај нас потреба повторно да го посетиме преку нашите слики.
* Што научивте за време на вашата посета за македонската култура?
В.Н.- Пред да заминам во Македонија, немав поим каде е оваа прекрасна земја бидејќи кога бевме на училиште учевме за неа како дел од Југославија, па кога бев поканет на ликовната колонија, веднаш на Google ја проверив точната локација, носиите, јазикот, храната и сл. Штета е што, нема достапни португалски туристички водичи во Бразил за Македонија. Проучив многу пред да дојдам читајќи некои блогови или дневници за патувања достапни на интернет. Битола беше посебно изненадување за мене, голем контраст на античка, стара и модерна култура, носии и голем контраст во споредба со Бразил.
Д.Ч.- Бев поканет на ликовната колонија Де Ниро. Македонија не е вообичаена дестинација за Бразилците. Бев многу заинтригиран да дознаам повеќе за земјата. Научив доста за историјата на земјата, гастрономијата, културните промени низ вековите, луѓето, религијата, архитектурата. И многу повеќе, има што да се види се надевам во некоја идна посета.
* Колку Македонија за вас е инспиративна земја? Кои места ги посетивте?
В.Н.- Господинот Драги Филевски ни обезбеди секојдневна извонредна македонска храна, за да вкусиме традиционална храна, имавме контакт со традиционалната и современата македонска музика и секако ги посетивме убавите места како Охрид, Преспа и селото Цапари. За мене тоа беше огромно влијание, бидејќи е многу сложено да се разбере како модерна Македонија е формирана од толку многу антички култури, различни јазици, религии, носии, инвазии и влијанија и како оваа земја се бори да постави цврст идентитет во кој ќе застане во 21от век.
Мислам дека оваа огромна мешавина од се, сложена загатка наречена Македонија е совршена инспирација за нашата уметност. Даниел е поинтроспективен во својата уметност, сака внимателно да набљудува, да црта ситни детали во тетратката и да работи на мали слики полни со искривувања и сложени сцени. Јас сум поинаков.
Сакам да ги оставам рацете да размислуваат наместо мене, сакам апстрактни форми и „провоцирам несреќи“ додека сликите ја губат контролата врз мојот првичен план за правење уметност. Можеби овој предизвик, да се обединат два спротивни начини на правење уметност беше возможен само затоа што ја делевме истата желба да направиме изложба како една своевидна почит за Македонија.
Д.Ч.- Македонија е едно магично место, за мене посетата на Преспанското Езеро, боите на зајдисонцето на езерото, розовото небо го обземаат погледот. И патувајќи ноќе од Скопје до Битола и гледајќи ги планините на темното небо, такви убави зелени и виолетови бои што никогаш нема да ги заборавам.
* Каде ќе патува изложбата после Бразил?
В.Н.- Веднаш штом ќе ја завршиме оваа изложба во Бразилија, планираме да ја прикажеме во Форталеза, нашиот роден град, можеби во првата половина од 2022 година и бевме поканети од бразилската амбасада во Софија да ја прикажеме и таму, на прославата на 200-годишнината од независноста на Бразил.
Се планира да се прикаже во Македонија и во 2022 година, ќе видиме. Ако работите се подобрат со оваа ситуација со вирусот, можеме слободно да патуваме.
* Која порака сакавте да ја пренесете на посетителите на изложбата?
В.Н.- Можеби пораката е за пријателството, гостопримството и благодарноста. Сè што добиваме мораме да споделиме за да продолжиме да добиваме и донираме, тоа може да биде љубов, уметност или материјални работи. Бидејќи материјата е направена од божествена енергија штом ќе го разберете овој универзален закон, мора да продолжите да го практикувате. Работевме многу на тие слики, сите наши пораки се таму. Претпочитаме луѓето сами да ги толкуваат. Не е фер да даваме сопствено објаснување бидејќи понекогаш сум против толкувањето. На луѓето секогаш им биле потребни повеќе слики отколку зборови.
Д.Ч.- Дури и ако останете на ова место само неколку денови, тоа може да допре до вашето срце доколку го држите отворено.
* Би им препорачале ли на вашите пријатели да ја посетат Македонија?
В.Н.- Секогаш кога имам можност разговарам со другите за Македонија. Навистина ми недостасуваат македонските вина, вкусните сирења, сочни домати, љубезни и весели лица, прекрасни пејсажи и топло гостопримство. Би сакал да се вратам и да ги однесам таму и да ги видам моите пријатели како маѓепсани со вашата земја како и јас.
Д.Ч.- Секако! И јас би препорачал да се направи диета пред да се оди во Македонија затоа што храната таму е одлична, не може да се одолее.
Изложбата ќе биде поставена во националниот музеј во Бразил до 6 ти февруари 2022.
Неда Маретиќ